(продолжува од претходниот ден) Оние што се подбивале на неговите зборови дека е Божји Син, сега се неми. Тука е горделивиот Ирод кој го исмевал неговото царско име и им заповедал на војниците кои му се подбивале да го крунисаат како цар. Тука се истите оние луѓе кои со своите безбожнички раце го облекле во црвена облека, кои ставиле на неговото свето чело трнов венец, а во неговите раце подбивна палка и кои се клањале пред него изговарајќи богохулни зборови. Луѓето што го удирале и го плукале Царот на животот сега се кријат од неговиот прониклив поглед и сакаат да побегнат од големата слава на неговото присуство. Оние што ги приковале неговите раце и нозе со клинови и војникот што ги пробол неговите ребра, овие знаци ги гледаат со страв и со грижа на совеста.
Со ужасна јасност свештениците и старешините се сеќаваат за настаните на Голгота. Морничаво и со ужас си споменуваат како со сатанска радост ги вртеле главите и му довикувале: „Спасуваше други, а не може да се спаси себеси. Ако е Тој цар јудејски, нека слезе од крстот па ќе му поверуваме! Тој се надеваше на Бога, нека го избави сега, штом толку го љуби“ (Матеј 27,42.43).
Живо си споменуваат за споредбата на Спасителот за лозарите што одбиле да му го предадат на својот господар плодот на лозјето, кои ги малтретирале неговите слуги и го убиле неговиот Син. Си споменуваат исто така и за зборовите што самите ги изговориле: Господарот на лозјето „злосторниците ќе ги погуби“ (Матеј 21,41). Во гревот и казната на тие неверни луѓе свештениците и старешините ја гледаат својата сопствена постапка и својата лична праведна осуда. И сега се слуша извик на смртен страв. По силно од извикот: „Распни го, распни го!“, кој се разнесувал низ улиците на Ерусалим, се слуша страшен и очаен лелек: „Тој е Син Божји! Тој е вистински Месија!“ Тие настојуваат да побегнат од присуството на Царот над царевите. Напразно се обидуваат да се скријат во длабоките пештери на земјата што се создале сред нарушувањата на елементите во природата.
Во животот на сите што ја одбиваат вистината има мигови кога совеста ќе се разбуди, кога сеќавањето ги изнесува на виделина мачните спомени на животот полн со лицемерство, а душата ја мачи залудно каење. Но што е сето тоа споредено со грижата на совеста во оној ден кога „несреќа како бура ќе ве потопи и пропаст како виор ќе ве зграби, кога тешка мака ќе ве уништи“ (Мудри изреки 1,27). Оние што решиле да го убијат Христа и неговиот верен народ, сега ја гледаат славата што ги опкружува. Среде своите стравотии тие ги слушаат гласовите на светите во радосен фалбоспев: „Ете, Тој е нашиот Бог, во него се надевавме, Тој нè спаси“ (Исаија 25,9).
Среде лулањето на земјата, молскањето на молњите и татнежите на громовите, гласот на Божјиот Син ги повикува светите што спијат. Тој својот поглед го насочува кон гробовите на праведниците и тогаш, подигајќи ги рацете кон небото, извикнува: „Разбудете се, разбудете се, разбудете се, вие, што спиете во правот и станете!“ По целата Земја мртвите ќе го слушнат овој глас и, оние што ќе го чујат, ќе оживеат. Сега земјата татни од чекорите на огромното мноштво од секое племе, колено, јазик и народ. Тие доаѓаат од темнината на смртта, облечени во бесмртна слава, триумфирајќи: „О гробе, каде ти е победата? О смрт, каде ти е осилото?“ (1. Коринќаните 15,55). А живите праведници и воскреснатите свети, своите гласови ги соединуваат во долг, радосен триумф на победа.
Сите излегуваат од своите гробови исти по раст како што влегле во него. Адам, кој стои среде воскреснатото мноштво, се истакнува по височина и по својот величествен изглед, по раст само малку понизок од Божјиот Син. Неговата става покажува очигледна разлика со луѓето од подоцнежните поколенија; тука се гледа колку човечкиот род се дегенерирал. Но сите стануваат со свежина и сила на вечна младост. Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик не само по карактерот, туку и по ликот и по изгледот. Гревот ја расипал божествената слика во човекот и речиси ја избришал. Но Христос дошол пак да го воспостави она што е загубено. Тој ќе го преобрази нашето понижено тело и ќе го направи слично на своето прославено тело. Смртното, распадливо тело, лишено од убавината, некогаш опогането со грев, станува совршено, убаво и бесмртно. Сите мани и недостатоци се оставени во гробот. Бидејќи ќе имаат пристап кон плодовите на дрвото на животот од долго загубениот Едем, откупените ќе растат (Малахија 4,2) до мерата на висината на човечкиот род во неговата првобитна слава. Ќе бидат отстранети последните преостанати траги на проклетството на гревот, а Христовите верни ќе се појават во слава на нашиот Господ Бог, одразувајќи го совршениот лик на својот Господ со умот, со душата и телото. О прекрасен откуп, за кој толку долго сме разговарале, сме се надевале, сме размислувале, и толку топло сме го очекувале, но кој никогаш не сме го сфатиле потполно!
Живите праведници „наеднаш, за миг“, се преобразени. Со Божјиот глас тие се прославени; сега стануваат бесмртни и со воскреснатите свети се земени во пресрет на Господа на небото. Ангелите ги собираат „своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото“ (Марко 13,27). Малечките деца светите ангели ги носат во прегратките на нивните мајки. Пријателите, кои толку долго ги разделила смртта, пак се соединети за никогаш повеќе да не се разделат и со радосни песни се искачуваат заедно во Божјиот град. (продолжува)