Библијата – наша заштита (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога Христос дошол да ја проповеда Речта на животот, обичниот народ со задоволство го слушал, па дури и многу свештеници и старешини верувале во него. Но поглаварот свештенички и водачите на народот решиле да ја презрат и да ја отфрлат неговата наука. Иако им пропаднал сиот труд да најдат против него причини да го обвинат, иако го чувствувале влијанието на божествената сила и мудрост со која биле вдахнати неговите зборови, сепак, потклекнале пред своите предрасуди: ги отфрлиле најјасните докази за неговата месијанска служба, зашто инаку би биле присилени да станат негови ученици. Овие Исусови противници биле луѓе кои народот уште од своето детство бил научен да ги почитува и безусловно да се клања пред нивниот авторитет. „Зошто“, се прашувале тие, „нашите старешини и мудри книжевници не веруваат во Исуса? Зар овие побожни луѓе не би го примиле кога Тој навистина би бил Христос?“ Единствено влијанието на овие учители го завело еврејскиот народ да го отфрли својот Откупител.

Духот што ги поттикнувал овие свештеници и старешини сè уште е присутен кај мнозина кои се фалат со својата побожност. Тие одбиваат да го испитуваат сведоштвото на Светото писмо за оние посебни вистини што го карактеризираат ова време. Тие укажуваат на својата многубројност, на богатството и угледот, а го омаловажуваат малечкиот број бранители на вистината како незначителни, сиромашни и неугледни луѓе кои имаат вера што ги одделува од светот.

Христос однапред видел дека горделивото присвојување на власта од страна на книжевниците и фарисеите нема да престане со расејувањето на Евреите. Со своето пророчко око Тој го гледал издигнувањето на човечката власт која ќе сака да владее над совеста, што за црквата во сите времиња било страшно проклетство. Неговото тешко обвинување против книжевниците и фарисеите, како и неговата опомена упатена до народот да не ги следи овие водачи, забележани се како совет за идните поколенија.

Римската црква го ограничува правото на толкување на Светото писмо само на свештенството. Потпирајќи се на тоа дека само црквата е способна да ја толкува Божјата реч, таа му ја одзема Библијата на обичниот народ. Иако реформацијата на сите им го дала Светото писмо, сепак, ова самоволно начело, што потекнува од Рим, мнозина од протестантите задржува да го проучуваат Светото писмо за себе. Од нив се бара неговото учење да го прифатат онака како што го толкува црквата. Илјадници не се осмелуваат да примат ништо што е противно на нивното верување или на утврденото учење на нивната црква, без оглед колку е тоа јасно изнесено во Светото писмо.

Иако Библијата е полна со опомени против лажните учители, сепак, мнозина се подготвени спасението на своите души да му го доверат на свештенството. Денеска постојат илјадници христијани по име кои не можат да наведат никаква друга причина за своето верување освен дека така се научени од своите верски водачи. Тие поминуваат покрај науката на Спасителот не обрнувајќи никакво внимание на неа, а имаат безусловна доверба во зборовите на своите свештеници. А дали тие се непогрешни? Како можеме нашите души да ги ставиме под нивно водство, освен ако од Божјата реч дознаеме дека тие навистина се носители на светлината? Недостигот на морална храброст да отстапат од разгазените патеки на светот мнозина заведува да одат по стапките на учените луѓе. Бидејќи не сакаат сами да истражуваат, конечно ќе бидат фатени во мрежите на заблудите. Тие гледаат дека вистината за ова време е јасно изнесена во Библијата и ја чувствуваат моќта на Светиот Дух што го придружува нејзиното проповедање, па сепак, дозволуваат, поради противењето на свештенството, да бидат одвоени од светлината. Иако умот и совеста се осведочени, сепак, овие заслепени души не се осмелуваат да мислат поинаку од нивните духовни водачи, и своето лично мислење, своето вечно добро им го жртвуваат на неверувањето, на горделивоста и на предрасудите на другите.

Има многу начини со кои се служи сатаната со помош на човечкото влијание да ги врзе своите робови. Тој задржува илјадници такви врзувајќи ги со фини врски на љубов кон непријателите на Христовиот крст. Каква и да е оваа врска, било да е родителска, синовска, брачна или пријателска, последиците се исти. Противниците на вистината ја употребуваат својата сила за да владеат над совеста, а душите, држани под нивна власт, немаат доволно храброст или самостојност да го слушаат своето лично чувство на должност.

Вистината и вистинското прославување на Бога се неразделни. Не е можно човек, кој се придржува кон Светото писмо, Бога да го почитува на погрешен начин. Мнозина тврдат дека не е важно во што некој верува, само ако неговиот живот е исправен. Но животот се формира со она во што веруваме. Ако вистината и светлината ни стојат при рака, а ние занемаруваме да ги слушаме и да ги разбереме, тогаш навистина ги отфрламе; ја бираме темнината наместо светлината.

„Има патишта кои на некои луѓе им изгледаат прави, но нивниот крај во смрт води“ (Мудри изреки 16,25). Незнаењето не ја оправдува заблудата или гревот кога ни е дадена секоја можност да ја запознаеме Божјата волја. Човекот патува и доаѓа до местото каде што се разминуваат патиштата, но патоказот му кажува каде води секој од нив. Ако тој го игнорира патоказот и ако појде по пат што нему му се чини вистински, сепак, колку и да е искрен, навистина ќе се најде на погрешен пат. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest