(продолжува од претходниот ден) Бог ни ја дал својата Реч за да се запознаеме со нејзиното учење и самите да дознаеме што бара Тој од нас. Кога еден книжевник дошол кај Исуса со прашањето: „Што треба да правам за да наследам вечен живот?“, Спасителот го упатил на Писмото со зборовите: „Што е напишано во Законот? Што читаш?“ (Лука 10,25.26). Незнаењето нема да го оправда ниту стариот ниту младиот, ниту ќе ги ослободи од казната што го повлекува по себе престапот на Божјиот закон, зашто имаат верна слика на овој Закон, на неговите начела и барања. Не е доволно да имаме добри намери; не е доволно да го правиме она што се смета за исправно или затоа што оној кој проповеда кажува дека тоа е право. Во прашање е спасението на нашата душа и затоа Светото писмо секој мора да го истражува за себе. Колку и да е силно нашето убедување, колку и да сме уверени дека оној што проповеда знае што е вистина, сето тоа не смее да биде наш темел. Ние имаме карта на која се означени сите патокази на патот кон небото и не треба ништо да погаѓаме или да претпоставуваме.
Прва и најголема должност на секое разумно суштество е да дознае од Светото писмо што е вистина и потоа да живее според светлината и други да храбри да го следат неговиот пример. Ние треба секој ден Библијата марливо да ја проучуваме, да се задлабочуваме во секоја нејзина мисла и да споредуваме стих со стих. Со Божја помош ние мораме сами да го формираме нашето мислење, зашто пред Бога ќе одговараме сами за себе.
Најјасните откриени вистини во Библијата учените луѓе ги завиткале во сомневање и темнина. Правејќи се дека имаат голема мудрост, тие учат дека Светото писмо има мистично, таинствено и духовно значење што не е јасно изразено со човечки јазик. Овие луѓе се лажни учители. Ним Исус им рекол: „Не ги знаете ни Писмата, ниту Божјата сила“ (Марко 12,24). Јазикот на Библијата треба да се толкува според неговото очигледно значење, освен ако се употребени некои симболи или слики. Христос дал ветување: „Оној што сака да ја исполнува неговата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога“ (Јован 7,17). Кога луѓето би сакале да ја примат Библијата онака како што таа гласи, кога не би имало лажни учители да ги заведуваат и да ги збунуваат нивните мисли, би се извршувало дело што би ги израдувало ангелите, а безброј илјадници, кои талкаат во заблуди, би дошле во Христовото стадо.
При проучувањето на Библијата ние треба да ги употребиме сите наши духовни сили и да го напрегнеме умот за да ги сфатиме длабоките небесни стварности во онаа мера колку што им е можно тоа на смртните луѓе. Но не смееме да заборавиме дека детската послушност и покорност се вистински белези на ученикот. Библиските тешкотии не можат никогаш да се совладаат на ист начин со кој се служиме при испитувањето на филозофските проблеми. Ние не смееме да се впуштиме во проучување на Библијата со онаа самоувереност со која мнозина пристапуваат кон проучување во областа на науката, туку со молитва и со доверба во Бога и со искрена желба да ја запознаеме неговата волја. Мораме да дојдеме со понизен и послушен дух за да го запознаеме големиот ЈАС СУМ. Во спротивно лошите духови во толкава мера ќе го заслепат нашиот ум и ќе го стврднат нашето срце, што вистината не ќе може да остави врз нас никаков впечаток.
Многу делови на Светото писмо што учените луѓе ги сметаат за тајна, или преминуваат преку нив како преку нешто безначајно, полни се со утеха и со поуки за оној што се поучува во Христовата школа. Една од причините зошто многу теолози не ја сфаќаат појасно Божјата реч е таа што ги затвораат очите пред вистините што не сакаат да ги спроведуваат во својот живот. Разбирањето на библиските вистини не зависи толку од интелектуалната моќ на оној што проучува колку од искрените намери и од сериозната желба за праведност.
Библијата никогаш не смее да се проучува без молитва. Само Светиот Дух може да ни помогне да ја сфатиме важноста на оние работи што лесно можат да се разберат и да нè сочува од извртување на оние точки на вистината што тешко се сфаќаат. Службата на небесните ангели се состои во тоа да ги подготват нашите срца за да ја разбереме Божјата реч, да бидеме одушевени со нејзината убавина, предупредени со советите и охрабрени и засилени со ветувањата што се наоѓаат во неа. Молбата на псалмистот: „Отвори ми ги очите за да ја гледам красотата на твојот Закон“ (Псалм 119,18), треба да биде и наша молба. Искушенијата често се чинат непреодоливи затоа што се занемарува молитвата и проучувањето на Библијата и што оној кој е подложен на искушение не може веднаш да се сети на Божјите ветувања за да го пречека сатаната со библиското оружје. Но ангелите постојано се наоѓаат околу оние што се подготвени да бидат поучени на божествените работи и во мигот кога имаат голема потреба тие ќе ги потсетат токму на вистините што им се потребни. Така, „кога непријателот ќе надојде како река, Духот Господен ќе го натера на бегство“ (Исаија 59,19).
Исус им ветил на своите ученици: „А Утешителот, Духот Свети, кого Отецот ќе го прати во мое име, Тој ќе ве научи на сè и ќе ве потсети на сè што ви зборував“ (Јован 14,26). Но Христовата наука мора порано да се втисне во нашето сеќавање за Божјиот Дух да може во мигот на опасност да нè потсети на неа. „Во срцето свое ја затворив речта твоја“, рекол Давид, „за да не ти грешам“ (Псалм 119,11). (продолжува)