„Закон и сведоштво барајте. Оној што не зборува така, за него нема зора“ (Исаија 8,20). Божјиот народ е упатен на Светото писмо како заштита против влијанието на лажните учители и заводничките сили на духовите на темнината. Сатаната применува секакво лукавство луѓето да ги спречи да се здобијат со знаење од Библијата, зашто нејзиното јасно учење ги открива неговите измами. Секое оживување на Божјето дело го поттикнува кнезот на злото кон поголема активност. Тој сега ги вложува последните напори за завршната битка против Христа и неговите следбеници. Наскоро пред нас ќе се покаже последната голема измама. Антихрист пред нашите очи ќе прави чуда. Она што ќе го имитира тој ќе биде толку слично со вистинското, што не ќе може да се разликува едното од другото, освен со помош на Светото писмо. Секое тврдење и секое сторено дело мора да се испитаат со сведоштвата на Писмото.
Оние што се трудат да ги држат Божјите заповеди ќе бидат замразени и исмевани. Тие можат да опстанат само во Бога. За да можат да ги издржат искушенијата што ќе дојдат, мора да ја разберат Божјата волја онака како што е откриена во неговата Реч. Тие можат Бога да го почитуваат само тогаш ако правилно го сфатат неговиот карактер, неговото владеење и неговите намери и ако живеат сообразно со нив. Последната голема битка ќе можат да ја издржат само оние кои своите души ги засилиле со вистините на Библијата. Секој поединец ќе стои пред прашањето: дали повеќе ќе го слуша Бога или човек? Решавачкиот час сега е пред врата. Дали нашите нозе се втемелени на карпата на непроменливата Божја реч? Дали сме подготвени цврсто да застанеме во одбрана на Божјите заповеди и на верата Исусова?
Пред своето распнување Спасителот им рекол на своите ученици дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне од гробот; ангелите биле присутни за неговите зборови да ги втиснат во срцата и во душите на учениците. Но учениците очекувале слобода од римскиот јарем и не можеле да ја поднесат помислата дека Оној, во кого се надевале, ќе мора да претрпи толку срамна смрт. Зборовите на кои требало да се потсетат исчезнале од нивното сеќавање и времето на искушението ги нашло неподготвени. Исусовата смрт во толкава мера ги уништила нивните надежи, како никогаш Тој да не им укажал на неа. Така и нам во пророштвата ни е откриена иднината исто толку јасно како што им била откриена на учениците со Христовите зборови. Настаните што се поврзани со крајот на времето на милоста и со делото на подготовката за времето на неволјата јасно ни се изнесени. Но постојат илјадници такви кои не ги сфаќаат овие важни вистини, како никогаш да не им биле откриени. Сатаната будно внимава за да отстрани од нив секакво влијание што би можело да ги вразуми за спасение; така времето на неволјата ќе ги најде неподготвени.
Кога Бог на светот му праќа толку важни опомени, што се претставени со ангели кои летаат среде небото и ги објавуваат, тогаш Тој бара од секое разумно суштество будно да внимава на веста. Страшните судови што ќе бидат изречени против оние што ќе му се клањаат на ѕверот и на неговата икона (Откровение 14,9-11) треба сите да ги поттикнат кон трудољубиво проучување на пророштвата за да дознаат што е жиг на ѕверот и како можат да избегнат да го примат. Но мнозинството луѓе ги одвраќаат ушите да не ја слушнат вистината и се обраќаат кон прикаски. Апостол Павле за последните денови рекол: „Оти ќе дојде време кога луѓето не ќе го поднесуваат здравото учење“ (2. Тимотеј 4,3). Тоа време веќе дошло. Луѓето не ја сакаат библиската вистина бидејќи таа им се противставува на желбите на грешното срце што го љуби светот, а сатаната им нуди измами што тие ги сакаат.
Но Бог на земјата ќе има свој народ кој ќе внимава на Библијата, и само на Библијата, како мерило на сите науки и темел на секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту тврдењата на науката, ниту верските догми или одлуки на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството ниту едно од ова, ниту сите заедно не можат да се сметаат како доказ за или против која и да е точка на верата. Пред да примиме која било наука или пропис, треба да се увериме дека е во согласност со она јасното: „Така кажува Господ!“
Сатаната постојано настојува вниманието да го насочи кон човека наместо кон Бога. Тој ги заведува луѓето да ги гледаат бискупите, свештениците и професорите по теологија како свои водачи, наместо да го истражуваат Светото писмо со цел самите за себе да ја дознаат својата должност. Тогаш, управувајќи се според умот на овие водачи, тој може по своја волја да влијае врз народот. (продолжува)