(продолжува од претходниот ден) „Можеби немало ниту една генерација во Франција во текот на тој долг временски отсек која не би била сведок за тоа како учениците на евангелието бегаат пред бесот на своите прогонувачи. Тие со себе го понеле своето знаење, својата вештина, својата трудољубивост и смисла за ред, во што редовно се истакнувале, и со тоа ги збогатувале земјите што им укажале гостопримство, а сето тоа одело на штета на Франција. Кога сите тие што биле протерани би останале во Франција; кога со своите способности во своите занаети би ја збогатувале својата земја; кога за овие три века нивната вештина во работата би била искористена во разни дејности во татковината; кога нивниот творечки дух и истражувачки ум би ја збогатиле нејзината литература и наука; кога нивната мудрост би управувала со собранијата и нивната храброст би ги раководела битките; кога нивната праведност би создавала закони и кога религијата на Светото писмо би го засилувала умот и би управувала со совеста на нејзиниот народ колкава би била славата на Франција! Таа денеска би била голема, напредна и среќна земја пример на другите народи!
„Но лицемерниот и слеп фанатизам го истерал од земјата секој учител на доблестите, секој борец за ред, секој честит заштитник на престолот; тој им зборувал на луѓето кои сакале и можеле својата земја да ја сторат голема и славна: бирајте што сакате ломача или изгнанство! Конечно пропаста на земјата била целосна; не останала повеќе ниту една совест да се осуди на смрт; немало повеќе религија што би требало да се спали на ломача, ниту родољуб што би требало да се протера од земјата“ (Wylie, b. 13, ch. 20). Со ова била предизвикана револуцијата со сите нејзини стравотии.
По бегството на хугенотите настанало сеопшто назадување во Франција. Индустриските градови, кои цутеле, почнале да пропаѓаат; плодните области опустеле; по периодот на необичен напредок, настапила умна отапеност и морално опаѓање. Париз станал огромно сиропиталиште и се смета дека пред избувнувањето на револуцијата двесте илјади сиромаси барале милостина од раката на кралот. Само језуитскиот ред цутел среде пропаднатата нација и владеел со страшна тиранија над црквите и над училиштата, над затворите и галиите.
Евангелието на Франција би ѝ донело решение за оние политички и социјални проблеми што ги осуетила горделивоста на клерот, на кралот и на законодавците и кои најпосле народот го турнале во анархија и пропаст. За несреќа, под власта на Рим луѓето ја загубиле благословената наука на Спасителот која учела на самопрегор и на несебична љубов. Го напуштиле животот на самооткажување за добро на другите. Богатите не чувствувале никаква грижа на совеста поради угнетувањето на сиромасите, а сиромасите биле беспомошни во своето ропство и понижување. Себичноста на богатите и силните станувала сè погруба и посвирепа. Со векови растурливото и расипано благородништво ги угнетувало селаните; богатиот го ограбувал сиромавиот, а сиромавиот го мразел богатиот.
Во многу провинции имотите биле сопственост на благородништвото; работничката класа била само наемник: таа била изложена на милост и немилост на своите господари и морала да ги прифати нивните претерани барања. Товарот за издржување на црквата и државата паѓал врз грбот на средната и пониската класа, кои биле оптоварени со тешки даноци од страна на граѓанската и духовната власт. Самоволието на благородниците се сметало за врховен закон: земјоделците и селаните можеле да умираат од глад, а нивните угнетувачи и да не се осврнат на тоа. Народот бил присилен да внимава исклучиво на интересите на своите господари. Животот на земјоделците бил живот на постојан напор и беда; нивните жалби, кога би се осмелиле да ги изнесат, биле отфрлани со навредлив презир. Судот секогаш стоел на страна на благородниците, а против селаните. Во таков систем на општа расипаност судиите можеле јавно да се поткупуваат, а самоволието на благородништвото се сметало за закон. Одвај половината од данокот изнуден од народот стигнувал во државните и црковните благајни; сето друго се растурало во развратни забави. Луѓето, кои на овој начин ги ограбувале своите сонародници, биле ослободени од сите даноци и според законот или обичаите имале право на секоја државна служба. Имало сто и педесет илјади припадници на привилегираниот сталеж, и за да се задоволи нивната растурливост, милиони нивни ближни биле осудени на беден и понижувачки живот.
Дворот живеел раскошно и растурливо. Меѓу народот и владетелите владеела недоверба. На сите мерки што ги преземале властите се гледало со недоверба. Повеќе од половина век пред револуцијата на престолот седел Луј XV, кој дури во тие тешки времиња се одликувал со мрзливост, со лекомисленост и со морална расипаност.
Покрај толку расипаното и свирепо благородништво и осиромашениот и неук нижи сталеж, покрај нередот во државните финансии и огорчениот народ, не било потребно пророчко око за да се предвиди страшната катастрофа што се приближувала. (продолжува)