(продолжува од претходниот ден) На опомените што му ги упатувале неговите советници, кралот обично одговарал: „Обидете се да се одржи сè вака додека живеам јас; а по мојата смрт нека биде како што мора да биде.“ Попусто се укажувало на потребата од реформа. Кралот го видел злото, но немал ниту храброст ниту сили да го спречи. Судбината што ја чекала Франција, најдобро е прикажана во неговиот рамнодушен и себичен одговор: „По мене потоп!“
Користејќи ја зависта на кралевите и на владеачкиот сталеж, Рим влијаел врз нив да го држи народот во ропство, знаејќи добро дека на тој начин државата ќе ослаби и дека така ќе може да им ја наметне својата власт и на владетелите и на народот. Водејќи далекусежна политика, научил дека, ако сака луѓето да ги направи робови, мора да ги окове во синџири нивните души и дека најсигурен начин да го осуети нивното ослободување од ропството е да ги направи неспособни да живеат во слобода. Моралното понижување, како последица на таа политика, било илјадапати поужасно отколку физичките страдања. Без Библијата, воспитуван во дух на фанатизам и себичност, народот сè подлабоко тонел во незнаење, во празноверие и пороци, и станал сосем неспособен да владее со себеси.
Сепак, резултатот на сето тоа бил сосем поинаков од она што го очекувал Рим. Наместо да ги задржи масите со своите догми во слепа покорност, од нив направил неверници и револуционери. Овие го презреле католицизмот како папска измислица, а свештенството го сметале одговорно за своето угнетување. Единствен бог што тие го познавале бил богот Рим. Римската наука била нивна единствена религија. Лакомството и свирепоста на Рим ги сметале за природен плод на Библијата и затоа не сакале ништо да знаат за неа.
Рим лажно го претставил карактерот на Бога и ги изопачил неговите барања; затоа луѓето сега ја отфрлиле и Библијата и нејзиниот Автор. Во име на Светото песмо Рим барал слепа вера во своите догми. Како реакција на тоа, Волтер и неговите истомисленици потполно ја отфрлиле Божјата реч и насекаде ширеле отров на неверство. Рим го газел народот со железни нозе, а сега масите, понижени и тероризирани, како одговор на насилството, отфрлиле секое ограничување. Гневен што толку долго ѝ се клањал на една блескотна измама, народот ги отфрлил заедно и вистината и заблудата. Сметајќи ја необузданоста за слобода, робовите на пороците ја славеле својата божемна слобода.
Во почетокот на револуцијата, со кралско одобрение народот во Народното собрание добил претставништво кое бројно го надминувало свештенството и благородништвото. Така власта преминала во рацете на народот, но тој не знаел да ја употреби мудро и умерено. Сакајќи што побргу да ги исправи неправдите што ги претрпел, веднаш решил да го измени општественото уредување. Навредениот народ, чиишто мисли биле полни со горчина и со спомени од старите неправди, решил да го урне неподносливиот поредок и да им се одмазди на оние што ги сметал како причина за своите страдања. Угнетуваните ја користеле поуката што ја научиле од тираните: станале угнетувачи над оние што ги угнетувале до тогаш нив.
Несреќната Франција во крв ја жнеела жетвата на посеаното семе. Страшни биле последиците на нејзиното робување на Рим. Онаму каде што Франција, под влијание на папството, во почетокот на реформацијата ја подигнала првата ломача, подоцна револуцијата ја подигнала првата гилотина. На истото место, каде што во шеснаесеттиот век се спалувани првите маченици на протестантската вера, во осумнаесеттиот век погубени се под гилотина првите жртви на народната одмазда. Отфрлајќи го евангелието што би ѝ донело исцелување, Франција ширум им ја отворила вратата на неверството и пропаста. Кога биле отфрлени ограничувањата на Божјиот закон, се покажало дека човечките закони се недоволни да ги задржат моќните бранови на човчките страсти. Меѓу народот завладеал дух на бунт и анархија. Војната против Библијата обележала еден период кој во историјата е познат како „власт на терор“. Мирот и среќата се протерани од огништата и од срцата на луѓето. Никој не бил сигурен. Оној кој денеска триумфирал, утре веќе бил осомничен и осуден. Неограничено завладеале насилство и расипаност.
„Кралот, свештенството и благородништвото биле при силени да ги поднесат свирепостите на разјарениот и гневен народ. Неговата жед за одмазда уште повеќе пораснала со убиството на кралот и оние што заповедале кралот да се убие, набргу пошле по него под гилотина. Решено е да се погубат сите што биле осомничени како непријатели на револуцијата. Затворите биле преполни; едно време во нив имало над двесте илјади затвореници. Во градовите на кралството се случувале страшни сцени. Една револуционер на партија се дигала против друга, и Франција се претворила во големо поприште на судири меѓу народните маси со кои завладеал бесот на нивните страсти. Во Париз избувнувале чести востанија, а граѓаните биле поделени во различни партии кои, како што се чинело, оделе до меѓусебно истребување. А злото да биде уште поголемо, Франција се вплеткала во долга и тешка војна со големите сили на Европа. Земјата била речиси уништена. Војската се бунела против неисплатените плати. Парижаните умирале од глад, провинциите ги пустеле разбојници, а цивилизацијата речиси згаснала во анархија и разврат.“ (продолжува)