Библијата и француската револуција (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Истиот сатански дух, кој го предизвикал колежот за време на Вартоломејската ноќ , бил водач и во страшните сцени на револуцијата. Исус Христос е прикажуван како измамник, и општ извик на француските безбожници бил: „Да го столчиме никаквецот“, односно Христа! Богохулството и развратот оделе рака под рака, а најподлите луѓе, чудовишта на свирепоста и порокот, сега биле најмногу извишувани. Во сè на сатаната му е укажувана најголема чест, додека Христос, олицетворението на вистината, на чистотата и несебичната љубов, бил распнуван.

„Тогаш ѕверот што излегува од бездна ќе им објави војна, ќе ги победи и ќе ги убие.“ Безбожната сила што владеела во Франција за време на револуцијата и за време на теророт, повела таква војна против Бога и против неговата света Реч, каква што светот никогаш не видел. Народното собрание ги забранило богослуженијата. Библиите биле собирани и јавно спалувани со секакви подбиви. Божјиот закон бил погазен. Библиските уредби биле укинати. Седмичниот ден за одмор бил отстранет, а на место него бил одреден секој десетти ден како ден за радост, за забава и оргијање. Крштавањето и причестувањето биле забранети. Со натписи, ставени на видни места на гробиштата, било објавено дека смртта е вечен сон.

Стравот Господен не се сметал веќе за почеток на мудроста, туку за почеток на глупоста. Забрането е секое богослужение, освен богослужението на слободата и татковината. Парискиот бискуп бил повикан да игра главна улога во најбесрамната и најсоблазнивата комедија што кога и да е се одиграла пред едно народно претставништво… Дошол во свештеничка облека да изјави пред Конвентот дека религијата, што ја проповедал толку години, во секој поглед била само свештеничка измислица што нема никаков темел во историјата ниту во светата вистина. Свечено и решително го побил постоењето на Бога, на кого му бил посветен да му служи, и изјавил дека во иднина ќе им служи само на слободата, на еднаквоста, на доблеста и моралноста. Потоа ги ставил на масата своите бискупски белези и од претседателот на Конвентот примил братски бакнеж. Некои отпаднати свештеници го следеле примерот на тој прелат“ (Scott, vol. 1, ch. 17).

„Притоа жителите на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат поради нивната смрт и ќе си праќаат дарови еден на друг, зашто тие двајца пророци ги измачуваа жителите на земјата.“ Неверната Франција го замолкнала гласот на укорот на двајцата Божји сведоци. Речта на вистината лежела мртва на нејзините улици, а оние што ги мразеле ограничувањата и барањата на Божјиот закон сега се радувале. Луѓето јавно го презирале небесниот Цар. Како и некогаш грешниците, тие велеле: „Како може Бог да дознае? Може ли воопшто Севишниот да знае?“ (Псалм 73,11).

Со неверојатна богохулна дрскост, еден од свештениците на новиот ред рекол: „Боже, ако постоиш, одмазди го своето навредено име. Јас те отфрлам; јас те презирам, а ти молчиш. Ти не се осмелуваш да го пуштиш гласот на својот гром. По сето ова, кој уште ќе верува во твоето постоење?“ (Lacretelle, History, vol. 11, p. 309; in Sir Archibald Alison, History of Europe, vol. 1, ch. 10). Тоа било одглас на зборовите на фараонот: „Кој е Господ за да го послушам неговиот глас? Јас не го знам Господа!“

„Рече безумникот во срцето: ‘Нема Бог’“ (Псалм 14,1). Бог кажува за оние што ја изопачуваат неговата вистина: “Нивното безумие ќе се открие пред сите“ (2. Тимотеј 3,9). Откако одбила да му служи на живиот Бог, кој е висок и возвишен“, и „кој живее во вечноста“, Франција паднала во понижувачко идолопоклонство, обожавајќи ја божицата на разумот во лицето на една развратна жена и тоа во собранието на народните претставници и на нејзините највисоки граѓански и законодавни власти. Еден историчар вели: „Една од безбожните церемонии на ова безумно време е ненадмината по својата глупост. Вратата на Конвентот се отворила пред група музичари придружувани од членовите на општинскиот совет во свечена поворка, пеејќи химна во чест на слободата и придружувајќ и го предметот на своето идно обожавање една жена, завиткана во свила, којашто ја викале ‘божица на разумот’. Штом стигнале во салата, веднаш свечено ѝ ја иставиле свилата и ја поставиле од десната страна на претседателот, и во тој миг во неа сите препознале една оперска балетска танчерка… На ова лице, како најпогоден претставник на разумот, на оној разум што сите го почитувале, народното собрание на Франција му оддало јавна почест.

Оваа безбожна и смешна маскарада станала навика; посветувањето на божицата на разумот се повторувало и се имитирало низ целата земја, особено во оние места каде што жителите сакале да докажат дека ѝ дораснале на револуцијата“(Scott, vol. 1, ch. 17).

Говорникот кој го најавил обожавањето на разумот, рекол: „Членови на законодавното собрание! Фанатизмот му го отстапи местото на разумот. Неговите матни очи не можеа да го поднесат сјајот на светлината. Денеска огромна маса свет се собра под овие готски сводови кои првпат ја одгласуваат вистината. Овде Франција го изврши единственото вистинско богослужение славење на слободата, обожавање на разумот. Овде положивме завет за напредок на оружјето на Републиката. Овде ги отфрливме мртвите идоли и го прифативме разумот, го прифативме овој жив лик, ремек-дело на природата“(M. A. Thiers, History of the French Revolution, vol. 2, pp. 370, 371). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest