Активностите на демоните (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Светото писмо наведува и други слични примери. Ќерката на една Сирофеничанка тешко ја мачел ѓавол кого Исус го истерал со збор (Марко 7,26-­30). Еден „опседнат од демон, кој беше слеп и нем“ (Матеј 12,22); момче што го мачел нем дух кој „често го фрла во оган и во вода за да го погуби“ (Марко 9,17­-27); еден споулавен што го мачел „нечист ѓаволски дух“ така што го нарушувал саботниот мир во синагогата во Капернаум  сите нив ги исцелил милостивиот Спасител. Речиси во секој случај Исус му зборувал на лошиот дух како на разумно суштество, заповедајќи му да излезе од својата жртва и да не ја вознемирува повеќе. Кога луѓето во Капернаум ја виделе неговата силна моќ , „сите се вчудовидоа и си велеа еден на друг: ‘Какви се овие зборови? Со власт и со сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат’“ (Лука 4,36).

Луѓето опседнати од ѓавол обично изгледаат како луѓе што многу страдаат; но има и исклучоци. За да постигнат натприродна моќ , некои доброволно се подложуваат на влијанието на сатаната. Секако, тие не се бореле против лошите духови. Меѓу овие спаѓале и оние што имале вражарски дух Симон Вражарот, Елима Вражарот и девојката во Филипа која ги следела Павла и Сила.

Никој не е во поголема опасност од влијанието на лошите духови од оние што не обрнуваат внимание на јасните и многубројни сведоштва на Светото писмо и кои го оспоруваат постоењето и работата на ѓаволот и на лошите ангели. Сè додека не ја запознаеме нивната подмолност, лошите духови имаат големо предимство. Мнозина обрнуваат внимание на нивното дошепнување, мислејќи дека постапуваат според својата сопствена мудрост. Бидејќи се приближуваме кон последното време кога сатаната ќе работи со поголема сила за да измами и да уништи, тој насекаде шири верување дека и не постои. Негова намера е да се скрие себеси и начинот на своето дејствување.

Големиот измамник од ништо не се плаши во толкава мера колку од тоа ние да ги запознаеме неговите планови. За подобро да го скрие својот вистински карактер и своите намери, тој сака да го прикажуваат така за неговото име да не предизвикува некаква возбуда, туку само смев и презир. Мило му е кога себеси ќе се види насликан како смешно или одвратно суштество, деформиран половина животно а половина човек. Мило му е кога ќе слушне дека неговото име го спомнуваат во шега и во подбив оние што себеси се сметаат за верни и добро упатени.

Сатаната толку вешто се претвора што често се поставува прашање: „Зар навистина постои такво суштество?“ Доказ за неговиот успех е тоа што теориите кои ги негираат најјасните сведоштва на Светото писмо се толку општо прифатени во религиозниот свет. И затоа што сатаната најлесно владее над оние што не се свесни за неговото влијание, Божјата реч ни дава толку многу примери за неговото подмолно дејствување, откривајќи ни ги неговите тајни сили и предупредувајќи нè со тоа да се пазиме од неговите напади.

Силата и злобата на сатаната и на неговите чети би можеле со право да нè вознемируваат кога не би имале заштита и слобода во надмоќната сила на нашиот Избавител. Ние ги обезбедуваме нашите куќи со рези и брави за да ја сочуваме нашата сопственост и нашиот живот од лошите луѓе, но ретко мислиме на лошите ангели кои постојано се обидуваат да ни се приближат и од чиишто напади сме немоќни да се браниме со своја сила. Кога би им било дозволено, тие би ги нарушиле нашите мисли, би го расипале нашето здравје, би го уништиле нашиот имот и нашиот живот. Нивна единствена радост е да донесуваат неволја и пропаст. Страшна е состојбата на оние што го отфлаат Божјето влијание и им попуштаат на искушенијата на сатаната додека Бог не ги препушти на власта на лошите духови. Оние, пак, што го следат Христа, секогаш се сигурни под неговата заштита. Силни ангели се пратени од небото да ги штитат. Сатаната не може да ја пробие стражата што ја поставил Бог околу својот народ.

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest