(продолжува од претходниот ден) На реформацијата ѝ се заканувале големи опасности, но нејзините бранители го предале своето дело во Божји раце и се заветувале дека решително ќе го бранат евангелието. Изборен саксонски кнез неговите советници го наговарале да не оди на соборот. Рекле дека царот ги повикува кнезовите за да ги фати во стапица. „Не значи ли сè да се стави на коцка ако отиде и ако се затвори меѓу ѕидовите на градот на еден моќен непријател?“ А други му советувале: „Кнезовите нека бидат храбри, и Божјето дело ќе биде спасено.“ Лутер рекол: „Бог е верен; Тој нема да нè напушти“ (Исто, b. 14, ch. 2). Изборниот кнез со својата придружба се упатил на пат кон Аугзбург. Сите знаеле какви опасности му се закануваат на овој кнез и мнозина дошле на соборот со возбудено срце и со мрачни претчувства. Но Лутер, кој ги придружувал до Кобург, ја засилил нивната поколебана вера, пеејќи им ја прочуената песна што ја напишал на тој пат: „Најјака крепост е Бог наш!“ Со мелодијата на оваа бесмртна песна исчезнале многу мрачни претчувства и оживеале многу обесхрабрени срца.
Протестантските кнезови решиле својата вера да ја претстават пред државниот собор со едно систематско излагање на своите погледи, поткрепено со стихови од Светото писмо. Составувањето на тоа излагање им било доверено на Лутера, на Меланхтона и на нивните соработници. Ова излагање протестантите го примиле како израз на своето верско убедување и се собрале да ги стават своите потписи на тој важен документ. Тоа бил свечен и критичен час. Реформаторите топло сакале нивното дело да не се меша со политиката, нагласувајќи дека реформацијата треба да врши само влијание што произлегува од Божјата реч. Кога христијанските кнезови пристапиле да ја потпишат својата Вероисповед, Меланхтон се вмешал и рекол: „Овие работи треба да ги предлагаат теолозите и проповедниците, а авторитетот на земните водачи да го сочуваме за други работи.“ „Вие не би требало да ме исклучите!“ рекол изборниот кнез Јохан Саксонски. „Јас решив да го правам она што е право, без оглед на мојата круна; јас сакам да го исповедам Христа. Мојот изборен шешир и мојот хермелин не ми се толку мили колку крстот на Исуса Христа. Овие знаци на мојата големи на ќе ги оставам на земјата, но Христовиот крст ќе ме придружува до ѕвездите.“ Кажувајќи го тоа, го ставил својот потпис на документот. Еден друг кнез, земајќи го в рака перото, рекол: „Ако го бара тоа честа на Исуса Христа, на мојот Спасител, готов сум да се откажам од мојот имот и од мојот живот.“ „Побргу ќе се откажам од моите приврзаници и од моето кнежевство, со задоволство ќе ја напуштам мојата татковина со стап в рака, радо ќе заработувам средства за мојот опстанок бришејќи прав од обувките на странците, отколку да прифатам поинаква наука од онаа што ја содржи оваа изјава“ (Исто, b. 14, ch. 6). Таква била верата и бестрашноста на овие Божји луѓе.
Најпосле настапил часот да излезат пред царот. Карло V, седејќи на својот престол, опкружен со изборните кнезови и војводи, ги примил протестантските реформатори. Прочитана е изјавата за нивното верување. На овој славен собор јасно се прикажани вистините на евангелието и откриени се заблудите на папската црква. Со право тој ден е наречен „најголем ден на реформацијата и еден од најславните во историјата на христијанството и на човештвото“ (Исто, b. 14, ch. 7).
Поминале само неколку години откако калуѓерот од Витенберг стоел сам пред соборот во Вормс. Сега на неговото место стоеле најмоќните кнезови на царството. На Лутера му било забрането да дојде во Аугзбург, но тој бил присутен со своите зборови и молитви. „Јас многу се радувам“, пишувал тој, „што го доживеав овој час кога Христос јавно е прославен од страна на толку угледни исповедници на верата и на толку славен собор“ (Исто, b. 14, ch. 7). Така се исполнило она што го кажа ло Писмото: „За твоите уредби пред цареви ќе зборувам и нема да се срамам“ (Псалм 119,46).