(продолжува од претходниот ден) „Ако нивното учење е построго од ова, тогаш треба да се укорат, но вие преку својата совест сте осведочени дека тоа не е така. Може ли некој да биде за една јота помалку точен, а со тоа да не ја изневери Божјата реч? Може ли повереникот на Божјите тајни да се најде верен ако проневери еден дел од ова свето богатство што му е доверено? Не! Тој не може ништо да укине, ништо да ублажи; тој е присилен да им изјави на сите луѓе: ‘Јас не смеам Светото писмо да го прилагодам кон вашиот вкус. Вие морате да се прилагодите кон него или засекогаш ќе пропаднете!’ Други велат дека на тие луѓе им недостига љубов. Дали навистина им недостига љубов? Во кој поглед? Зар тие не ги хранат гладните и не ги облекуваат голите? Не не во тоа; во тој поглед ништо не им недостига, но тие се толку немилосрдни во своето расудување: мислат дека никој нема да се спаси кој не оди по нивниот пат“ (Исто, vol. 3, pp. 152, 153).
Духовното паѓање што дошло до израз во Англија уште пред Весли, во голема мера било последица на антиномистичкото учење (учење дека христијаните не се должни да го држат законот). Мнозина тврделе дека Христос го укинал моралниот закон и дека поради тоа христијаните не се повеќе должни да го држат, дека верникот е ослободен од „робувањето на добрите дела“. Други, иако ја признавале вечноста на законот, изјавувале дека е непотребно проповедниците да им советуваат на луѓето да ги држат прописите на законот, зашто сите што ги избрал Бог за спасение ќе бидат „наведени со непреодоливата Божја милост да живеат побожно и чесно“, додека сите што се одредени за вечно проклетство, „нема да имаат сила да му се покоруваат на Божјиот закон“.
Други, кои тврделе дека верните не можат да отпаднат од милоста ниту да ја загубат Божјата наклоност, дошле до уште пострашен заклучок: „дека лошите дела што ги прават всушност не се грев, ниту можат да се сметаат за престап на Божјиот закон, и дека според тоа немаат причина да ги признаваат своите гревови ниту да ги напуштаат со покајание (McClintock and Strong, Cyclopedia, art. „Antinomians“)
Изјавувале дека и најтешките гревови, што луѓето ги сметаат како страшен престап на божествениот закон, не се грев во Божјите очи ако ги сторил еден од неговите избрани, „бидејќи обележје на избраните е да не можат да прават ништо што не би му се допаѓало на Бога или што би го забранувал Божјиот закон“.
Овие чудовишни учења главно се слични со учењето на некои модерни теолози кои негираат дека постои еден непроменлив божествен закон како мерило на правдата и тврдат дека општеството самото себеси си го одредува мерилото на моралот кое, според тоа, е изложено на постојани промени. Сите овие теории се вдахнати со истиот оној дух кој уште меѓу небесните жители се стремел да ги отстрани праведните ограничувања на Божјиот закон.
Науката за предестинација, која учи дека божествената волја однапред непроменливо го одредува карактерот на секој човек, мнозина навела навистина да го отфрлат Божјиот закон. Весли решително се противел на учењето на антино мистичките учители. Покажал дека науката на антиномизмот е спротивна на науката на Светото писмо. Што учи Светото писмо? Тоа учи дека „се јави Божјата благодат, која носи спасение за сите луѓе“, „ова е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител, кој сака сите луѓе да бидат спасени и да дојдат до целосно познавање на вистината. Зашто еден е Бог, и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето човекот Христос Исус, кој се даде себеси како откуп за сите“ (Тит 2,11; 1. Тимотеј 2,36). Божјиот Дух се дава доброволно со цел секому да му се овозможи да го прими средството на спасението. Така „на светот дојде вистинската Светлина која го осветлува секој човек“, а тоа е Христос (Јован 1,9). Мнозина го губат спасението зашто намерно одбиваат да го примат дарот на животот.
Еве што одговорил Весли на тврдењето дека Декалогот, заедно со церемонијалниот закон, е укинат со Христовата смрт: „Исус не го укинал моралниот закон Десетте заповеди што го проповедале и го издигнувале пророците. Целта на неговото доаѓање не била да измени или да укине некој негов дел. Тоа е закон кој никогаш не може да се укине, кој стои цврсто како верен сведок на небото… Тој од почетокот на светот бил напишан не на камени плочи, туку во срцата на луѓето кога излегле од рацете на Творецот. И иако тие букви, од почеток напишани со Божји прст, подоцна поради гревот во голема мера оштетени, тие, сепак, не можат да бидат на полно избришани сè додека имаме свест за доброто и злото. Секој дел на овој закон останува задолжителен за сите луѓе и за сите времиња. Тој не зависи ниту од времето, ниту од местото, ниту од околностите, туку од Божјата и човечката природа и од нивниот непроменлив меѓусебен однос. (продолжува)