Валденжаните (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Многу векови, во земјите надвор од власта на Рим, постоеле групи христијани кои биле речиси сосем заштитени од папската расипаност. Опкружени со незнабошци, тие во текот на вековите прифатиле некои од нивните заблуди, но и понатаму Библијата ја сметале за единствено правило на верата и задржале многу нејзини вистини. Овие христијани верувале во вечноста на Божјиот закон и ја празнувале саботата што ја пропишува четвртата заповед. Вакви цркви со ваква вера и обичаи постоеле во централна Африка и меѓу Ерменците во Азија.

Меѓу оние што ѝ се опирале на папската власт на прво место биле валденжаните. Токму во земјата каде што папството ја поставило својата столица, неговата лага и расипаност наишле на најцврст отпор. Со векови црквите на Пиемонт ја одржувале својата независност; но најпосле дошло време кога Рим побарал и тие да се покорат. По безуспешните борби против неговата тиранија, водачите на овие цркви против своја волја ја признале власта на папата која, како што се чинело, ја признавал цел свет. Сепак, имало некои што одбиле да ја признаат неговата власт и власта на неговите прелати. Тие решиле да му останат верни на Бога и да ја сочуваат чистотата и едноставноста на својата вера. Настанало одвојување. Оние што се придржувале кон својата стара вера морале да се повлечат; некои, напуштајќи ги своите родни Алпи, подигнале знаме на вистината во други земји; други се повлекле во осамени долини и горски пештери, каде што ја сочувале слободата да му служат на Бога.

Верата што ја исповедале со векови и според која живееле валденжанските христијани, била во остра спротивност со лажната наука на Рим. Нивната вера се темелела на Божјата реч, која е вистински извор на христијанството. Но овие понизни селани, кои живееле во своите засолништа далеку од светот, зафатени со работа околу своите стада и своите лозја, не ја откриле сами вистината што била во толкава спротивност со догмите и со кривоверството на отпаднатата црква. Нивната вера не била некоја нова творба. Тие ја наследиле од своите татковци. Тие се бореле за верата на апостолската црква, за „верата која еднаш засекогаш им е предадена на светите“ (Јуда 3). „Црквата од пустина“, а не горделивата хиерархија со престол во големиот светски град, била вистинска Христова црква, чувар на богатството на вистината што му ја доверил Бог на својот народ да му ја проповеда на светот.

Една од главните причини што довела до одвојување на вистинската црква од Рим била омразата на Рим кон библиската сабота. Како што преткажало пророштвото, папската сила ја погазила вистината. Божјиот закон се газел, а се издигнувани човечките традиции и обичаи. Црквите што биле под власт на папството биле рано присилени да ја празнуваат неделата како свет ден. Среде заблудите и празноверието што преовладувале, мнозина, дури и од верниот народ, биле толку збунети што, иако ја празнувале саботата, во исто време се воздржувале од работа и во недела. Но тоа не било доволно за папските водачи. Тие не барале само да се празнува неделата, туку и да се скверни саботата; со најостри зборови ги напаѓале оние што се осмелувале да ја почитуваат. Само оној што би побегнал од подрачјето на римската сила, можел мирно да го држи Божјиот закон.

Валденжаните први меѓу европските народи добиле превод на Светото писмо. Стотици години пред реформацијата имале Библија во ракопис на својот мајчин јазик. Така ја имале вистината неизменета, а тоа ги правело посебен предмет на омраза и прогонство. Објавувале дека Римската црква е паднат Вавилон од Откровението и по цена на животна опасност станувале против нејзините заблуди. Додека некои, под притисок на долготрајните прогонства, попуштиле во својата вера и малку по малку отстапувале од своите одредени начела, други цврсто се држеле за вистината. За време на најмрачните векови на отпад имало валденжани кои ја отфрлале врховната власт на Рим, од бивале да се клањаат пред слики, сметајќи го тоа за идол поклонство, и ја држеле вистинската сабота. Во најтешките луњи на непријателство ја одржале својата вера. Иако биле прободувани со савојски копја и спалувани на римски ломачи, непоколебливо ја бранеле Божјата реч и неговата чест.

Зад високите горски тврдини ­прибежиште на гонетите и угнетените во сите векови валденжаните нашле добри засолништа. Тука горела светлината на вистината среде мракот на средниот век. Овде во текот на илјада години сведоците на вистината ја чувале својата стара вера. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest