(продолжува од претходниот ден) Реформацијата во Цирих сè повеќе се зацврстувала, а со тоа сè посилно се забележувало нејзиното влијание во намалувањето на пороците и во одржувањето на редот и слогата. „Во нашиот град се насели мир“, пишувал Цвингли; „нема веќе караници, завист, лицемерство и неслога. Од каде може да дојде таква хармонија ако не од Господа и од нашата наука што нè исполнува со родови на мир и побожност?“ (Исто, b. 8, ch. 15).
Победите што ги извојувала реформацијата ги поттикнала приврзаниците на Рим на уште порешителни чекори да ја уништат. Гледајќи колку малку успеале со прогонство да го ограничат делото на Лутера, решиле реформацијата да ја уништат со нејзиното сопствено оружје. Била одредена расправа со Цвингли. За да бидат сигурни во победа, си го задржале себеси правото да го одредат местото каде што ќе се води расправата како и судиите што ќе решаваат кој има право. А кога еднаш ќе го имаат Цвингли во свои раце, ќе се погрижат да не им побегне веќе. Штом водачот ќе биде замолкнат, си мислеле тие, движењето на реформацијата бргу ќе биде задушено. Сепак, овој договор се држел во најголема тајност.
Било одредено расправата да се одржи во Баден, но Цвингли не бил таму присутен. Градскиот совет му забранил на својот проповедник да се изложува на оваа опасност, зашто немал доверба во намерите на приврзаниците на папата, спомнувајќи си за ломачите што тие ги подигале за следбениците на евангелието во сите папски кантони. Цвингли бил готов да ги дочека сите пратеници што би ги пратил Рим во Цирих, но да оди во Баден, каде што неодамна била пролеана крв на маченици на вистината, би значело да оди во пресрет на сигурна смрт. Еколампад и Халер биле избрани да ја застапуваат реформацијата, додека др Ек, поддржан од мноштво учени доктори и виши свештеници, бил бранител на Рим.
Иако Цвингли не бил присутен на состанокот, неговото влијание се чувстувувало. За писари биле одбрани сè само приврзаници на папата, додека на другите им било забрането под закана на смртна казна да прават прибелешки. Наспроти тоа, Цвингли секој ден примал точен извештај за сè што се зборувало во Баден. Еден студент, кој присуствувал на расправата, секоја вечер составувал извештај за она што се случувало преку денот. Двајца други студенти преземале на себе обврска овие извештаи да му ги праќаат на Цвингли заедно со секојдневните писма на Еколампад. Реформаторот одговарал давајќи совети и упатства. Неговите писма се пишувани ноќе, а студентите рано изутрина се враќале со нив во Баден. Овие, за да не предизвикаат сомневање кај стражарите на градската порта, на главите носеле кошници со пилиња и така непречено влегувале во градот.
На овој начин Цвингли се борел со своите лукави непријатели. „Тој повеќе сторил“, вели Миконие, „со своето размислување, со своите непроспиени ноќ и, со своите совети и упатства отколку лично да бил присутен на расправата со своите непријатели“(D’Aubigne, b. 11, ch. 13).
Приврзаниците на папата, напумпани со сигурност во победа, дошле во Баден облечени во своите најубави облеки и најсјајни накити. Живееле раскошно; се хранеле со бирана и изобилна храна; нивните трпези биле полни со најскапоцени разновидни слатки и со одбрани вина. Товарот на своите црковни должности го олеснувале со забави и гозби. Реформаторите покажувале сосем спротивна слика. Со својата едноставна надворешност на народот им изгледале одвај подобри од питачи, а нивната скромна храна била слична на храната на аскетите. Домаќинот, кај кого отседнал Еколам пад, го проверувал својот гостин во неговата соба и секогаш го затекувал како проучува и се моли и со чудење известил дека „тој еретик е мошне побожен“.
При отворањето на конференцијата, „Ек горделиво се качил на сјајно накитена говорница, додека понизниот Еколампад, облечен едноставно, морал да заземе место наспроти својот горделив противник на еден прост стол“ (Исто, b. 11, ch. 13). Ек имал ѕвонлив глас и неограничена сигурност. Златото и славата го поттикнувале на ревност, а за одбраната на верата очекувал да биде богато награден. Кога немал доволно докази, се служел со навреди и дури со клевети.
Еколампад, по природа воздржлив и скромен, долго се колебал да земе учество во расправата, но кога решил да проговори, однапред дал свечена изјава: „Јас за правило на верата ја признавам само Божјата реч“ (Исто, b. 11, ch. 13). Благ и учтив, тој исто така се покажал учен и решителен. Додека бранителите на црквата постојано се повикувале на црковните обичаи, реформаторот цврсто се држел за Светото писмо. „Обичаите“, рекол тој, „немаат важност во Швајцарија, освен ако се во согласност со уставот; а во прашањата на верата Библијата е наш устав“ (Исто, b. 11, ch. 13).
Разликата меѓу двајцата говорници не останала без дејство. Мирното и јасно докажување на реформаторот и неговиот љубезен и скромен начин на излагање ги пленил слушателите кои со негодување ги отфрлиле горделивите и фаленички тврдења на Ек.
Расправата траела осумнаесет дена. На крај приврзаниците на папата себеси се прогласиле за победници. Бидејќи повеќето делегати биле приврзаници на Рим, соборот реформаторите ги прогласил за победени и ги исклучил од црквата заедно со нивниот водач Цвингли. Но плодовите на расправата покажале кој имал право. Оваа расправа ѝ дала уште поголем поттик на реформацијата и набргу важните градови Берн и Базел ја прифатиле реформацијата.