Разурнувањето на Ерусалим (шести дел)

(продолжува од предходниот ден) Седум години еден човек ги објавувал низ улиците на Ерусалим несреќите што ќе го снајдат градот. Ден и ноќ тој пеел чудна тажанка: „Глас од исток! Глас од запад! Глас од четирите краја! Глас против Ерусалим и против храмот! Глас против младоженецот и невестата! Глас против целиот народ!“ (Milman, The History of the Jews, book 13)

Ова чудно суштество го фрлиле во затвор и го тепале со камење, но не извлекле од неговата уста никаков глас. На навредите и измачувањата тој само одговарал: „Тешко, тешко на Ерусалим; тешко на неговите жители!“ Не престанал со своите опомени додека не го убиле за време на опсадата што ја преткажал.

При опсадата на Ерусалим не загинал ниту еден христијанин. Исус ги опоменал своите ученици и сите што верувале внимавале на ветениот знак. „Кога ќе видите дека Ерусалим е опколен од војски“, рекол Исус, „знајте дека е близу неговото опустување. Тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат во горите, оние што се во Ерусалим, нека излезат надвор, а оние што се во полето, нека не се враќаат во градот“ (Лука 21,20.21).

Римјаните, под водство на Цестиј, го опколиле градот. Од ненадеж, кога сè изгледало погодно за еден брз напад, тие ја повлекле опсадата. Опседнатите, кои загубиле секаква надеж за успешна одбрана, веќе биле готови да се предадат, кога римскиот војсководител ја повлекол војската без никаква видлива причина. Бог во својата милост управувал со настаните во полза на својот народ. За христијаните што чекале се покажал ветениот знак и сега им се дала можност на сите што сакале да ја послушаат опомената на Спасителот. Настаните течеле така што ниту Евреите ниту Римјаните не им го пречеле на христијаните бегството. Гледајќи како Цестиј отстапува, Евреите побрзале од Ерусалим и почнале да ја гонат неговата војска. Сега христијаните имале можност да го напуштат градот. Во тоа време и околината била исчистена од непријателите што би можеле да ги задржат. За време на опсадата Евреите биле собрани во Ерусалим да го прослават празникот Сеници и на тој начин христијаните во целиот крај имале можност непречено да бегаат. Тие побегнале на едно сигурно место во градот Пела, во покраината Переја, отаде Јордан.

Еврејската војска, гонејќи го Цестиј и неговата војска, се нафрлила со таква жестокост врз неговата заштитница, што изгледало дека наполно ќе ја уништат. Римјаните со голема мака успеале да се повлечат. Евреите, чиишто загуби биле незначителни, се вратиле триумфално во Ерусалим, натоварени со плен. Но овој привиден успех им донел само зло. Тој ги поттикнал упорно да им се противстават на Римјаните, што на градот, осуден на пропаст, му донело неискажливи страдања.

Ерусалим го снашла страшна неволја кога Тит повторно го опседнал. Градот бил опседнат за време на празникот Пасха, кога големо мноштво Евреи се собрале во него. Храната, што со години би ги задоволувала жителите кога рационално би ја делеле, била уништена од непријателските партии што се бореле за превласт, и набргу жителите се нашле пред ужасен глад. Една мера жито се продавала за еден талант. Гладот бил толку голем, што луѓето ги јаделе своите кожнени ремени, сандалите и кожнените превлаки на штитовите. Мнозина се спуштале ноќе преку ѕидовите за да соберат диви билки што растеле надвор од градските ѕидови. Некои биле фатени и убиени во страшни маки; на тие што би успеале да се вратат, често им било одземано она што го собрале изложени на толку голема опасност. Водачите вршеле најужасни насилства за да им ја одземат храната на оние за кои мислеле дека имаат. Овие насилства често ги правеле луѓе што имале доста храна, но сакале да напластат резерви за во иднина.

Илјадници умреле од глад и чума. Се чинело дека се уништени најинтимните врски. Мажите ги поткрадувале своите жени, а жените своите мажи. Можело да се види како децата им ја одземаат храната од устата на своите стари родители. Прашањето на пророкот: „Може ли мајката да го заборави своето доенче?“ (Исаија 49,15), добило потврден одговор зад ѕидовите на овој град осуден на пропаст. „Жени, толку нежни, готвеа свои деца и со нив се хранеа за време на пропаста на ќерката на мојот народ“ (Плачот на Еремија 4,10). Повторно се исполнило пророштвото дадено четиринаесет векови порано: „Најнежната и најмеката жена што ќе се најде кај тебе толку нежна и внимателна што не се осмелува да згазне на земја со злобно око ќе го гледа својот маж во своите прегратки, и својот син, својата ќерка, постелката што ќе излезе меѓу нејзините нозе и децата што ќе ги роди, зашто потајно ќе ги јаде, скудна во сè, поради неволјата и јадот со кои ќе те притисне твојот непријател во сите твои градови“ (5 Мојсеева 28,56.57).

Римјаните сакале да предизвикаат паника меѓу Евреите за да ги присилат на предавство. Заробениците што се против стравувале кога би ги заробиле, биле камшикувани, измачувани и распнувани под градските ѕидови. Секој ден убивале стотици луѓе, и тоа ужасно дело продолжило сè додека во Јосафатовата долина и на Голгота не биле подигнати толку многу крстови што човек одвај можел да се движи меѓу нив. Така се исполнила страшната клетва што ја изговориле Евреите пред Пилатовата судска столица: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца“ (Матеј 27,25). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest