Прогонствата во првите векови (втор дел)

(продолжува од предходниот ден) Напразно сатаната се обидувал со насилство да ја уништи Божјата црква. Големата борба, во која учениците ги дале своите животи, не престанала кога овие верни носители на знамето паднале на својата положба. Со својот пораз тие победувале. Божјите соработници биле убиени, но неговото дело напредувало. Евангелието се ширело натаму и бројот на неговите следбеници постојано се зголемувал. Тоа проникнувало во краиштата што биле непристапни дури и за римските орли. Еден христијанин, расправајќи со незнабожечките владетели што го разгорувале прогонството, рекол: „Вие можете да нè убивате, да нè мачите, да нè осудите… Вашата неправедност е доказ дека сме невини… Вашата свирепост не вреди ништо. Таа е само силен повик на нашата вера да ѝ се придружат и други. Колку повеќе нè убивате, ние стануваме сè помногубројни: крвта на христијаните е семе на христијанството.“ (Tertyllian, Apologos, paragraph 50.)

Безброј илјадници биле затворани и убивани, но други пристапувале и ги заземале нивните места. Тие што умреле како маченици за својата вера се сигурни во Христа, и Тој ги смета за победници. Тие воделе благородна борба и ќе добијат венец на­ слава, кога Христос ќе дојде. Страдањата низ кои поминувале, христијаните ги соединиле уште повеќе меѓусебно и со Христа. Примерот на нивниот живот и сведоштвото на нивната смрт биле постојани сведоци во прилог на вистината; и таму каде што најмалку се очекувало, следбениците на сатаната ја напуштале неговата служба и стапувале под Христовото знаме.

Затоа сатаната планирал како поуспешно да војува против Божјето владеење: решил своето знаме да го подигне внатре во христијанската црква. Ако успее Христовите следбеници да ги измами и да ги наведе да ја загубат Божјата наклоност, тогаш ќе исчезне нивната сила, нивната храброст и непоколебливост и така лесно ќе станат негов плен.
Сега големиот противник се трудел со итрина да го постигне она што не успеал да го постигне со сила. Прогонството престанало, а на неговото место се појавиле опасните привлечности на земната благосостојба и на световните почести. Идолопоклониците примиле дел од христијанската вера, а ги отфрлиле другите главни вистини. Се согласиле да го признаат Божјиот Син, да веруваат во неговата смрт и воскресение, но не ги увидувале своите гревови, не чувствувале потреба од покајание и од промена на срцето. Подготвени да направат некои отстапки од своја страна, им предлагале на христијаните и тие да повлечат ист потег и сите да се соединат во Христовата вера.

Тогаш на црквата ѝ се заканила страшна опасност. Затворот, маките, огнот и мечот биле благослов во споредба со оваа опасност. Некои христијани останале цврсти и изјавиле дека не можат да прифатат никаков компромис. Други, пак, биле готови да прават отстапки или да изменат некои точки од својата вера за да се соединат со овие половични христијани, надевајќи се дека на тој начин ќе им помогнат целосно да се преобратат. Тоа за Христовите следбеници бил час на голем страв. Под плаштот на привидното христијанство, лично сатаната се вовлекол во црквата за да ја расипе нивната вера и да ги одврати нивните мисли од зборовите на вистината.

Најпосле мнозинството христијани се согласиле во извесна мера да отстапат од своите начела на верата и така настанало соединување меѓу христијанството и незнабоштвото. Иако идолопоклониците тврделе дека се обратиле и формално се придружиле кон црквата, сепак, сè уште се придржувале кон идолопоклонството, само што ги замениле предметите на своето обожавање со слики на Исуса, па дури и со слики на Марија и на светците. Нечистиот квасец на идолопоклонството, внесен на тој начин во црквата, го продолжил своето злокобно дело. Лажните науки, празноверните обреди и незнабожечките церемонии влегле во нејзината вера и богослужение. Кога Христовите следбеници се соединиле со идолопоклониците, се расипала христијанската вера и црквата ја загубила својата чистота и сила. Сепак, имало христијани кои не дозволиле да бидат заведени со овие измами. Тие и понатаму му останале верни на Авторот на вистината и му се клањале само на Господа.

Меѓу христијаните секогаш имало две групи луѓе. Едни внимателно го проучувале животот на Спасителот и вложувале сериозни напори да ги поправат своите недостатоци и да живеат во хармонија со вистинскиот Идеал, други ги одбегнувале јасните, едноставни вистини што ги откривале нивните заблуди. Дури и во својата најдобра состојба црквата не се состоела само од верни, чисти и искрени членови. Спасителот учел дека оние што свесно грешат не смеат да бидат примени во црквата, а сепак, со себе поврзал луѓе со несовршен карактер и им дал предимство да ја слушаат неговата наука и да го гледаат неговиот пример, овозможувајќи им на тој начин да ги увидат своите грешки и да се поправат. Меѓу дванаесеттемина апостоли еден бил предавник. Јуда е примен не заради маните на својот карактер, туку со нив. Тој бил здружен со учениците за да научи од поуките и од Христовиот пример во што се состои христијанскиот карактер и на тој начин да ги увиди своите грешки, да се покае и со помош на божествената милост да ја исчисти душата „прифаќајќи ја вистината“. Но Јуда не ја следел светлината што милостиво го осветлувала неговиот пат. Попуштајќи му на гревот, дозволил сатаната да го искушава. Победиле лошите црти на неговиот карактер. Дозволил со неговиот дух да управуваат силите на темнината; се лутел кога ги укорувале неговите гревови и отишол толку далеку што сторил страшно злосторство: го предал својот Учител. На сличен начин и оние што навидум се побожни а го сакаат злото, ги мразат оние што го нарушуваат нивниот мир, осудувајќи ги нивните гревови. Штом ќе им се даде добра можност, како на Јуда, тие ќе ги предадат оние што ги укорувале за нивно добро. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest