Прогонствата во првите векови (трет дел)

(продолжува од предходниот ден) Апостолите во црквата наидувале на верници кои надворешно биле побожни, но потајно негувале грев. Ананија и Сафира биле измамници, зашто тврделе дека принесуваат цела жртва за Христа, иако лакомо задржале еден дел за себе. Духот на вистината им го открил на апостолите вистинскиот карактер на овие лажни христијани, и Божјиот суд ја ослободил црквата од ова нечисто петно што ја расипувало нејзината чистота. Овој виден доказ на присуство на Христовиот Дух во црквата, кој го забележува секој грев, бил ужас за лицемерите и престапниците. Тие не можеле долго да останат во заедница со оние што биле верни Христови претставници во навиките и во духот. Кога Христовите следбеници се соочиле со искушенија и со прогонства, тогаш негови ученици сакале да станат само оние кои биле готови да остават сè заради вистината. И, додека траело прогонството, црквата главно останала чиста. Но штом тоа престанало, дошле новообратени кои не биле наполно искрени и посветени, со што на сатаната му бил отворен патот во црквата да дојде до целта.

Меѓу Кнезот на светлината и кнезот на темнината нема никаква врска, па не може да има врска ниту меѓу нивните следбеници. Кога христијаните се согласиле да се соединат со оние што само делумно се преобратиле од незнабоштвото и кои само половично се покајале, стапиле на пат што сè повеќе ги оддалечувал од вистината. Сатаната триумфирал што успеал да измами толку голем број Христови следбеници. Тогаш тој ги насочил сите свои сили уште повеќе да влијае врз измамените и да ги поттикне да ги прогонуваат оние што му останале верни на Бога. Никој не можел подобро да сфати како треба да ѝ се противстави на вистинската христијанска религија од оние што некогаш биле нејзини бранители. Овие отпаднати христијани, соединувајќи се со своите полунезнабожечки другари, своите напори ги насочиле против најважните точки на Христовата наука.

Тие што сакале да останат верни, морале да поднесат очајна борба за да им преодолеат на измамите и на пороците што се вовлекле во црквата наметнати со свештеничка облека. Библијата не важела веќе како правило на верата. Науката за верска слобода е жигосана како ерес, а нејзините бранители биле замразени и прогонети.

По долга и жестока борба, мал број верни решиле да прекинат секаква врска со отпаднатата црква, ако таа и понатаму одбива да се ослободи од лагата и од идолопоклонството. Увиделе дека мораат да се изделат ако сакаат да живеат според Божјата волја. Не смееле повеќе да ги трпат заблудите што можеле да бидат опасни за нивната душа, ниту смееле да дадат пример што би можел да ја доведе во опасност верата на нивните деца и внуци. За да го сочуваат мирот и единството, биле готови на семожни отстапки што не се косат со верноста кон Бога, но чувствувале дека мирот би бил мошне скапо платен ако мораат да го купат по цена на жртвување на начелата. Ако мораат заради единството да ја жртвуваат вистината и правдата, тогаш побргу нека дојде до раскин и борба.

Добро би било за црквата и за светот кога начелата што ги одушевувале тие верни души пак да би оживеале во срцата на оние што тврдат дека се Божји народ. Спрема науките што се столбови на христијанската вера се забележува рамнодушност која загрижува. Постои мислење дека тие немаат толку голема важност. Ова изопачување им дава мав на сатанските орудија. Денеска илјадници, кои тврдат дека се Христови следбеници, благонаклоно гледаат на лажните теории и на опасните измами, додека верните во минатите векови ги жртвувале своите животи за да ги откријат и да ги отстранат.

Првите христијани навистина биле еден посебен народ. Нивното беспрекорно однесување и нивната непоколеблива вера биле постојан укор што го нарушувал мирот на грешниците. Иако малобројни, без богатство, без положба и почесни титули, тие, сепак, насекаде биле страв и трепет за злосторниците, насекаде каде што бил познат нивниот карактер и нивната вера. Затоа грешниците ги мразеле, како безбожниот Каин што го мразел Авела. Оние што сакале да се ослободат од ограничувањата на Светиот Дух, ги убивале Божјите деца од иста причина заради која Каин го убил Авела. Од иста причина Евреите го отфрлиле и го распнале Спасителот­ зашто чистотата и светоста на неговиот карактер биле постојан укор за нивната себичност и расипаност. Од Христовите денови, па сè до денеска, неговите верни ученици секогаш предизвикувале омраза и противење кај оние што го сакаат патот на гревот и одат по него. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest