Лутер пред државниот собор (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога повторно се појавил пред државниот собор, неговото лице не покажувало ниту трага од страв или збунетост. Мирен и спокоен, со возвишена храброст и благородност, стоел како Божји сведок пред големците на оваа земја. Царскиот службеник побарал да ја слушне неговата одлука дали е готов да се откаже од своето учење. Лутер одговорил мирно и понизно, без жестокост и возбуда. Неговото држење било учтиво и скромно, но сепак, покажувало цврста сигурност и радост што го изненадило соборот.

Возвишен царе, светли кнезови, славна господа, рекол Лутер, денеска излегувам пред вас по налогот што ми беше даден вчера и со Божја милост го молам вашето царско величество милостиво да ја сослуша одбраната на делото за кое сум сигурен дека е праведно и вистинито. Ако можеби од незнаење го повредам дворскиот протокол и дворските прописи, ве молам да ми простите, зашто не сум израснал во кралска палата, туку во самотија на манастир (Исто, b. 7, ch. 8)

Преминувајќи веднаш на излагањето, објаснил дека сите негови дела немаат ист карактер. Во некои расправа за верата и за добрите дела, па нив дури и неговите непријатели ги признале не само за безопасни, туку и за корисни. Да се откаже од нив, би значело да се отфрли вистината што сите ја признаваат. Другите книги се состојат од списи што ја откриваат расипаноста и злоупотребата на папството. Да се откаже од овие дела би значело да се засили римската тиранија и ширум да се отвори вратата за уште повеќе и за уште поголеми беззаконија. Во третиот вид на своите книги станува против некои личности што ги бранеле јавните зла. Што се однесува до тие списи, признава дека често бил повеќе остар отколку што прилега. Не тврди дека е без грешки, но не може да се откаже ниту од тие книги, зашто таквата постапка би ги охрабрила непријателите на вистината и тие би ја искористиле приликата Божјиот народ да го угнетуваат со уште поголема свирепост.

„Но, јас сум само човек, а не Бог“, продолжил, „и затоа ќе се бранам како што се бранел Христос:  Ако зборував лошо, докажете ми во што згрешив…’ Поради тоа, ве заколнувам со Божјата милост, возвишен царе, светли кнезови, и сите кои сте присутни, без оглед на сталежот, да ми докажете од списите на пророците и апостолите дека сум згрешил. Штом ќе бидам уверен во тоа, ќе се откажам од моите заблуди и прв ќе ги грабнам моите списи и ќе ги фрлам во оган.

Тоа што го кажав сега јасно покажува, се надевам, дека внимателно сум ги разгледал и сум ги измерил опасностите на кои се изложувам; но јас не се плашам, туку се радувам што евангелието и денеска, како и некогаш, е причина за немир и борби. Таков е карактерот и судбината на Божјата реч. Исус кажал: „Јас не дојдов да донесам мир на земјата, туку меч.’ Бог е красен и страшен во своите совети; можеби под изговор сакаме да ја задушиме неслогата, но да внимаваме со тоа да не ја прогонуваме Божјата реч и да не навлечеме врз себе страшна поплава од непремостиви опасности, сегашни неволји и вечна пустош. Би можел да наведам многу примери од светата Божја реч. Би можел да зборувам за фараонот, за вавилонскиот цар и за израелските цареви кои никогаш не работеле поуспешно за својата пропаст отколку токму тогаш кога, навидум со мудри совети, мислеле да го зацврстат своето царство. Бог преместува планини, а тие тоа не го знаат“ (Исто, b. 7, ch. 8).

Лутер зборувал на германски, а замолен е истите зборови да ги повтори и на латински јазик. Иако бил премален од претходниот напор, ја прифатил молбата и истиот говор го повторил со иста јасност и енергија. Во тоа го водело Божјето провидение. Умот на многу кнезови во толкава мера бил заслепен со заблудите и со празноверието, што при првиот говор не можеле да ја сфатат моќта на Лутеровите докази, но при повторното излагање јасно сфатиле извесни точки.

Оние што упорно ги затворале очите пред светлината и решиле да не дозволат да бидат осведочени со вистината, биле разјарени со зборовите на Лутера. Кога Лутер престанал да зборува, говорникот на државниот собор гневно рекол: „Вие не одговоривте на поставеното прашање… Од вас се бара да дадете јасен и одреден одговор… Дали се откажувате или не?“

Реформаторот одговорил: „Бидејќи вашето царско величество бара од мене јасен, едноставен и одреден одговор, јас ви го давам, а тоа е: Не можам да ја потчинам мојата вера ниту на папата ниту на соборот, зашто е јасно како ден дека тие често паѓале во заблуди и си противречеле едни на други. Значи, ако не ме уверат со докази од Светото писмо и со јасни причини, ако не ме осведочат со истите места што ги цитирав, и ако на тој начин не ја потчинат мојата совест на Божјата реч, јас не можам и не сакам да се откажам, зашто не е добро за христијанинот да зборува против својата совест. Овде стојам и не можам поинаку! Бог нека ми помогне! Амин!“ (Исто, b. 7, ch. 8).

Така овој праведен човек стоел на сигурниот темел на Божјата реч. Неговото лице го осветлила небесна светлина. Сите јасно ја виделе неговата големина и чистотата на неговиот карактер, мирот и радоста што извирале од неговото срце кога ги откривал силите на заблудите и кога сведочел во прилог на верата што го победува светот. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest