Хус и Јероним (осми дел)

(продолжува од претходниот ден) Последни зборови што ги изговорил кога пламенот го обземал биле зборови на молитва: „Господе, семожен Татко, биди ми милостив и прости ги моите гревови, зашто ти знаеш дека секогаш ја сакав твојата вистина“ (Bonnechose, vol. 2, p. 168). Неговиот глас замолкнал, но неговите усни сè уште ја шепотеле молитвата. Кога огнот го довршил своето дело, собран е пепелот на маченикот, заедно со земјата на која лежел, и фрлен е, како и пепелот на Хус, во Рајна.

Така гинеле верните носители на светлината. Но светлината на вистината што ја проповедале, како и светлината на нивниот храбар пример, не се угасила. Полесно би било да се запре Сонцето на неговиот пат отколку да се задржи осамнувањето на денот што веќе тогаш се раѓал.

Погубувањето на Хус во Чешка предизвикало порој негодување и огорченост. Сиот народ чувствувал дека реформаторот бил жртва на свештеничката злоба и на вероломноста на царот. За Хус се зборувало како за верен носител на вистината, а соборот, кој го осудил на смрт, е прогласен за виновен за неговото убиство. Сега науката на Хус повеќе го привлекувала вниманието од кога и да е порано. Со папски едикти списите на Виклифа се осудени на спалување; но тие што се спасени од уништување, сега се извадени од тајните засолништа и проучувани со помош на Светото писмо или со помош на одделни негови делови до кои народот можел да дојде. На тој начин мнозина ја примиле реформираната вера.

Убијците на Хус не ја гледале мирно славата на неговото дело. Папата и царот ги здружиле своите сили да го уништат движењето, а војската на Сигисмунд удрила на Чешка.

Меѓутоа, се јавил ослободител. Јан Жишка, кој набргу, откако почнала војната, наполно ослепел, но сепак, еден од најспособните војсководители на своето време, бил водач на Чесите. Потпирајќи се врз Божјата помош и врз праведноста на своето дело, овој народ им преодолеал на најсилните војски што се подигале против него. Повеќе пати царот ја напаѓал Чешка со нови сили, но секогаш претрпувал пораз. Хуситите се издигнале над смртниот страв и ништо не можело да им преодолее. Неколку години потоа умрел храбриот Жишка, а го заменил Прокоп, еден исто толку храбар и вешт војсководител, а во извесен поглед уште поспособен водач.

Кога непријателите слушнале за смртта на слепиот војсководител, сметале дека сега е згодна прилика да го повратат она што го загубиле порано. Папата објавил крстоносна војна против хуситите; и повторно големи војски ја притиснале Чешка, но само затоа да доживеат уште еден страшен пораз. Потоа е организиран друг крстоносен поход. Во сите католички земји собирани се пари, оружје и војници. Мноштво луѓе се слевале под знамето на папата, сметајќи дека најпосле ќе биде уништен еретичкиот народ. Тоа мноштво тргнало против Чешка, верувајќи во сигурна победа. Народот се собрал да ги одбие. Двете војски се приближувале една кон друга сè додека не ги разделувала само една река. „Крстоносците биле далеку помногубројни но, наместо да ја преминат реката и да почнат борба со хуситите, заради што и дошле од далеку, стоеле и мирно ги гледале борците на противникот“ (Wylie, b. 3, ch. 17). Тогаш одненадеж ги обзел таинствен страв. Без никој да ги нападне, оваа силна војска се разбегала и се распрснала како да е поразена од невидлива сила. Голем број биле убиени од хуситите кои ги прогонувале бегалците, и во рацете на победникот паднал голем плен, така што војната, наместо да ги осиромаши, Чесите ги збогатила.

Неколку години подоцна, еден друг папа повел нова крстоносна војна. И сега, како и во поранешните походи, собрано е мноштво луѓе и средства од европските католички земји. Големи повластици им се ветени на оние што ќе земат учество во овој опасен потфат. На секој крстоносец целосно ќе му бидат простени најгнасните злосторства. На сите што ќе загинат во војната им е ветена голема награда на небото, а оние што ќе ја преживеат, ќе стекнат чест и богатство на бојното поле. Повторно голема војска ја преминала границата и ја притиснала Чешка. Хуситите се повлекле пред неа и со тоа го намамиле непријателот во внатрешноста на земјата, наведувајќи го на помисла дека веќе извојувал победа. Но потоа војската на Прокоп застанала, се свртела кон непријателот и се приготвила за напад. Откривајќи ја својата грешка, крстоносците останале во логорот, очекувајќи напад. Кога се слушнал гласот на војската што се приближувала, дури и пред хуситите да се појават на повидок, повторно меѓу крстоносците настанала паника. Кнезовите, војсководителите и војниците го фрлиле оружјето и се разбегале во сите правци. Напразно пратеникот на папата, како водач на походот, се обидувал да ја собере исплашената и распрсната војска. Наспроти сите негови напори, најпосле и него го повлекол бранот на бегалците. Поразот бил целосен, и пак огромен плен паднал во рацете на победникот.

Така по вторпат, без ниеден удар со меч, побегнала пред еден малечок слаб народ една војска организирана од најсилните европски народи, што се состоела од храбри борбени луѓе, добро обучени и вооружени за борба. Било јасно дека овде се вмешала божествената сила. Напаѓачите биле совладани од некој необичен страв. Оној што ја уништил фараоновата војска во Црвеното Море, Оној што ги натерал во бегство Мадијанците пред Гедеона и пред неговите триста луѓе, Оној што ноќе ја уништил моќта на гордите Асирци, сега пак ја подигнал својата рака да ја уништи силата на напаѓачите. „Ете ги исплашени и кога нема причина за страв! Бог им ги расеа коските на тие што те напаѓаа и ти ги посрами, зашто нив Бог ги отфрли“ (Псалм 53,5). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest