Библијата и француската револуција (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога божицата е одведена во Конвентот, претседателот ја зел за рака и, обраќајќи му се на собирот, рекол: „Смртници, престанете да се тресете пред немоќните громови на Бога кого го создал вашиот страв. Од сега немојте да признавате ниту едно друго божество, освен божеството на разумот. Јас ви го претставувам неговиот најблагороден и најчист лик; ако веќе морате да имате идоли, жртви принесувајте само пред вакви каков што е овој… Паѓајте пред сјајниот Сенат на слободата! Поклонете му се на разумот!“

„Откако претседателот ја прегрнал, божицата седнала во прекрасна кола и, придружувана од радосни извици на големо мноштво, била однесена во катедралата Нотр­Дам, таму да заземе место на божество. Таму била подигната на висок олтар и од сите присутни примила изрази на обожавање“(Alison, vol. 1, ch. 10).

Набргу потоа настапило јавно спалување на Библијата. Во една таква пригода членовите на здружението на народниот музеј влегле во собранието со извик: „Да живее разумот!“ На врвот на еден стап носеле остатоци од книги што сè уште чаделе, меѓу кои молитвеници, бревијари и дуги ракописи на Стариот и Новиот завети, кои, како што се изразил претседателот, „во големиот оган испаштале за своите глупости на кои го поттикнувале човечкиот род“(Journal of Paris, 1793, No. 318. Quoted in Buchez-Roux, Collection of Parliamentary History, vol. 30, pp. 200, 201).

Папството почнало дело што сега безбоштвото го довршило. Папската политика создала такви општествени, политички и религиозни околности што Франција ја довеле до работ на пропаста. Писателите, зборувајќи за ужасите на револуцијата, истакнуваат дека овие испади мора да им се стават на товар на круната и црквата. Поточно, мора да ѝ се припишат на црквата која кралевите ги распалила против реформацијата, прикажувајќи ја како непријател на круната и како причина за нередите, која е опасна за мирот и за единството на народот. На овој начин Рим распирил најодвратна свирепост и најлошо насилство што кога и да е произлегло од некој престол.

Духот на слободата одел наспоредно со Библијата. Насекаде каде што е примено евангелието, на луѓето им се отворале очите. Почнале да се ослободуваат од оковите на незнаењето, од пороците и од празноверието; почнале да мислат и да работат како луѓе. Кралевите тоа го виделе и почнале да се тресат за својата неограничена власт.

Рим не пропуштил да ги поттикнува нивните себични стравувања. Во 1525 година папата му рекол на францускиот регент: „Оваа манија (протестантизмот) нема да ја расипе и да ја уништи само религијата, туку и сите поглаварства, племството, законите, редот и сталежите“(G. de Felice, History of the Protestants of France, b. 1, ch. 2, par. 8).

Неколку години подоцна папскиот нунциј го предупредил кралот: „Ваше величество, немојте да се лажете. Протестантизмот ќе го обори сиот граѓански и верски поредок… Престолот е во исто толкава опасност колку и олтарот. Воведувањето на новата религија неминовно ќе создаде нов поредок“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 2, ch. 36).

И теолозите поттикнувале предрасуди кај народот, тврдејќи дека протестантската наука „луѓето ги наведува на новотии и глупости; кралевите ги лишува од пожртвуваната љубов на неговите приврзаници и ја опустува црквата и државата.“ Така Рим успеал да ја подигне Франција против реформацијата. „Мечот на прогонство најпрво бил извлечен во Франција за да се сочува престолот, законите и благородништвото“ (Wylie, b. 13, ch. 4).

Владетелите не ги предвиделе последиците на оваа кобна политика. Науката на Светото писмо би ги всадила во срцата на луѓето начелата на правдата, умереноста, вистината, еднаквоста и добрината што се темелен камен на народниот напредок. „Праведноста народот го издигнува.“ „Праведниот владетел се гнаси од неправди, зашто власта треба врз правда да се темели.“ „Мирот ќе биде дело на правдата, а плод на праведноста ­ трајно спокојство и надевање“ (Мудри изреки 14,34; 16,12; Исаија 32,17). Оној што му се покорува на Божјиот закон исто така ќе ги почитува законите на својата земја. Оној што се бои од Бога, ќе го почитува и владетелот при спроведувањето на неговата праведна и законита власт. Но несреќната Франција ја забранила Библијата и почнала да ги прогонува нејзините ученици. Со векови искрени и чесни луѓе, луѓе посветени и совесни, луѓе од начела, кои имале храброст да го исповедаат своето убедување и да трпат поради верата работеле како робови на галии, умирале на ломачи или гниеле во мрачни ќелии. Илјадници нашле спасение во бегство; таквата состојба траела уште двесте и педесет години од почетокот на реформацијата. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest