Швајцарски реформатор (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) „Светото писмо“, рекол Цвингли, „потекнува од Бога, а не од човек. Бог, кој просветлува, ќе ти даде да разбереш дека неговиот говор е од Бога. Божјата реч… не може да погреши; таа просветлува, поучува, издигнува, ја осветлува душата со спасение и со милост, ја теши во Бога, ја прави понизна, така што заборава на себе и го прифаќа Бога.“ Цвингли сам ја искусил вистинитоста на овие зборови. Зборувајќи за своето искуство од тоа време, тој подоцна пишувал: „Кога почнав да ја проучувам Божјата реч, постојано ме вознемируваа филозофијата и сколастиката. На крај дојдов до заклучок: треба сето тоа да го оставам и Божјата светлина да ја барам единствено во неговата Реч. Тогаш почнав да се молам на Бога да ми прати светлина и проучувањето на Писмото ми стана многу полесно“ (Исто, b. 8, ch. 6).

Науката што ја проповедал Цвингли не ја примил од Лутера. Тоа била Христова наука. „Ако Лутер го проповедал Христ“, рекол швајцарскиот реформатор, „тој го правел она што го правам и јас. Бројот на оние што ги довел тој кај Христа е поголем од бројот на оние што сум ги довел јас. Но тоа не е важно. Јас нема да носам друго име освен Христовото, чијшто војник сум, и Тој е мој единствен Водач. Никогаш не сум му напишал на Лутера ниту еден збор, ниту тој мене. А и зошто би му напишал?… За да се види како Божјиот Дух не си противречи самиот себеси, обајцата едногласно сме ја проповедале Христовата доктрина“(D’Aubigne, b. 8, ch. 9).

Во 1516 година Цвингли е повикан да биде проповедник во манастирот во градот Ајнзиделн. Овде требало да добие можност подобро да се запознае со расипаноста на Рим и да изврши влијание што ќе се чувствува далеку од неговите родни Алпи. Меѓу главните привлечности на Ајнзиделн се вбројува една слика на дева Марија за која се тврдело дека има чудотворна моќ . Над влезната врата на манастирот стоел натпис: „Овде може да се добие потполно проштавање на гревовите!“ (Исто, b. 8, ch. 5). Во секое годишновреме доаѓале поклоници да се поклонат пред сликата на дева Марија, но на големиот годишен празник, посветен во нејзина чест ­ од сите краишта на Швајцарија и дури од Франција и Германија, доаѓало мноштво поклоници. Мошне ожалостен со таа сцена, Цвингли ја искористил можноста на овие робови на празноверието да им ја проповеда слободата што ја донесува евангелието.

„Немојте да мислите“, им зборувал тој од проповедалната, „дека Бог е повеќе во овој храм отколку на друго место. Во кое било место да живеете, Бог е околу вас и ве слуша… Можат ли бесполезните дела, долгите поклоненички патувања, даровите, сликите, дева Марија и светците да ви прибават Божја милост? Каква корист имате од мноштвото зборови со кои ги украсувате своите молитви? Колку ќе помогне сјајната одежда, избричената глава, долгата и набрана облека или со злато извезените влечки? Бог гледа на срцето, а нашите срца се далеку од него.“ „Христос, кој некогаш се жртвувал на крст, е вистинска Жртва и Страдалник, и Тој ги исплатил гревовите на верниците за сета врчност“ (Исто, b. 8, ch. 5). На многу слушатели ова учење не им било по волја. Горко се разочарале кога чуле дека нивниот напорен пат е напразен. Не можеле да го сфатат проштавањето што им го нуди Христос бесплатно. Биле задоволни со стариот пат кон небото што им го обележал Рим. Тие се плашеле од тешкотиите што би ги снашле при барањето на подобар пат. Полесно им било своето спасение да му го доверат на свештеникот или на папата отколку да бараат чистота на срцето.

Меѓутоа, други со радост ја примиле веста на спасението во Христа. Обредите што ги пропишал Рим не им донеле душевен мир и тие со вера ја примиле крвта на Спасителот како средство за свое исчистување. Се вратиле во својот роден крај и на другите да им ја откријат драгоцената светлина што ја примиле. Така вистината се пренесувала од село во село, од град во град и сè повеќе се намалувал бројот на поклониците на дева Марија. Се намалиле исто така и даровите, а според тоа и приходите на Цвингли што потекнувале од тие дарови. Но тој не се жалостел поради тоа; напротив, се радувал кога видел како се руши моќта на фанатизмот и празноверието.

Црковните достоинственици не биле слепи за делото што го вршел Цвингли. Се надевале дека ќе го придобијат за себе со ласкање и затоа за миг се воздржале од судир. Во меѓу време вистината ги задобивала срцата.

Работата на Цвингли во Ајнзиделн го приготвила за поголемо поле на работа во кое набргу требало да стапи. По три години бил повикан за проповедник во катедралата во Цирих. Овој град тогаш бил најголем во швајцарската федерација, и сè што се случувало таму имало далекусежно влијание. Духовните лица, на чијшто повик дошол Цвингли во Цирих, се потрудиле да му објаснат дека не сакаат новотии и го упатиле на неговите должности. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest