Швајцарски реформатор (прв дел)

Во изборот на орудијата да се спроведе реформа во црквата го гледаме истиот божествен план како и при основањето на црквата. Божествениот Учител ги оставал на страна земните големци, благородниците и богатите, кои навикнале од луѓето да примаат пофалби и почит. Исполнети со чувство на моќ , тие не можеле да сочувствуваат со своите ближни ниту да станат соработници на понизниот Назареќанец. На неуките галилејски рибари им бил упатен повикот: „Појдете по мене и јас ќе ве направам ловци на луѓе“ (Матеј 4,19). Тоа биле понизни луѓе, готови да се поучуваат. Колку помалку биле под влијание на лажното учење на своето време, Христос можел поуспешно да ги поучува и да ги приготвува за својата служба. Така било и во деновите на големата реформација. Главните реформатори биле луѓе од народот, луѓе кои не биле обземени од желба за чест и од религиозниот фанатизам на своето време. Бог се служи со понизни орудија за да постигне големи успеси. Тогаш славата не им се припишува на луѓето туку на Оној кој работи преку нив да „сакаат и да го сторат она што му е угодно“.

Неколку седмици по раѓањето на Лутера, во колибата на еден саксонски рудар се родил Улрих Цвингли во куќичка на еден овчар во Алпите. Околината на Цвингли во неговото детство и неговото прво воспитување биле добра подготовка за неговата подоцнежна мисија. Воспитан среде сцените на величествената природна убавина, бил проникнат со чувство на Божјата моќ , со страхопочит кон неговата големина и величество. Историјата на јуначките дела на неговите сонародници кај него ги запалила неговите младешки стремежи. Од својата побожна баба слушал свети стории што таа ги напаберкувала од библиската историја и од црковните преданија. Со голем интерес слушал за делата на патријарсите и пророците, за овчарите што ги паселе стадата на палестинските ритчиња, каде што ангелите разговарале со нив за Детето од Витлеем и за Човекот од Голгота.

Исто како и Ханс Лутер, така и татко му на Цвингли сакал да го школува синот и момчето морало рано да го напушти својот роден крај. Неговото напредување било толку брзо што наскоро се поставило прашање каде да се најде за него учител кој би бил способен да го поучува? Кога имал тринаесет години, пошол во Берн, каде што постоела тогаш најдобрата школа во Швајцарија. Тука се појавила опасност што се заканувала да ја расипе неговата иднина. Имено, калуѓерите постојано го наговарале да стапи во манастир. Доминиканците и фрањевците се натпреварувале кој ќе задобие поголема наклоност кај народот. Тоа сакале да го постигнат со богатството и со украсите на своите цркви, со сјајот на своите церемонии, со привлечноста на славните реликвии и со чудотворните слики.

Доминиканците во Берн виделе дека, доколку го придобијат тој млад и надарен ученик, ќе си обезбедат себеси добивка и чест. Неговата необична младост, неговата вродена дарба како говорник и како писател, неговиот талент за музика и поезија би биле повлијателни отколику сиот нивни сјај и раскош да го привлечат народот кон својата црква и да ги зголемат приходите на својот ред. Со итрина и ласкање настојувале да го придобијат Цвингли да стапи во нивниот манастир. Лутер како студент се закопал во ќелија на манастир; тој би бил загубен за човештвото кога Божјето прови дение не би го избавило оттаму. Цвингли не смеел да оди по патот на истата опасност. Неговиот татко со Божје провидение бил известен за намерите на калуѓерите. Тој не сакал неговиот син да појде по патот на денгубниците и на безвредниот калуѓерски живот. Видел дека неговата иднина е во опасност па му наредил веднаш да се врати дома.

Момчето ја послушало заповедта, но не можело долго да остане во својата родна долина; по извесно време пошло да ги продолжи своите студии во Базел. Тука Цвингли првпат слушнал проповед за доброволниот дар на Божјата милост. Професорот по стари јазици, Витембах, студирајќи го еврејскиот и грчкиот јазик, дошол во врска со Светото писмо и така зраците на божествената вистина го осветлиле умот на неговите ученици. Тој учел дека постои постара вистина, многу повредна од теориите на научниците и филозофите. Таа стара вистина е сознанието дека Христовата крв е единствен откуп за грешниците. За Цвингли тоа било исто како и првите зраци што ѝ претходат на зората.

Набргу Цвингли бил повикан да го напушти Базел и да го прифати своето животно звање. Негово прво место на работа била една парохија во Алпите, недалеку од неговата родна долина. Откако примил свештеничко посветување, „тој со цела душа се посвети на проучување на божествената вистина, свесен“, кажува еден негов соработник, „колку многу мора да знае оној на кого му е доверено Христовото стадо“(Wylie, b. 8, ch. 5). Колку повеќе го истражувал Писмото, сè појасно ја забележувал разликата меѓу библиските вистини и заблудите на Рим. Ја прифатил Библијата како Божја реч, како единствено целосно и непогрешно правило на верата и животот. Сфатил дека Божјата реч мора да биде самата себеси толкувач. Не се осмелил да се служи со Светото писмо за да поддржи некоја однапред измислена теорија, туку го сметал за своја должност да ја запознае неговата непосредна и јасна наука. Се служел со сите средства што му стоеле на располагање за целосно и вистински да го разбере Писмото, и барал помош од Светиот Дух кој, како самиот што рекол, ќе му ја открие вистинската смисла на Божјата реч на секого што го бара тоа искрено и со молитва.
(продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest