Реформацијата во Франција (прв дел)

Протестот во Шпаер и Аугзбуршката вероисповед биле доказ за победата на реформацијата во Германија. Но потоа настапиле години на борба и мрак. Ослабен со несогласијата меѓу своите следбеници и напаѓан од моќните непријатели, се чинело дека протестантизмот е осуден на целосно уништување. Илјадници своето сведоштво го запечатиле со крв. Избувнала граѓанска војна; протестантизмот го предал еден од неговите предводни приврзаници; најблагородните кнезови, приврзаници на реформацијата, паднале во рацете на царот и биле влечени од град во град како заробеници. Но, во часот на својот привиден триумф, царот доживеал пораз. Видел како пленот му се отима од раце и најпосле бил присилен да ѝ загарантира сносливост на науката, чиешто уништување го сторил своја животна задача. Тој го ставил на коцка своето царство, своето богатство, па и самиот живот, само да го искорени кривоверството. Сега своите војски ги видел истрошени од војувањето, своето богатство исцрпено, своите многубројни покраини загрозени со буни, додека верата, што напразно настојувал да ја задуши, се ширела на сите страни. Карло V се борел против семожната Божја сила. Бог рекол: „Нека биде светлина“, но царот сакал да ја задржи темнината. Неговите планови пропаднале; тој остарел предвреме и, премален од долгата борба, се откажал од престолот и се повлекол во еден манастир каде што по две години умрел.

За реформацијата во Швајцарија, како и во Германија, настапиле тешки денови. Додека многу кантони ја примиле реформираната вера, други со слепа упорност се држеле за римската вера. Најпосле гонењето на оние што ја прифаќале реформираната вера довело до граѓанска војна. Цвингли и многу од неговите соработници паднале на крвавото поле кај Капела. Еколампад, по годен со оваа страшна несреќа, умрел набргу потоа. Рим триумфирал; се чинело дека повторно го освоил она што го загубил порано. Но Оној, чиишто намери се вечни, не го оставил своето дело и својот народ. Избавување требало да дојде од неговата рака. Тој во други земји разбудил работници да ја продолжат реформацијата.

Во Франција зората на реформацијата почнала да осамнува пред да се слушне за Лутера. Еден од првите кои почнал да ја сфаќа светлината на вистината бил стариот Лефевр, човек мошне учен, професор на парискиот универзитет, ревносен и искрен католик. При проучувањето на старата книжевност, му било обрнато внимание на Библијата и тој ја вовел како предмет на проучување за своите студенти.

Лефевр бил одушевен обожавач на светците и решил да напише животопис за светците и мачениците врз основа на црковните легенди. Оваа работа барала многу труд, и тој веќе значително напредувал во тоа, кога одненадеж почнал да ја проучува Библијата, мислејќи дека таа ќе може да му помогне во неговата работа. Тука навистина нашол опис на светците, но не такви како во римскиот календар. Порој од небесна светлина го расветлила неговиот ум. Со одвратност сега ја напуштил задачата што си ја поставил себеси и се посветил на проучување на Божјата реч. Набргу почнал да ги проповеда драгоцените вистини што ги нашол таму.

Во 1512 година, пред Лутер и Цвингли да го почнат реформаторското дело, Лефевр пишувал: „Само Бог е Оној што нè оправдува за вечен живот со својата благодат преку верата“(Wylie, b. 13, ch. 1).Размислувајќи за тајната на спасението, извикнал: „О колку красна замена: Невиниот е осуден, а виновникот оправдан; благословениот е проклет, а проклетиот благословен; Живиот умира, а мртвиот прима живот; Славата се покрива со срам, а осрамотениот се облекува во слава“(D’Aubigne, London ed., b. 12, ch. 2).

И додека проповедал оти честа за откупувањето му припаѓа само на Бога, го истакнувал и тоа дека должност на човекот е да биде послушен. „Ако си член на Христовата црква“, велел тој, „тогаш си орган на неговото тело и како таков исполнет со божествена природа… О кога луѓето би можеле да го сфатат тоа предимство, колку чист, невин и свет би бил нивниот живот, и колку сета слава на светот би ја сметале за срам во споредба со внатрешната убавина што е скриена за телесните очи“ (Исто, b. 12, ch. 2). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest