Џон Виклиф (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Појавата на Светото писмо ги уплашила црковните водачи. Сега се сретнале со еден посилен противник од Виклифа, со противник против кој нивното оружје не користело многу. Во тоа време во Англија не постоел закон што би го забранувал Светото писмо, зашто тоа никогаш порано и не било објавено на народен јазик. Такви закони се издадени подоцна и биле строго применувани. Сепак, и покрај отпорот на свештениците, Божјата реч се ширела.

Повторно папските водачи планирале како да го замолкнат гласот на реформаторот. Три пати го викале на суд, но без успех. Прво еден епископски синод неговите списи ги прогласил за кривоверски и, придобивајќи го за себе младиот крал Ричард II, издејствувале кралски указ според кој мора да се затворат сите што се придржуваат кон забранетото учење.

По оваа одлука на синодот, Виклиф му се обратил на парламентот. Пред народното собрание смело ја обвинил хиерархијата и барал реформа на многу злупотреби што ги одобрувала црквата. Со уверлива сила го опишал насилството и расипаноста на папската столица. Непријателите се збуниле. Бидејќи пријателите и помагачите на Виклифа биле присилени да се повлечат, со сигурност се очекувало и реформаторот, во својата длабока старост, кога ќе остане сам и без пријатели, да се поклони пред здружениот авторитет на кралската круна и папскиот престол. Но, наместо тоа, следбениците на Рим биле победени. Парламентот, возбуден од силниот говор на Виклифа, го повлекол едиктот за негово гонење и реформаторот повторно бил на слобода.

И третпат бил повикан на сослушување, и тоа пред највисокиот црковен суд во земјата. Тука нема да има никаква милост за кривоверството. Најпосле Рим ќе триумфира и делото на реформаторот ќе мора да застане. Така смислеле следбениците на папата. Ако ја постигнат тие својата цел, Виклиф ќе биде присилен да се откаже од своето учење или да ја напушти судската сала и да му биде предаден на пламенот на ломачата. Но Виклиф не се откажал од своето учење; не сакал да биде лицемер. Храбро ја бранел својата наука и ги побивал клеветите на своите прогонувачи. Заборавајќи на себе и на својата положба, ги повикал своите слушатели пред Божјиот суд, мерејќи ги нивните лукавства и измами на вагата на вечната вистина. Во судската сала се чувствувала сила на Светиот Дух. Присутните како да биле приковани за своите места со Божја сила. Се чинело дека се немоќни да го напуштат местото. Зборовите на реформаторот ги пробивале нивните срца како стрели од Божјиот лак. Клеветите за кривоверство, што ги подигнале непријателите против него, тој со силна уверливост ги фрлил врз нив. Ги прашал присутните од кои причини се осмелиле да ги шират своите измами. ­ Заради добивка, да тргуваат со Божјата милост.

„Што мислите, со кого се борите“, ги прашал најпосле, „зар со еден старец кој со едната нога веќе е в гроб? Не! Вие се борите против вистината која е посилна од сите вас и која ќе ве победи!” (Wylie, b. 2, ch. 13). Кога го кажал ова, излегол од судската сала и никој од неговите непријатели не се осмелил да го запре.

Делото на Виклифа било речиси довршено. Знамето на вистината што тој толку долго го носел, набргу ќе падне од неговите раце. Но уште еднаш морал да посведочи за евангелието. Вистината морала да се проповеда и среде тврдината на заблудата. Виклиф е повикан пред папски суд во Рим, кој толку често пролевал крв на светите. Реформаторот знаел каква опасност му се заканува и, наспроти тоа, тој би го прифатил повикот кога неговото патување не би го спречила парализа. Но, иако неговиот глас не можел да се слушне во Рим, тој можел да зборува преку писма, и веднаш решил да постапи така. Од својата жупа во Латерворт му упатил писмо на папата во кое, иако составено во учтив тон и во христијански дух, сепак, било остар прекор против суетата и горделивоста на папскиот престол.

Виклиф пишувал: „Навистина се радувам што можам да му ја откријам и да му ја објавам на секој човек, а особено на римскиот епископ, мојата вера што ја сметам за здрава и вистинита, и верувам дека тој ќе биде готов да ја потврди верата што ја изнесувам или пак да ја поправи ако е погрешна.

Прво, јас верувам дека Христовото евангелие го опфаќа сиот Божји закон. Сметам дека римскиот епископ, до колку се смета за Христов заменик на земјата, повеќе од сите луѓе е врзан за овој закон на евангелието. Зашто, големината на Христовите ученици не се состоела од световно достоинство и чест, туку од целосно и точно следење на Христовиот живот и на неговите дела… За време на својот престој на земјата Исус бил мошне сиромашен. Отфрлал и одбивал секоја световна власт и чест…

Ниеден верник не треба да земе пример од папата или од кој и да е светец, освен во она во што тие земаат пример од Господа Исуса Христа. Петар и синовите на Зеведеј погрешиле стремејќи се кон световна чест, зашто не оделе по Христовите стапки; а таа грешка не треба да ја правиме и ние. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest