(продолжува од претходниот ден) Веднаш народниот собор избрал комисија што требало да состави список за сите папски даноци што толку тешко го притискале германскиот народ. Овој список содржел сто и една точка, и поднесен му е на царот со молба да преземе потребни чекори да се укинат тие злоупотреби. „Колку души се загубени!“, рекле членовите на комисијата. „Какви ограбувања, какви изнудувања и поткупувања со кои е опкружена духовната глава на христијанството! Наша должност е да ја спречиме пропаста и срамот на нашиот народ. Од таа причина понизно, но најрешително бараме од вас да наредите итна општа реформа и да ја спроведете“ (Исто, b. 7, ch. 4).
Сега соборот побарал да се доведе реформаторот. Наспроти молбата, протестот и заканите на папскиот делегат, Алеандер, царот најпосле се согласил, и Лутер е повикан да дојде пред соборот. Со повикот му е предадено и писмо во кое му се гарантира сигурно враќање. Повикот во Витенберг му го однел весник на кого му е наредено да го придружува Лутера до Вормс.
Пријателите на Лутера се уплашиле и се ожалостиле. Познавајќи ги предрасудите и омразата кон него, се плашеле дека нема да се почитува гарантното писмо и го молеле својот живот да не го изложува на сигурна опасност. Тој им одговорил: „Папските следбеници не сакаат јас да дојдам во Вормс, туку сакаат да ме осудат на смрт. Ништо за тоа. Не молете се за мене туку за Божјата реч… Христос ќе ми го даде својот Дух да ги победам проповедниците на заблудите. Јас сум ги презирал во мојот живот, и ќе ги победам со мојата смрт. Нивна цел е во Вормс да ме присилат да се откажам, а еве како ќе биде моето откажување: Порано реков дека папата е Христов намесник, а сега, пак, велам дека е противник на Господа и апостол на ѓаволот“ (Исто, b. 7, ch. 6).
Лутер не смеел да патува сам на овој опасен пат. Освен пратеникот на царот, решиле да го придружуваат неговите тројца најдобри пријатели. Меланхтон топло молел да им се придружи. Неговото срце било врзано со срцето на Лутера и тој сакал да го придружува, ако е потребно, било во затвор или во смрт. Но неговата молба не била прифатена. Ако Лутер загине, неговиот млад соработник требало да го носи товарот на реформацијата. Простувајќи се со Меланхтона, реформаторот му рекол: „Ако не се вратам, и ако моите непријатели ме убијат, продолжи да проповедаш и стој цврсто во вистината. Работи наместо мене… Ако живееш ти, мојата смрт нема да значи голема загуба“ (Исто, b. 7, ch. 7).
Студентите и граѓаните што се собрале да присуствуваат на Лутеровото заминување биле длабоко потресени. Мнозина, чии што срца биле трогнати со евангелието, се поздравиле со него плачејќи. Така реформаторот и неговите придружници го напуштиле Витенберг. На патот се осведочиле дека народот е потиштен поради лошите претчувства. Во некои градови не им биле укажувани никакви почести. Во еден хотел, каде што преноќевале, еден свештеник, Лутеров пријател, го изразил својот страв за реформаторот, покажувајќи кон сликата на италијанскиот реформатор Саванарола, кој бил погубен поради својата вера. Другиот ден се дознало дека Лутеровите списи се осудени во Вормс. Царски пратеници го разнесувале царскиот указ и го повикувале народот да им ги предадат на властите забранетите книги. Лутеровиот придружник, плашејќи се за неговата безбедност на соборот и мислејќи дека тој ќе се поколеба во својата одлука, го прашал „дали сè уште сака да го продолжи патот“. Лутер одговорил: „Иако во секој град сум ставен под интердикт, сепак, јас одам напред“ (Исто, b. 7, ch. 7).
Во Ерфурт Лутера го примиле со големи почести. Опкружен со мноштво почитувачи, одел низ улиците низ кои некогаш поминувал толку често со својата питачка торба. Ја посетил својата манастирска ќелија и се сетил за борбата низ која поминал за во своето срце да ја прими светлината што сега ја осветлува цела Германија. Го повикале да проповеда. Навистина, тоа му било забрането, но царскиот пратеник му дозволил и калуѓерот, кој некогаш бил слуга во овој манастир, сега се качил на проповедалната.
Пред големо мноштво слушатели проповедал за Христовите зборови: „Мир вам!“ Тој рекол: „Сите филозофи, доктори, писатели, се труделе да ги научат луѓето како можат да добијат вечен живот, но не успеале. Јас сега сакам да ви го кажам тоа: … Бог воскреснал од мртвите еден човек, Господа Исуса Христа, Тој да ја уништи смртта, да го искорени гревот и да ја скрши вратата на пеколот. Тоа е дело на спасението… Христос победил, ете радосна вест, и ние сме спасени со неговото дело, а не со нашите дела… Нашиот Господ Исус Христос кажал: ‘Мир вам; погледнете ги моите раце’, тоа значи: Гледај, о човече, јас, само јас сум Оној кој ги одзема гревовите и кој спасува. И сега имај мир, вели Господ.“ Продолжил објаснувајќи дека вистинската вера се открива во светиот живот. „Бидејќи Господ нè спасил, нашите дела нека бидат по негова волја. Ако си богат, твоето богатство нека им служи на сиромасите. Ако си сиромав, твојата служба нека биде корисна за богатите. Ако твојата работа е корисна само за тебе, тогаш службата што мислиш дека ја вршиш е лажна пред Бога“ (Исто, b.7, ch.7) (продолжува)