Лутер пред државниот собор (прв дел)

На престолот во Германија стапил нов цар, Карло V. Пратениците на Рим побрзале да му честитаат и да го наговорат да ја употреби сета своја моќ против реформацијата. Од друга страна, изборниот саксонски кнез, на кого Карло во голема мера му должел за својата круна, го молел царот да не презема ништо против Лутера додека не го сослуша. На тој начин царот се нашол во тешка положба и неприлика. Следбениците на папата не барале ништо помалку одошто царот со едикт да го осуди Лутера на смрт. Изборниот кнез решително изјавил дека „ниту неговото величество ниту кој и да е друг докажал оти Лутеровите списи се неточни“, и затоа тој барал „на доктор Мартин Лутер да му се даде гарантно писмо за да може да се јави пред суд на учени, побожни и непристрасни судии“ (D’Aubigne, b. 6, ch. 11).

Вниманието на сите партии сега било насочено кон соборот на германските држави што е свикан во Вормс набргу по стапувањето на Карло V на престол. На тој собор требало да се расправа за важни политички и други прашања. За првпат требало германските кнезови да се состанат со својот млад владетел на советодавно собрание. Од сите страни на државата дошле црковни и државни великодостојници.

Световни големци, со благородно потекло, силни и љубоморни на своите наследни права; црковни поглавари, свесни за својата супериорна положба и за својата моќ ; дворски витези, со својата вооружена придружба; пратеници од туѓи и далечни земји ­ сите се собрале во Вормс. Сепак, главен предмет на внимание на овој голем собор била работата на саксонскиот реформатор.

Карло V претходно му наредил на изборниот кнез да го доведе Лутера со себе на соборот, ветувајќи му своја заштита и слобода да расправа за спорните прашања со меродавни лица. Лутер нестрпливо очекувал да излезе пред царот. Тогаш неговото здравје било мошне влошено; сепак, му напишал на изборниот кнез: „Ако не можам во Вормс да дојдам здрав, нека ме пренесат таму каков што сум, болен, зашто, ако ме вика царот, не смеам да се сомневам дека ме вика Бог. Ако имаат намера против мене да употребат сила, што е веројатно (зашто не ме викаат за да бидат поучени), да го предадеме делото во Божји раце. Уште живее и владее Оној што ги избавил тројцата млади луѓе од огнена печка. Ако не ме спаси Тој, мојот живот не вреди многу. Мораме да спречиме евангелието да не биде изложено на подбив од грешниците и да бидеме готови за него да ја пролееме нашата крв за да не триумфираат тие. Не можам да знам дали мојот живот или мојата смрт повеќе ќе послужи за спасението на сите… Очекувајте од мене сè, само не бегство и откажување. Да бегам не можам, а уште помалку да се откажам” (Исто, b. 7, ch. 1).

Веста дека Лутер ќе дојде на соборот во Вормс предизвикала во градот голема возбуда. Папскиот пратеник, Алеандер, на кого му била доверена специјална задача да ја кочи реформацијата, многу се вознемирил и се разгневил. Знаел дека доаѓањето на Лутера на соборот ќе има кобни последици за папството. Да води истрага за случајот што папата веќе го осудил, би значело да се презре авторитетот на папата. Понатаму, тој се плашел дека силните и речити докази на Лутера би можеле да одвратат многу кнезови од папата. Затоа најенергично вложил кај Карло V приговор против доаѓањето на Лутера во Вормс. Отприлика во тоа време била објавена булата за исклучување на Лутера од црквата. Овој настан и наговарањата на пратеникот на папата го навеле царот да попушти. Тој му пишал на изборниот кнез дека Лутер, ако не сака да се откаже, мора да остане во Витенберг.

Незадоволен со оваа победа, Алеандер маневрирал со сета своја моќ и лукавство да издејствува осуда над Лутера. Со истрајност, што би била достојна за една подобра цел, го обвинувал Лутера пред кнезовите, пред прелатите и пред другите членови на соборот поради востание, бунт, безбожност и богохулство. Но жестокоста и страста што ги покажувал легатот откривале каков дух го проникнува. „Го гонат омраза и одмазда“, велеле сите, „а не ревност и побожност“ (Исто, b. 7, ch. 1). Мнозинството соборјани, повеќе од кога и да е порано, биле наклонети кон делото на Лутера.

Алеандер со двојна ревност го навалувал царот да ја изврши пресудата на папата. Но, според германските закони, не било можно да се стори тоа без согласност на кнезовите. На крај, под притисок на наметливоста на легатот, Карло му заповедал својот предмет да го изнесе пред соборот. „Тоа за папскиот нунциј бил ден на прослава. Соборот бил голем, но уште поголем бил предметот на расправата. Алеандер го бранел Рим, …мајката и господарката на сите цркви.“ Требало да ја застапува „врховната власт на Петар“ пред собраните кнезови на христијанството. „Надарен со речитост, покажал дека ѝ дораснал на големината на дадената задача. Провидението сакало Рим, пред да биде осуден, да добие можност да го изнесе својот предмет пред највеличествениот суд преку устата на својот најспособен говорник“ (Wylie, b. 6, ch. 4). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest