Напредок на реформацијата во Германија (прв дел)

Таинственото исчезнување на Лутера предизвикало вчудовидување во цела Германија. На сите страни се распрашувале за него. За него се ширеле најнеобични гласови и мнозина мислеле дека е убиен. Настанала голема жалост не само меѓу неговите добри пријатели, туку и меѓу илјадници такви кои уште не зазеле отворен став кон реформацијата. Мнозина свечено се заколнувале дека ќе ја одмаздат неговата смрт.

Папските водачи со ужас констатирале до кој степен пораснало нерасположението против нив. Иако од почеток триумфирале, претпоставувајќи дека Лутер е мртов, набргу посакале да се скријат од гневот на народот. Неговите непријатели не биле толку вознемирени ниту со најсмелите негови дела додека бил меѓу нив колку сега, по неговото исчезнување. Оние кои во својот гнев барале да го уништат реформаторот, сега, кога тој бил беспомошен заробеник, биле обземени од страв. „Единствено средство што ни преостанува да се спасиме“, рекол еден од нив, „е да ги запалиме факлите и да го бараме Лутера по цел свет за повторно да му го вратиме на народот кој го бара“(D’Aubigne, b. 9, ch. 1). Се чинело дека царскиот едикт е немоќен. Папските претставници биле огорчени гледајќи дека овој едикт привлекувал многу помалечко внимание отколку судбината на Лутера.

Веста дека Лутер е на сигурно место, иако заробеник, го смирила стравувањето на народот и предизвикала уште поголемо одушевување во негова полза. Неговите списи се читале со поголем интерес од кога и да е порано. Сè поголем број луѓе се придружувале кон делото на храбриот човек кој во толку трагични околности ја бранел Божјата реч. Од ден на ден реформацијата станувала сè посилна. Семето што го посеал Лутер насекаде никнувало. Неговото отсуство го сторило она што не би можело да го стори неговото присуство. Неговите соработници сега чувствувале сериозна одговорност откако нивниот голем водач бил отстранет. Со голема вера и со нова ревност оделе напред правејќи сè што можеле за да не биде спречено и ограничено делото што почнало толку чудесно.

Но и сатаната не бил мрзлив. Сега се обидувал да го стори она што настојувал да го стори кај секое реформаторско движење: народот да го измами и да го упропасти поттурајќи му лажна реформација на местото на вистинската. Како во првиот век што имало во црквата лажни христоси, така и во шеснаесеттиот век се појавиле лажни христоси.

Некои луѓе, длабоко возбудени во религиозниот свет, замислувале дека од небото примиле посебни откровенија и тврделе дека Бог ги повикал да го приведат кон крај делото на реформацијата што го почнал Лутер. Всушност, тие го рушеле она што го изградил Лутер. Го отфрлиле големото начело што било темел на реформацијата ­ Божјата реч ­ како единствено правило на верата и животот, а на местото на тој непогрешен водич ставиле променливо, несигурно мерило на личните чувства и впечатоци. Отфрлајќи го на овој начин средството за откривање на заблудите и измамите, му го отвориле патот на сатаната според своја волја да завладее со човечките умови.

Еден од овие пророци тврдел дека прима упатства од ангелот Гаврил. Друг студент, кој се здружил со него, ги напуштил своите студии изјавувајќи дека сам Бог го надарил со мудрост да ја толкува Божјата реч. И други, кои по природа биле наклонети кон фанатизам, се здружиле со нив. Работата на овие занесеници предизвикала голема возбуда. Проповедите на Лутера насекаде го разбудиле народот да чувствува потреба од реформа, а сега некои навистина чесни души биле заведени со тврдењата на овие нови пророци. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest