Прогонствата во првите векови (прв дел)

Кога Исус им ја открил на своите ученици судбината на Ерусалим и сцената на своето второ доаѓање, ги преткажал и тешкотиите низ кои ќе поминува неговиот народ од часот кога ќе се вознесе па до неговото враќање во сила и слава кога ќе им донесе избавување. Од врвот на Маслинската гора, Спасителот ја гледал луњата што ќе ја зафати апостолската црква. Гледајќи во иднината, ја видел жестоката бура на пустење што ќе се урне врз неговите следбеници во идните векови на мрак и прогонство. Со неколку кратки реченици, полни со страшно значење, преткажал каков став ќе заземат управителите на овој свет кон Божјата црква (Матеј 24,9.21.22). Христовите следбеници треба да поминат по истиот пат на понижување, срам и страдање, по кој поминал нивниот Учител. Истото непријателство што избувнало против Спасителот на светот, ќе бликне и против сите што ќе поверуваат во неговото име.

Историјата на првата христијанска црква ги потврдува зборовите на Спасителот. Земните и пеколните сили се дигнале против Христа, прогонувајќи ги неговите следбеници. Незнабоштвото предвидело дека со победата на евангелието неговите храмови и олтари ќе бидат срамнети со земјата и затоа ги собрало сите свои сили да го уништи христијанството. Се разгорел оган на прогонство. Христијаните биле лишени од имотите и протерани од своите домови. „Поднесуваа чести борби ­и страдања.“ „Доживуваа подбивања и удари, а покрај тоа окови и темници“ (Евреите 10,32; 11,36). Голем број од нив своето сведоштво го запечатиле со крв. Немилосрдно се убивани благородници и робови, богати и сиромаси, учени и необразовани.

Овие прогонства, што почнале во времето на Нерона, отприлика тогаш кога Павле страдал со маченичка смрт, продолжиле со поголема или помалечка жестокост низ вековите. Христијаните лажно се обвинувани за најстрашни злосторства и претставувани се како причина за големи несреќи: глад, чума и земјотреси. Бидејќи станале предмет на општа омраза и сомневање, лесно се наоѓале и подлизурковци кои, за добивка, предавале невини. Осудувани се како бунтовници против царството, како непријатели на религијата и како чума за народот. Мнозина се фрлани пред диви ѕверови или спалувани живи во амфитеатрите. Некои се распнувани, други се наметнувани во кожи на диви животни и фрлани во арена за да ги раскинат кучиња. Нивните казни често биле главен предмет на забава при народните празници. Големо мноштво свет се собирало да ужива во тие сцени, поздравувајќи ги нивните претсмртни маки со потсмев и дивјачки овации.

Каде и да побарале прибежиште, Христовите следбеници биле гонети како диви ѕверови. Морале да бараат засолниште во пустини и во зафрлени места. Биле „скудни, во неволја, малтретирани оние за кои светот не беше достоен талкајќи низ пустини, по гори, по пештери и по земни пукнатини“ (Евреите 11,37.38). Илјадници од нив нашле засолниште во катакомби. Под бреговите, надвор од Рим, биле прокопани долги ходници под земја и под карпи; со километри надвор од градот се простирала темна и замрсена мрежа од ходници. Во тие подземни засолништа Христовите следбеници ги закопувале своите мртви. Овде исто така наоѓале прибежиште кога биле осомничени и протерани. Кога Дарителот на животот ќе ги разбуди оние што се бореле во благородната борба на верата, многу маченици заради Христа ќе излезат од овие мрачни пештери.

Овие Христови сведоци ја сочувале својата вера неизвалкана и за време на најстрашните прогонства. Иако лишени од секое удобство, далеку од сончевата светлина, наоѓајќи дом во темната но пријателска закрила на земјата, сепак, не се жалеле. Со вера, со трпение и надеж, се храбреле еден со друг за да ја поднесат скудноста и неволјите. Загубата на какво и да е земно богатство не можела да ги натера да се откажат од верата во Христа. Искушенијата и прогонствата биле само скалила по кои се приближувале кон својот мир и кон својата награда.

Како и Божјите слуги во минатото, мнозина биле „мачени на кол, одбивајќи да бидат ослободени, за да го постигнат подоброто воскресение“ (Евреите 11,35). Си спомнувале за Исусовите зборови дека треба да се радуваат кога ќе ги прогонуваат заради него, зашто голема ќе биде нивната награда на небесата, бидејќи и пророците пред нив ги гонеле на ист начин. Толку многу се радувале што биле достојни да страдаат заради Христа, што среде прскотењето на пламенот на ломачите одекнувале песни на победа. Гледајќи со вера горе, го виделе Христа и ангелите како се наведуваат кон нив и ги гледаат со најискрено сочувство, одобрувајќи ја нивната верност. Еден глас од Божјиот престол им зборувал: „Биди верен сè до смрт и ќе ти дадам венец на­ живот“ (Откровение 2,10). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest