Затворањето и смртта на Јована (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Детството на Јована, неговата младост и мажевен период, биле обележани со постојаност и со морална сила. Кога се слушнал неговиот глас во пустината како зборува: „Подгответе му го патот на Господа и израмнете му ги патеките“ (Матеј 3,3), сатаната се уплашил за безбедноста на своето царство. Грешноста на гревот е откриена на таков начин што луѓето се треселе. Силата на сатаната над мнозина што биле под негова власт била скршена. Бил неуморен во своите настојувања да го оттргне Крстителот од животот на безусловно покорување на Бога, но не успеал во тоа. Тој не го совладал ниту Христа. При искушението во пустината, сатаната бил победен и не говиот бес бил силен. Сакал да му нанесе болка на Оној што не можел да го наведе на грев.

Исус не посредувал да го ослободи својот слуга. Знаел дека Јован ќе ја издржи пробата. Спасителот радо би дошол кај Јована со своето присуство да го осветли мракот на затворот. Меѓутоа, Тој немал намера да се стави во рацете на непријателите и да ја доведе во опасност сопствената мисија. Радо би го ослободил својот верен слуга. Но заради илјадници што во идните години ќе мора да појдат од затвор во смрт, Јован требало да ја испие чашата на маченичка смрт. Кога Христовите следбеници ќе чмаат во самици или ќе гинат од мечеви, од справи за мачење или од ломачи, привидно напуштени од Бога и оставени од луѓето, каква потпора за нивните срца ќе биде помислата дека Јован Крстителот, за чијашто верност посведочил и сам Христос, поминал низ слично искуство!

На сатаната му било дозволено на Божјиот весник да му го одземе земниот живот; но оној живот што е „скриен со Христа во Бога“, уништувачот не можел да го допре (Колошаните 3,3). Ликувал што на Христа му нанесол болка, но не успеал да го победи Јована. Смртта само засекогаш го ставила надвор од досегот на силата на искушението. Во оваа борба сатаната го покажал својот карактер. Пред вселената како сведок, тој го открил своето непријателство кон Бога и кон човекот.

Иако на Јована не му е подарено никакво чудесно избавување, тој не бил заборавен. Секогаш имал друштво на небесните ангели кои му ги отворале пророштвата за Христа и за драгоцените ветувања на Писмото. Тоа за него било потпора, како што ќе биде потпора за Божјиот народ во текот на вековите што ќе настапат. На Јована Крстителот, како и на оние што ќе дојдат по него, им е дадено уверување: „Јас сум со вас во сите дни до крајот на светот“ (Матеј 28,20).

Бог никогаш не ги води своите деца поинаку отколку самите што би избрале да бидат водени кога би можеле од почеток да го видат крајот и да ја разберат славната намера што ја исполнуваат како негови соработници. Ни Енох, кој е одведен на небото, ни Илија, кој се вознел во огнена кола, не биле поголеми и повеќе почитувани од Јована Крстителот кој умрел сам во затвор. „Вам ви беше дадено заради Христа не само да верувате во него, туку и да страдате заради него“ (Филипјаните 1,29). Од сите дарови што може да им ги даде Небото на луѓето, заедницата со Христа во неговите маки е најголема доверба и најголема почест.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest