Закон на новото царство (прв дел)

Се приближувало времето на празникот Пасха и Исус повторно се упатил во Ерусалим. Во неговото срце постоел мир на совршена хармонија со волјата на Отецот и со цврсти чекори брзал кон местото каде што ќе биде жртвуван. Учениците ги обзело чувство на таинственост, сомневање и страв. Спасителот „одеше пред нив, а тие беа вчудовидени и го следеа со страв“.

Повторно ги повикал дванаесеттемина кај себе и поодредено од кога и да е порано им го открил предавството и своето страдање. „Еве“, рекол, „одиме горе во Ерусалим и ќе се исполни сè што пишуваа пророците за Синот човечки, зашто ќе биде предаден на неверниците, и ќе му се потсмеваат, и ќе биде измачуван и плукан; и откако ќе биде камшикуван, ќе го убијат, но Тој ќе воскресне во третиот ден. Но тие не разбраа ништо од тоа, зашто истото беше скриено од нив и не го сфатија кажаното.“

Зар тие пред малку не објавуваа насекаде: „Наближи царството небесно?“ Зар не ветил и сам Христос дека мнозина ќе седнат со Аврама, со Исака и со Јакова во Божјето царство? Зар не им ветил на сите што оставиле сè заради него стокатно повеќе во овој живот и дел во неговото царство? Зар не им дал на дванаесеттемина посебно ветување за почесни положби во неговото царство да седат на престоли и да судат над дванаесетте племиња Израелови? Дури и сега рекол дека сè што е напишано за него во пророците ќе се исполни. Зар пророците не ја најавиле славата на владеењето на Месија? Во светлината на овие мисли, неговите зборови за предавството, за прогонството и за смртта изгледале нејасни и мрачни. Без оглед на тоа какви тешкотии ќе настапат, тие верувале дека царството набргу ќе се воспостави.

Синот на Зеведеј, Јован, бил еден од првите двајца ученици кои пошле по Исуса. Тој и неговиот брат, Јаков, биле во онаа прва група што напуштила сè заради неговата служба. Радо го напуштиле домот и пријателите за да можат да бидат со него; го следеле и разговарале со него; биле со него во тивкиот дом и на јавните собири. Тој ги стивнал нивните стравувања, ги избавил од опасностите, ги отстранил нивните страдања, ги тешел во нивната жалост и ги поучувал со трпение и нежност сè додека не било очигледно оти нивните срца се поврзале со неговото и додека во љубовта што горела не копнееле да бидат што поблизу до него во неговото царство. Во секоја прилика Јован заземал место до Спасителот, а Јаков копнеел да биде почестен со што потесна врска со него.

Нивната мајка била Христов следбеник и доброволно му служела со својот имот. Со својата мајчинска љубов и честољубивост за своите деца, сакала за нив најпочесни места во новото царство. Поради тоа ги поттикнувала да го постават своето барање.

Мајката и нејзините синови дошле кај Исуса барајќи да им исполни една молба што ја носеле во своите срца.

„Што сакате да сторам за вас?“ прашал. Мајката одговорила: „Заповедај двајцава мои синови да седнат едниот десно, а другиот лево од тебе во твоето царство!“

Исус кон нив се однесувал нежно, не укорувајќи ја нивната себичност покажана во барањето на првенство над своите браќа. Тој ги читал нивните срца, ја знаел длабината на нивната приврзаност кон себе. Нивната љубов не е само човечко чувство обесветено со земната природа на својот човечки канал; тоа извира од изворот на неговата откупителска љубов. Тој не сакал да укори, туку да продлаби и да исчисти. Рекол: „Можете ли да ја испиете чашата што ќе ја испијам јас, или да се крстите со крштавањето со кое ќе се крстам јас?“ Се сетиле за неговите загадочни зборови што го навестувале судењето и страдањата, но сепак, самоуверено одговориле: „Можеме.“ Го држеле за најголема чест да ја докажат својата приврзаност со тоа што ќе земат удел во она што треба да му се случи на нивниот Господ.

„Ќе ја пиете чашата што ќе ја пијам и ќе бидете крстени со крштавањето со кое ќе се крстам јас“, рекол. Пред него бил крст наместо престол, двајца разбојници, негови придружници, десно и лево од него. Јован и Јаков требало со својот Учител да учествуваат во страдањата, едниот, прв од браќата да загине од меч, а другиот, најдолго од сите да издржи маки, срам и прогонство.

„Но да седнете десно или лево од мене, за тоа не решавам јас“, продолжил Тој. „Тоа им припаѓа на оние за кои е приготвено.“ Во Божјето царство положбата не се добива по наклоност. Таа не се заслужува ниту се прима со произволно давање. Таа е резултат на вредноста на карактерот. Круната и престолот се доказ дека е исполнет условот: победа над самиот себе преку нашиот Господ Исус Христос.

Многу подоцна, кога овој ученик е доведен во ситуација да учествува со Христа во заедницата на неговите маки, Господ му открил на Јована кој е условот за присна заедница во неговото царство. „На оној што победува“, рекол Христос, „ќе му дадам да седне со мене на мојот престол, како и јас што победив и седнав со мојот Отец на неговиот престол.“ „Победникот ќе го сторам столб во црквата на мојот Бог од каде што нема да излезе повеќе. На него ќе го напишам името на мојот Бог… и моето ново име“ (Откровение 3,21.12). Апостол Павле додава: „Јас веќе се излеав и времето на моето заминување настапи. Извојував добра борба, го завршив патот, ја запазив верата. А сега натаму ми е подготвен венецот на праведноста, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија“ (2. Тимотеј 4,6­8). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest