Захеј (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Пред да погледне во Христовото лице, Захеј почнал дело со кое покажал дека е вистински покајник. Пред некој да го обвини, го признал својот грев. Го прифатил сведоштвото на Светиот Дух и почнал да ја спроведува поуката на зборовите напишани како за стариот Израел така и за нас. Одамна пред тоа Господ рекол: „Ако осиромаши твојот брат и ако не може да ги одржува своите односи со тебе, прими го; и нека живее со тебе како странец или како гостин. Не земај од него ниту лихва ниту камата. Бој се од својот Бог, и твојот брат нека живее со тебе. Немој да му позајмуваш пари со камата ниту со печалба да му даваш храна.“ „Никој од вас нека не му нанесува штета на својот сонародник, туку бој се од својот Бог“ (3. Мојсеева 25,35-37.17). Овие зборови ги изговорил лично Христос кога бил скриен во столбот од облак и токму првиот одговор на Захеј на Христовата љубов се состоел од покажување на сомилост кон сиромасите и кон оние што страдаат.

Меѓу цариниците постоел сојуз, така што можеле да го угнетуваат народот и да се поддржуваат еден со друг во своите нечесни дела. Во своето ограбување го спроведувале она што речиси станало сеопшт обичај. Дури и свештениците и рабините, кои ги презирале цариниците, биле виновни за богатење со нечесни постапки под плаштот на својот свет позив. Меѓутоа, штом Захеј го прифатил влијанието на Светиот Дух, отфрлил секоја постапка спротивна на чесноста.

Ниедно покајание не е вистинско ако не предизвика промена на животот. Христовата праведност не е наметка со која ќе се покриваат непризнатите и неоставените гревови; тоа е животно начело што го преобразува карактерот и управува со однесувањето. Светоста значи целосна припадност на Бога; тоа е целосно предавање на срцето и животот за стан на небесните начела.

Христијанинот во својот деловен живот треба да му го претстави на светот начинот на кој нашиот Господ би ги водел деловните потфати. Во секоја работа тој треба да покаже дека Бог е негов учител. „Светиња на Господа“ треба да биде напишано на трговските дневници и на главната книга, на договорите, на признаниците и на вредносните хартии. Оние што тврдат дека се Христови следбеници а работат на нечесен начин, се лажни сведоци за карактерот на светиот, праведен и милостив Бог. Секоја обратена душа, како Захеј, ќе го објави влегувањето на Христа во своето срце со тоа што ќе ги напушти неправедните постапки што го обележувале негови от живот. Како старешината на цариниците, тој ќе даде доказ за својата искреност со тоа што ќе ја надомести нанесената штета. Господ вели: „Ако го врати безбожникот залогот, ако го плати она што го грабнал, и ако почне да живее според законите на животот, не правејќи беззаконија, … сите негови гревови што ги сторил ќе му бидат заборавени; … ќе живее“ (Езекил 33,15.16).

Ако сме им нанеле на другите неправда со некоја неправедна деловна постапка, ако сме измамиле во трговијата или ако сме му поттуриле на некој човек, дури ако тоа било во рамките на законот, треба да го признаеме нашето лошо дело и да ја надоместиме штетата во најголема можна мера. Право е да не го надоместиме само она што сме го зеле, туку и сè она што со текот на времето би се напластило со правилна и мудра употреба додека тоа било во наша своина.

Спасителот му рекол на Захеја: „Денес дојде спасението во овој дом.“ Не бил благословен само Захеј, туку со него и целиот негов дом. Христос дошол во неговиот дом да му даде поуки за вистината и да ги поучи неговите домашни за небесното царство. Тие биле исклучени од синагогите затоа што биле презрени од рабините и верниците; но сега, најпочестениот дом во цел Ерихон се собрал околу божествениот Учител во својата куќа да ги слуша зборовите на животот.

Кога ќе го примиме Христа како личен Спасител, доаѓа спасение за душата. Захеј го примил Исуса не само како поминлив гостин во својот дом, туку како Оној што ќе живее во храмот на душата. Закониците и фарисеите го обвинувале како грешник, мрморејќи против Христа затоа што станал негов гостин, но Господ го препознал како Аврамов син, зашто „Аврамови синови се оние кои се од верата“ (Галатите 3,7). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest