Захеј (прв дел)

На патот кон Ерусалим Исус „влезе во Ерихон и поминуваше низ градот“. На неколку километри од Јордан, на западниот раб на долината што овде се проширила во низина, лежел град среде тропско зеленило и раскошна убавина. Со своите палми и богати градини што ги залевале живи извори, блескотел како смарагд опкружен со варовнички планини и со пусти котлини што се сместиле меѓу Ерусалим и градот во низината.

Низ Ерихон поминувале многу карвани, патувајќи во различни правци за време на празниците. Нивното пристигнување во градот секогаш претставувало време на радост, но сега народот го возбудило подлабоко интересирање. Било познато дека среде мноштвото се наоѓал и галилејскиот Учител кој неодамна го воскреснал Лазара, па иако кружеле гласови за заговор од страна на свештениците, мноштвото сакало да му оддаде почест.

Ерихон е еден од градовите кој во старо време бил одвоен за свештениците, а и сега голем број свештеници имале во него свои живеалишта. Меѓутоа, градот имал мошне разнолико население. Тој бил голем прометен центар и во него живееле многубројни римски службеници и војници, заедно со странци од разни краишта, а собирањето на царина го правело дом на многу цариници.

Старешината на цариниците, Захеј, бил Евреин кого неговите сонародници го мразеле. Неговата положба и богатство биле награда за позивот од кој се гнаселе и кој бил сметан за симбол на неправдата и изнудувањето. Сепак, иако навидум било така, богатиот царски службеник не бил потполно закоравен световен човек. Под привидот на световноста и горделивоста се наоѓало срце приемчиво за божественото влијание. Захеј слушал за Исуса. Извештајот за Оној кој љубезно и внимателно се однесувал кон презрените општествени слоеви се проширил на сите страни. Кај старешината на цариниците се разбудил копнеж за подобар живот. Само неколку километри од Ерихон, Јован Крстителот проповедал на реката Јорадан и Захеј го чул повикот на покајание. Повикот упатен до цариниците: „Не земајте ништо повеќе од она што ви е наредено“ (Лука 3,13), иако навидум занемаруван, оставил длабок впечаток врз неговиот ум. Ги познавал Писмата и бил осведочен дека она што го прави е погрешно. Сега, кога ги чул зборовите за кои се тврдело дека потекнуваат од големиот Учител, чувствувал дека е грешник во Божјите очи. Сепак, она што го чул за Исуса разгорело надеж во неговото срце. Дури и кај него било можно покајание и обнова на животот; зар еден од најдоверливите ученици на новиот Учител не е цариник? Захеј веднаш почнал да го следи убедувањето што завладеало со него и да им ја надомести штетата на оние на кои им нанесол неправда.

Веќе почнал да ги исправа своите минати чекори кога низ Ерихон се прочула вест дека во градот влегува Исус. Захеј решил да го види. Почнал да ја сфаќа горчината на плодовите на гревот и сета тежина на патеката на оној што се обидува да се врати од лошиот пат. Тешко било да се поднесува недоразбирањето, средбите со сомневањето и со недовербата во напорите да ги исправи своите грешки. Старешината царинички копнеел да погледне во лицето на Оној чиишто зборови донеле надеж во неговото срце.

Улиците биле затрупани, па Захеј, кој бил малечок по раст, не можел ништо да види преку главите на другите луѓе. Никој не сакал да го пропушти, па така, трчајќи малку пред мноштвото до една разгранета смоква што се надвила над патот, богатиот собирач на данок се качил и седнал меѓу гранките од каде што можел да ја набљудува поворката што поминувала под смоквата. Толпата се приближила и поминувала, а Захеј со страден поглед барал да го препознае ликот на Оној за кого копнеел.

Покрај бучното негодување на свештениците и рабините и извиците на добредојде од страна на мноштвото, оваа неизговорена желба на старешината на цариниците му проговорила на Исусовото срце. Одненадеж, групата застанала токму под смоквата; оние што оделе први и оние што оделе последни се запреле, а погледот на Оној што го читал умот се подигнал горе. Речиси сомневајќи се во своите сетила, човекот на дрвото ги чул зборовите: „Захеј, слези бргу, денес треба да бидам во твојот дом!“

Мноштвото направило пат и Захеј, одејќи како во сон, се упатил кон својот дом. Меѓутоа, рабините тоа го набљудувале со намрштени лица и мрмореле незадоволни и со потсмев што „отиде на гости во куќа на грешен човек!“

Захеј бил вчудовиден и занемен поради Христовата љубов и љубезност со која се спуштил до него толку недостоен. Сега љубовта и верноста кон новопронајдениот Учител ги отпечатиле неговите усни. Тој јавно ќе го посведочи своето признавање и каење.

Среде мноштвото „Захеј стана и му рече на Господа: ‘Еве, Господе, половината од својот имот ќе ја дадам на сиромасите, и ако сум зел од некого нешто несправедливо, ќе вратам четирикратно.’ А Исус му рече: ‘Денес дојде спасението во овој дом, зашто и тој е син на Аврама.’“

Кога богатиот млад поглавар си заминал од Исуса, учениците се вчудовиделе од зборовите на својот Учител: „Колку е тешко да се влезе во Божјето царство! Полесно ѝ е на камилата да се протне низ иглени уши, отколку богат да влезе во Божјето царство!“ А тие си рекле еден на друг: „Тогаш, кој може да биде спасен?“ Сега имале приказ за вистинитоста на Христовите зборови: „Она што е невозможно за луѓето, можно е за Бога“ (Марко 10,24.26; Лука 18,27). Виделе како еден богаташ со Божја милост може да влезе во царството. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest