Заговор на свештениците (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) На усните на Кајафа оваа толку драгоцена вистина е претворена во лага. Животното начело што го застапувал тој е засновано на начелото позајмено од незнабоштвото. Нејасното сознание дека мора да умре еден за човечкиот род помогнало меѓу незнабошците да се принесуваат човечки жртви. Затоа Кајафа предложил целиот грешен народ да се спаси со жртвувањето на Исуса, но не од престапот, туку во престапот, за и понатаму да продолжи да греши. Со тоа свое расудување тој имал намера да ги замолкне приговорите на оние што би можеле да се осмелат да кажат дека до тој миг на Исуса не е најдено ништо што би заслужувало смрт.

На оваа седница на Советот Христовите непријатели биле длабоко осведочени. Светиот Дух влијаел врз нивниот ум. Но сатаната се трудел да загосподари над нив, свртувајќи го нивното внимание кон штетата што ја претрпеле поради Христа; ги убедувал дека Тој малку ја цени нивната праведност! Исус откривал многу поголема праведност што мора да ја имаат сите кои сакаат да бидат Божји деца. Не обрнувајќи внимание на нивните форми и обреди, грешниците ги поттикнувал директно да појдат кај Бога како кон свој милостив Татко и нему да му ги кажат своите потреби. Со тоа, според нив, Тој го отфрлил свештенството. Одбил да ја признае теологијата на рабинските школи. Разоткривајќи ги лошите постапки на свештениците, му нанел ненадоместлива штета на нивното влијание. Тој му нанел штета на влијанието на нивните мудри изреки и преданија, изјавувајќи дека со строгото наметнување на обредниот закон го укинале Божјиот закон. Сега сатаната ги потсетувал на сето тоа.

Сатаната им зборувал дека мора да го убијат Исуса ако сакаат да го сочуваат угледот. Го послушале овој совет. Според нив, фактот дека можат да ја загубат моќта што ја имале сега бил доволна причина да се донесе некоја одлука. Со исклучок на неколкумина, кои не се осмелиле да го искажат својот суд, Синедрионот зборовите на Кајафа ги прифатил како Божји зборови. Меѓу членовите на Советот настанало олеснение; неслогата престанала. Решиле да го убијат Христа при првата згодна прилика. Отфрлајќи го доказот за Христовото божество, овие свештеници и поглавари се заклучиле во непробивна темнина. Целосно паднале под власт на сатаната кој бргу ги туркал преку работ на вечната пропаст. Наспроти тоа, нивната измама била таква што биле мошне задоволни самите со себе. Себеси се сметале за родољуби кои бараат спасение на народот.

Меѓутоа, Синедрионот се плашел против Исуса да преземе непретпазливи мерки со цел народот да не се налути и насилството насочено кон него да не се урне врз самите нив. Поради тоа, Советот се колебал да ја изврши пресудата што ја изрекол. Спасителот го разбрал заговорот на свештениците. Тој знаел дека силно сакаат да го отстранат и дека нивната намера наскоро ќе се исполни. Но, негова должност не била да ја забрза кризата и затоа се повлекол од таа област, земајќи ги со себе своите ученици. Така Исус со својот пример повтор но го потврдил упатството што им го дал на учениците: „Кога ќе ве прогонуваат во тој град, бегајте во друг“ (Матеј 10,23). Постоело широко поле на кое требало да се работи за спасение на душите. Сè додека преданоста кон Христа не го бара тоа, Господовите слуги не треба да ги изложуваат своите животи на опасност.

До овој миг Исус на светот му посветил три години јавна служба. Пред нив бил неговиот пример на самооткажување и на несебично доброчинство. На сите им бил познат неговиот живот на чистота, на страдања и посветување. Сепак, овој краток период од три години бил долг толку колку што можел овој свет да го поднесе присуството на својот Откупител. Неговиот живот бил живот исполнет со прогонства и навреди. Протеран од Витлеем од љубоморниот цар, отфрлен од својот народ од Назарет, осуден на смрт без вина во Ерусалим, со неколку свои верни следбеници Исус нашол свое привремено прибежиште во еден туѓ град. Тој, кого секогаш го трогнувале човечките несреќи, кој ги лекувал болните, кој им го враќал видот на слепите, слухот на глувите, говорот на немите, кој ги хранел гладните и ги тешел жалосните е протеран од луѓето за чиешто спасение се трудел. Тој, кој одел по вознемирените бранови и со еден збор го смирил нивното бесно завивање, кој ги истерувал ѓаволите кои, излегувајќи, го признавале за Божји Син, кој го прекинал сонот на мртвите, кој илјадници држел како занесени со своите мудри зборови, не можел да допре до срцата на оние што биле заслепени со предрасуди и со омраза и кои тврдокорно ја одбивале светлината.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest