Заговор на свештениците (прв дел)

Витанија била толку близу до Ерусалим, што веста за воскресението на Лазара набргу стигнала во градот. Преку шпионите кои биле очевидци на ова чудо, еврејските поглавари бргу во своите раце ги имале фактите. Веднаш е повикан состанок на Синедрионот за да се реши што треба да се прави. Христос сега ја покажал својата власт над смртта и гробот. Ова големо чудо било врвен доказ што им го дал Бог на луѓето дека Тој го пратил својот Син на светот заради нивно спасе ние. Тоа бил израз на божествената сила доволна да увери секој ум кој е под власт на едно здраво расудување и посветена совест. Мнозина кои биле очевидци на воскресението на Лазара поверувале во Исуса. Меѓутоа, омразата на свештениците кон него се засилила. Ги отфрлиле сите помалечки докази за неговата божествена природа и ова ново чудо само ги разјарило. Умрениот воскреснал среде бел ден и пред толпа сведоци. Никакво лукавство не би можело да го обори таквиот доказ. Од таа причина непријателството на свештениците станало уште пострашно. Повеќе од кога и да е порано решиле да ѝ сторат крај на Христовата служба.

Садукеите, иако не му биле наклонети на Христа, не биле толку злобни кон него како фарисеите. Нивната омраза не била толку жестока. Меѓутоа, сега биле мошне вознемирени. Тие не верувале во воскресение на мртвите. Создавајќи некаква божемна наука, заклучиле дека не е можно мртвото тело да оживее. Но со неколку Христови зборови нивната теорија била оборена. Им покажал дека не ги познаваат ниту Писмата ниту Божјите сили. Не можеле да видат никаква можност за бришење на впечатокот што го оставило чудото врз народот. Како можат луѓето да се откажат од него кој успеал на гробот да му го оттргне неговиот мртовец? Се ширеле лажни извештаи, но чудото не можело да се откаже, па не знаеле како да го запрат неговото дејство. До тогаш садукеите не го помагале планот за Христовото убиство. Меѓутоа, по воскресението на Лазара, решиле да го убијат, мислејќи дека само со неговата смрт можат да се запрат неговите бестрашни обвинувања против нив.

Фарисеите верувале во воскресение и морале да увидат дека ова чудо е доказ оти меѓу нив е Месија. Но секогаш ѝ се противставувале на Христовата служба. Уште од почеток го мразеле затоа што ги откривал нивните лицемерни барања. Тој го симнал плаштот на строгите обреди под кои се криела нивната морална изопаченост. Чистата вера што ја проповедал Тој го осудила нивното празно исповедање на побожност. Биле жедни за одмазда поради неговите остри укори. Се обиделе да го предизвикаат да каже или да стори нешто што би им дало можност да го осудат. Неколкупати се обиделе да го каменуваат, но Тој тивко се повлекол и тие го загубиле од вид.

Чудата што ги правел во сабота биле за олеснение на болните, но фарисеите се обиделе да го осудат како престапник на саботата. Се обиделе да ги насрчат иродовците против него. Го прикажувале како да се стреми кон воспоставување на соперничко царство и се советувале со нив како да го уништат. За да ги предизвикаат Римјаните против него, го прикажале како да се обидува да ја поткопа нивната власт. Се обиделе на разни начини да го спречат да влијае врз народот. Но сè до тогаш нивните обиди биле осуетени. Мноштвото што сведочело за неговите дела на милосрдие и што ги слушало неговите чисти и свети учења знаело дека тоа не се дела и зборови на кршител на саботата или на богохулник. Дури и слугите што ги пратиле фарисеите биле под толку силно влијание на неговите зборови, што не можеле да го фатат. Во очај Евреите на крај издале наредба секој човек што исповеда вера во Христа треба да се исклучи од синагогата.

Свештениците, поглаварите и старешините, собрани на советување, цврсто решиле да го замолчат него кој сторил толку величествени дела на кои им се восхитувале сите луѓе. Фарисеите и садукеите биле поединствени од кога и да е порано. До тогаш поделени, сега станале едно во своето противење против Христа. Никодим и Јосиф при поранешните советувања спречиле Исус да биде осуден и поради тоа не биле повикани. На ова советување биле повикани други влијателни луѓе кои верувале во Исуса, но нивното влијание не го надвило влијанието на злобните фарисеи. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest