„За мој спомен“ (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога верниците ќе се соберат да го одржат овој обред, присутни се весници невидливи за човечките очи. Можно е на собирот да се најде и некој Јуда, па ако е така, тука се и пратениците на кнезот на темнината, зашто тие ги придружуваат сите што не го прифаќаат водството на Светиот Дух. Исто така се присутни и небесните ангели. Во секоја таква пригода се присутни и овие невидливи посетители. Во заедницата можат да дојдат лица кои во срцето не ѝ служат на вистината и светоста, но кои можеби сакаат да земат учество во обредот. Ним тоа не треба да им се забрани. Тука се сведоците што биле присутни кога Исус им ги измил нозете на учениците и на Јуда. Оваа сцена не ја набљудуваат само човечки очи.

Христос со Светиот Дух е присутен за да стави печат на својот обред. Тој е тука да ги осведочи и да ги смекне срцата. Ниеден поглед, ниедна понизна мисла не може да се скрие од неговото внимание. Тој го чека оној што се кае и што е со скршено срце. Сè е подготвено за прифаќање на таквата душа. Тој, кој му ги измил нозете на Јуда, копнее да измие секое срце од дамките на гревот.

Никој не смее да се исклучи себеси од Светата вечера затоа што можеби се присутни оние што не се достојни. Секој ученик е повикан јавно да земе удел и со тоа да посведочи дека го прифаќа Христа како личен Спасител.

На овие состаноци што самиот ги утврдил, Христос се состанува со својот народ и го засилува со своето присуство. Во овој обред можат да служат недостојни срца и раце, но Христос е тука да им служи на своите деца. Сите што доаѓаат со вера сосредоточена кон него, ќе добијат голем благослов. Сите што го занемаруваат она време на божествено предимство, ќе претрпат загуба. За нив би одговарале зборовите: „Не сте сите чисти!“

Земајќи со своите ученици удел во лебот и во чашата, Христос се обврзал да им биде Откупител. Им го доверил новиот завет со кој сите што ќе го прифатат стануваат Божји деца и сонаследници со Христа. Со овој завет секој благослов што може да го подари Небото за овој живот и за животот што ќе дојде, им припаѓал ним. Делото на овој завет морало да биде потврдено со Христовата крв. Обредот Вечера Господова требало постојано да ги потсетува учениците на бесконечната жртва што е принесена за секого од нив поединечно како член на паднатото човечко семејство.

Службата поврзана со Господовата вечера не треба да биде време на тага. Тоа не е нејзина цел. Кога Господовите ученици ќе се соберат околу неговата трпеза, не треба да се сеќаваат и да ги оплакуваат своите недостатоци. Тие не треба да се задржуваат на своето минато верско искуство, без оглед дали тоа било охрабрувачко или не. Исто така не треба да се сеќаваат на своите меѓусебни несогласија. Подготвителната служба го отстранила сето ова. Самоиспитувањето, исповедува њето на гревот, измирувањето на несогласијата сето тоа е остварено. Сега доаѓаат да се сретнат со Христа. Тие не треба да стојат во сенката на крстот, туку во неговата спасоносна светлина. Тие треба да им ја отворат душата на сјајните зраци на Сонцето на правдата. Со срца исчистени со Христовата драгоцена крв, наполно свесни за неговото присуство, иако невидлив, треба да ги чујат неговите зборови: „Ви оставам мир, ви го давам мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот“ (Јован 14,27).

Нашиот Господ кажува: Осведочени во својот грев, спомнете си дека сум умрел за вас. Кога сте угнетувани, прогонувани и ожалостени заради мене и заради евангелието, спомнете си за мојата љубов која е толку голема што за вас го дадов својот живот. Кога должностите ви изгледаат неумоливи и свирепи, а вашите товари премногу тешки, сетете се дека јас за вас поднесов крст, не држејќи до срамот. Кога срцето ви се стега од тешко искушение, сетете се дека вашиот Откупител живее за да посредува за вас.

Господовата вечера укажува на второто Христово доаѓање. Таа е одредена да ја сочува оваа надеж жива во мислите на учениците. Секогаш кога ќе се собираат да го оживеат споменот на неговата смрт, ќе си спомнуваат како „ја зеде чашата, заблагодри, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа, зашто ова е мојата крв на заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите. Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден кога со вас ќе пијам нов во царството на мојот Отец.“ Во своите страдања наоѓале утеха надевајќи се во повторното доаѓање на својот Господ. Неискажливо мила им била мислата: „Секогаш кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, ја навестувате смртта Господова додека Тој не дојде„ (1. Коринќаните 11,26). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest