„За мој спомен“ (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Тоа никогаш не смееме да го заборавиме. Исусовата љубов, која нè поттикнува со својата сила, треба да се одржи свежа во нас. Христос ја воспоставил оваа служба со цел на нашите чувства да им зборува за Божјата љубов што се покажала кон нас. Меѓу нашите души и Бога не може да постои заедница, освен преку Христа. Взаемната заедница и љубов меѓу браќата мора да биде утврдена и трајна со помош на Христовата љубов. Само Христовата смрт можела неговата љубов да ја стори делотворна за нас. Благодарение единствено на неговата смрт, ние можеме радосно да го очекуваме неговото второ доаѓање. Неговата жртва е центар на нашата надеж. Нашата вера мораме да ја втемелиме врз неа.

Обредите што потсетуваат на понижувањето и на страдањето на нашиот Господ, мошне често се прифаќаат само како форма. Тие се засновани со одредена цел. Потребно е нашите чувства да оживеат за да ја сфатиме тајната на побожноста. Предимство на сите е да ги сфатат многу повеќе отколку што ги сфаќаат сега Христовите страдања што донесуваат откуп. „Како Мојсеј што подигна змија во пустината“, така треба да се подигне Синот човечки, „за секој што верува во него да има живот вечен“ (Јован 3,14.15). Мораме да погледнеме на голготскиот крст на кој умрел Спасителот. Нашето вечно добро бара да покажеме вера во Христа.

Нашиот Господ рекол: „Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, не ќе имате живот во себе… Телото мое е вистинско јадење и крвта моја е вистинска напивка“ (Јован 6,53-55).

Тоа е вистината за нашата телесна природа. На Христовата смрт ѝ го должиме дури и нашиот оваземен живот. Лебот што го јадеме е откупен со неговото скршено тело. Водата што ја пиеме е купена со пролеаната крв. Никогаш никој, свет или грешен, не се храни со својата секојдневна храна, туку се храни со Христовото тело и крв. Во секој леб е втиснат голготскиот крст. Тој се гледа во секој воден извор. Христос го истакнал сето ова воспоставувајќи го симболот на својата голема жртва. Светлината што блескоти од службата на Светата вечера во Горната соба ја посветува храната на нашиот секојдневен живот. Семејната трпеза станува Господова трпеза, а секој оброк обред.

Колку вистинити се Христовите зборови за нашата духовна природа! Тој изјавува: „Кој го јаде моето тело и ја пие мојата крв, има живот вечен.“ Ние можеме да живееме свет живот ако го прифатиме животот што е жртвуван за нас на голготскиот крст. Тој живот го примаме кога ја прифаќаме неговата реч, кога го извршуваме она што го заповедал Тој. Така стануваме едно со него. „Кој го јаде моето тело“, кажува Тој, „и ја пие мојата крв, останува во мене и јас во него. Како што ме прати мене живиот Отец, и како што живеам јас заради Отецот, така и оној што ме јаде мене, ќе живее заради мене“ (Јован 6,54.56.57). Овие стихови посебно се однесуваат на Господовата вечера. Кога верата се задлабочува во големата жртва на нашиот Господ, душата го прима Христовиот духовен живот. Таквата душа на секоја Господова вечера ќе прими духовна сила. Оваа сила воспоставува жива врска со која верникот е поврзан со Христа, па така и со Отецот. Во посебна смисла таа воспоставува врска меѓу зависните човечки суштества и Бога.

Додека го примаме лебот и виното што го претставуваат Христовото скршено тело и неговата пролеана крв, во мислите ѝ се придружуваме на сцената на Светата вечера во Горната соба. Ни се чини дека поминуваме низ градината посветена на претсмртните маки на Оној што ги понел гревовите на светот. Стануваме очевидци на борбата што ни донела измирување со Бога. Меѓу нас се издигнува распнатиот Христос.

Гледајќи го распнатиот Откупител, подобро ја сфаќаме големината и значењето на жртвата што ја поднело небесното Величество за нас. Пред нас се прославува планот на спасението, а помислата на Голгота во нашето срце буди живи и свети чувства. Во нашето срце и на нашите усни се појавува благодарност кон Бога и Јагнето; во душата што живо си спомнува за сцените од Голгота не може да вирее горделивост и себичност.

Оној што ја набљудува неспоредливата љубов на Спасителот, ќе се издигне во мислите, ќе го исчисти срцето и ќе го преобрази карактерот. Ќе излезе да биде светлина на светот и од него делумно ќе зрачи оваа чудесна љубов. Колку повеќе го набљудуваме Христовиот крст, сè поцелосно го усвојуваме јазикот на апостолот кој рекол: „А јас далеку од тоа да се гордеам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, на кој за мене е распнат светот и јас за светот“ (Галатите 6,14). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest