Во својот храм (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Со чистењето на храмот Исус му ја објавил на народот својата месијанска служба и почетокот на својата работа. Тој храм, подигнат во него да престојува божественото Присуство, бил вообличен како очигледна поука за Израел и за цел свет. Од вечни времиња Божја намера била секое создание, од сјајниот и свет серафим па до човекот, да стане храм во кој ќе живее Творецот. Поради гревот, човечкиот род престанал да биде Божји храм. Затемнетото и со злото обесчестено човечко срце не ја откривало веќе божествената слава. Меѓутоа, со отелотворувањето на Божјиот Син исполнета е целта на Небото. Бог живее во човечкото срце и, со посредство на спасоносна та милост, тоа повторно станува негов храм.

Бог одредил ерусалимскиот храм да биде постојано сведоштво за возвишената судбина на секој човек. Но Евреите не го разбрале значењето на градбата што ја гледале со толкава гордост. Не сакале да се предадат себеси и да станат свет храм на Божјиот Дух. Предворјата на ерусалимскиот храм, исполнети со метеж и со несвета трговија, претставувале премногу верна слика на храмот на срцето, обесветен со присуство на страсти и несвети мисли. Со чистењето на храмот од купувачите и продавачите, Исус ја објавил својата мисија на чистење на срцето од нечистотијата на гревот ­ од световните желби, од себичните склоности, од лошите навики што ја расипуваат душата. „Одненадеж во својот храм ќе дојде Господ што го барате вие и ангелот на заветот за кого жеднеете. Еве го, веќе доаѓа, вели Господ над војските. Но кој ќе го поднесе денот на неговото доаѓање и кој ќе опстане кога ќе се појави Тој? Зашто Тој е како оган леарски и како средство за белење во рацете на белачот. Тој ќе седне како оној што топи и пречистува сребро. Ќе ги исчисти синовите Левиеви и ќе ги пречисти како злато и сребро“ (Малахија 3,1­3).

„Не знаете ли дека вие сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас? Оној што го уништува Божјиот храм, него ќе го уништи Бог, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие“ (1. Коринќаните 3,16.17). Ниеден човек не може сам да го истера големото зло што го запоседнало срцето. Само Христос можеда го исчисти храмот на душата. Меѓутоа, Тој не сака да влезе насилно. Тој не доаѓа во срцето како во старо време во храмот, туку вели: „Еве стојам пред врата и тропам. Оној што ќе го чуе мојот глас и што ќе ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него“ (Откровение 3,20). Тој ќе дојде не само на еден ден, зашто вели: „Ќе живеам во нив… а тие ќе бидат мој народ.“„Сотри ги нашите беззаконија, фрли ги во длабините морски сите наши гревови” (2. Коринќаните 6,16; Михеј 7,19). Неговото присуство ќе ја исчисти и ќе ја посвети душата за да може таа да стане свет Господов храм и „Божји стан во Духот“ (Ефесците 2,21.22).

Совладани од стравот, свештениците и поглаварите побегнале од предворјата на храмот и од проникливиот поглед што ги читал нивните срца. Во своето бегство сретнувале други што се упатиле во храмот и им наредиле да се вратат, раскажувајќи им за сè што виделе и чуле. Христос со нежно сожалување ги гледал луѓето што бегале, покажувајќи разбирање за нивниот страв и незнаење во врска со вистинското богослужение. Во оваа сцена ја согледал симболиката на расејувањето на целиот еврејски народ поради нивната злоба и окоравеност.

Зошто свештениците побегнале од храмот? Зошто не ѝ се противставиле на Исусовата наредба? Оној што им заповедал да си одат бил син на дрводелец, сиромашен Галилеец, без земна положба и моќ . Зошто не му се противставиле? Зошто ја напуштиле својата неправедно стекната добивка и побегнале на заповедта на Оној чијшто изглед бил толку скромен?

Христос зборувал со царски авторитет и во неговата појава и во тонот на неговиот глас имало нешто на што тие не можеле да му се противстават. Под дејство на заповедта тие, како никогаш порано, ја сфатиле својата вистинска состојба на лицемери и ограбувачи. Низ човечката природа засветило божеството и тие не само што го виделе оправданиот гнев на Христовото лице, туку го сфатиле и значењето на неговите зборови. Тие се чувстувале како да се наоѓаат пред престолот на вечниот Судија, со пресуда изречена за сегашноста и за вечноста. За миг биле уверени дека Христос е пророк, а мнозина во тој час поверувале дека Тој е Месија. Светиот Дух ги потсетил на изјавите на пророците за Христа. Дали ќе го прифатат ова осведочување? (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest