Во својот храм (прв дел)

„Потоа слезе во Капернаум Тој, мајка му, неговите браќа и неговите ученици, и останаа таму неколку дена. Наближуваше јудејската Пасха и Исус отиде горе во Ерусалим.“

На овој пат Исус ѝ се придружил на една од најголемите групи што се упатиле во главниот град. Тој сè уште не ја објавил јавно својата мисија и незабележан се помешал меѓу мноштвото. Во тие прилики често се разговарало за доаѓањето на Месија на кое толку многу укажувала службата на Јована. За надежта во национална големина се зборувало со разгорено одушевување. Исус знаел дека оваа надеж нема да се исполни зашто била заснована на погрешно толкување на Светото писмо. Со длабока сериозност ги објаснувал пророштвата, обидувајќи се да ги поттикне луѓето на подлабоко проучување на Божјата реч.

Еврејските водачи го учеле народот дека во Ерусалим ќе добијат поуки за тоа како да му служат на Бога. Тука, за време на пасхалната седмица, се собирале голем број луѓе кои доаѓале од сите делови на Палестина, па дури и од далечните земји. Предворјето на храмот биле исполнети со различно мноштво. Мнозина не можеле да ги носат со себе жртвите што требало да ги принесат како симбол на големата Жртва. За да им се помогне, во надворешното двориште на храмот се доведувале и се продавале животни. Овде се собирале луѓе од сите слоеви да ги купат своите дарови. Тука се менувале сите странски пари за ковани храмски пари.

Секој Евреин требало да плати годишно половина шекел „како откуп за својот живот“, а парите, собрани на тој начин, се користеле за одржување на храмот (2. Мојсеева 30,12­16). Освен тоа, големи суми се донесувани како доброволни дарови и ставани во ризницата на храмот. Се барало сите странски пари да се заменат за пари што се викале храмски шекел прифатен за служба во Светилиштето. Заменувањето на парите давало можност за измама и грабеж, така што тоа прераснало во срамна трговија што за свештениците било извор на приход.

Трговците барале превисоки цени за животните што ги продавале, а својата добивка ја делеле со свештениците и со поглаварите кои на тој начин се богателе на сметка на народот. Верниците ги учеле дека врз нивните деца и врз нивните ниви нема да почива Божји благослов ако не принесат жртва. Така можела да биде обезбедена висока цена за животните, зашто луѓето што доаѓале од далечните краишта не сакале да се вратат дома а да не ја извршат службата заради која дошле.

Продавањето во храмот било мошне обемно, зашто за време на празникот Пасха се принесувале голем број жртви. Метежот што настанувал тогаш побргу личел на бучен добиточен пазар отколку на свет Божји храм. Овде можело да се слушне гласно погаѓање, мукање на добиток, блеење на овци, гукање на гулаби помешано со ѕвекот на пари и со гневно препирање.

Бркотијата била толку голема што ги вознемирувала верниците, а зборовите упатени кон Севишниот биле заглушени со метежот што го преплавил храмот. Евреите биле мошне горди на својата побожност. Тие се радувале за храмот, а секој збор изговорен против него го сметале за богохулство. Биле мошне строги во извршувањето на обредите во храмот, но љубовта кон парите ги надвладала нивните обѕири. Ниту малку не биле свесни колку далеку отишле од првобитната цел на службата што ја воспоставил Бог.

Кога Господ слегол на гората Синај, местото било посветено со неговото присуство. На Мојсеја му било наложено да постави граници околу гората и да ја посвети: „Постави наоколу граница за народот и издај наредба: ‘Внимавајте да не се качувате на гората; да не пристапувате ниту кон подножјето! Секој што ќе ја допре гората, ќе умре. Нека не го допре никаква рака, туку нека биде каменуван или со стрела застрелан: било човек или животинче, нека загине’“ (2. Мојсеева 19,12.13). Така е дадена поука за секое свето место на кое Бог го открива своето присуство. Подрачјето на Божјиот храм требало да се смета за свето. Меѓутоа, во борбата за добивка сето ова е загубено од вид.

Свештениците и поглаварите што биле повикани да бидат Божји претставници во народот требало да ја исправат злоупотребата во предворјето на храмот, а на народот да му дадат пример на чесност и сомилост. Наместо да мислат само на својата добивка, требало да ги разгледаат приликите и потребите на верниците и да им помогнат на оние што не биле во состојба да ги купат потребните жртви. Меѓутоа, тие тоа не го правеле. Лакомството ги стврднало нивните срца. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest