Во својот храм (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Во тоа време Христос не настојувал неверните Евреи, па дури и неговите ученици, да ги разберат неговите зборови. Знаел дека неговите непријатели погрешно ќе ги протолкуваат и дека ќе ги свртат против него. На неговото судење ќе ги изнесат како обвинување, а на Голгота ќе ги изговорат за да му нанесат болка. Меѓутоа, ако ги објасни сега, тоа ќе значи да ги запознае учениците со своите страдања и да им нанесе болка што тие уште не можеле да ја поднесат. А и објаснувањето прерано би открило до каде ќе ги одведат Евреите нивните предрасуди и неверувања. Веќе стапиле на патеката по која упорно ќе одат додека Тој не биде поведен како јагне на клање.

Овие Христови зборови се изговорени заради оние што ќе поверуваат во него. Знаел дека ќе бидат повторени. Бидејќи се изговорени на празникот Пасха, ќе допрат до ушите на илјадници што ќе ги понесат во сите делови на светот. Нивното значење ќе биде разјаснето по неговото воскресение од мртвите. Тие за мнозина ќе станат уверлив доказ за неговата божествена природа.

Дури ни Исусовите ученици често не ги разбирале неговите поуки поради својот духовен мрак. Меѓутоа, настаните што уследиле им разјасниле многу од овие поуки. Кога не одел повеќе со нив, неговите зборови станале потпора на нивните срца.

Зборовите на Спасителот што се однесувале на храмот во Ерусалим: „Урнете го овој храм и за три дена пак “ќе го подигнам”, имале подлабока смисла отколку што го насетувале тоа слушателите. Христос бил темел на животот на храмот. Неговите служби биле слика на жртвата на Божјиот Син. Свештеничкото звање е воспоставено за да го прикаже Христовиот посреднички карактер и неговото дело. Целокупниот план на жртвеното богослужение бил претслика на смртта на Спасителот за откуп на светот. Овие жртви не ќе имаат никакво значење кога ќе биде исполнет големиот настан на кој со векови укажувале.

Бидејќи целокупното обредно излагање на вистината симболички укажувало на Христа, тоа без него немало никаква вредност. Кога Евреите го запечатиле своето отфрлање на Христа со тоа што го предале да се погуби, го отфрлиле сето она што му давало значење на храмот и на неговите служби. Исчезнала неговата светост. Тој бил осуден на уништување. Од тој ден жртвите и службата во врска со нив станале безначајни. Како и жртвата на Каина, тие не изразувале вера во Спасителот. Со тоа што Христа го предале на смрт, Евреите всушност го разурнале својот храм. Кога Христос е распнат, внатрешната завеса на храмот се раскинала надве, од горе до долу, означувајќи дека е принесена конечната голема Жртва и дека целиот систем на жртвите засекогаш престанал.

„За три дена пак ќе го подигнам.“ При смртта на Спасителот силите на темнината како да победиле и се радувале заради својата победа. Меѓутоа, од позајмениот Јосифов гроб Исус излегол како победник. „Тој ги разоружа поглаварствата и властите и јавно ги осрамоти и ги победи на него (на крстот)“ (Колошаните 2,15). Со помош на својата смрт и воскресение, Тој станал слуга „на вистинската скинија (црква) што ја направи Господ, а не човек“ (Евреите 8,2). Луѓе го подигнале еврејскиот шатор за состанок, луѓе го изградиле ерусалимскиот храм, но горното светилиште ­ според чија мостра било направено земното светилиште ­ не го изградил ниту еден земен архитект. „Еве го човекот на кого името му е Изданок… Тој ќе изгради светилиште Господово и ќе се прослави; ќе седи и ќе владее на престол и ќе биде свештеник на својот престол“ (Захарија 6,12.13).

Службата поврзана со принесување на жртви, што укажувала на Христа, престанала, но човечките очи сега биле насочени кон вистинската Жртва за гревовите на светот. Земната свештеничка служба престанала, но ние го гледаме Исуса, Свештеникот на новиот завет и „крвта за попрскување која зборува подобро од крвта на Авела“. „Сè уште не беше отворен патот кон светињата над светињите, додека сè уште постоеше првиот дел на скинијата… Но кога Христос се јави како првосвештеник на идните добра, поминувајќи низ посовршената скинија, неракотворена… влезе еднаш за секогаш во светињата над светињите… со својата крв и ни обезбеди вечен откуп“ (Евреите 12,24; 9,8­12). „Затоа и може да ги спаси за вечни векови оние што доаѓаат преку него кај Бога, зашто Тој секогаш живее да посредува за нив“ (Евреите 7,25).

Иако службата морала да се премести од земниот во небесниот храм, иако светињата и нашиот голем Првосвештеник ќе бидат невидливи за човечките очи, сепак, учениците нема да претрпат никаква загуба. Тие нема да доживеат никаков прекин на својата заедница ниту намалување на силата поради отсуството на Спасителот. Додека Исус служи во небесното светилиште, Тој исто така служи и во црквата на земјата преку својот Дух. Тој е скриен од нашите очи, но неговото ветување, дадено при разделбата, се исполнува: „Еве, јас сум со вас во сите дни до крајот на светот“ (Матеј 28,20). Иако својата сила ја пренесува врз своите слуги, сè уште во неговата црква е неговото присуство кое дава сила.

„Бидејќи имаме голем Првосвештеник… Божјиот Син, Исус, да се држиме цврсто за верата што ја исповедаме. Зашто ние немаме првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку таков кој бил искушуван во сè, како нас, но без грев. Затоа слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта за да примиме благодат и да најдеме милост за време кога ќе ни затреба помош“ (Евреите 4,14­-16).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest