(продолжува од претходниот ден) Ако вашиот суд е доволен, рекол, зошто затвореникот сте го довеле кај мене? „Земете го вие и судете му според вашиот закон.“ Вака присилени, свештениците признале дека веќе го осудиле, но дека ќе мораат да имаат и Пилатова пресуда за нивната да стане правосилна.
Каква е вашата пресуда?, прашал Пилат. Смртна казна, одговориле, но според законот не смееме да погубиме ниеден човек. Барале од Пилата да го прифати нивниот збор за неговата вина и да ја одобри нивната пресуда. Тие ќе ја преземат одговорноста за резултатот.
Пилат не бил праведен ниту совесен судија; но колку и да бил морално слаб, одбил да го задоволи нивното барање. Тој нема да го осуди Исуса додека не се изнесе обвинение против него.
Свештениците се збуниле. Виделе дека своето лицемерство мора уште повешто да го скријат. Не смеат да дозволат да се види дека Христос е уапсен од верски причини. Кога би било изнесено ова како причина, нивните обвиненија кај Пилата не би имале никаква важност. Мораат сè да прикажат така за да изгледа дека Исус работел против општите закони; тогаш може да биде казнет како политички виновник. Меѓу Евреите постојано избивале нереди и буни против римските власти. Задушувајќи ги таквите буни, Римјаните постапувале мошне строго и биле секогаш готови да скршат сè што би можело да предизвика бунт.
Само неколку дена пред ова фарисеите се обиделе да го фатат Исуса во стапица со прашањето: „Дозволено ли е да му даваме данок на цезарот или не?“ Но Христос го разоткрил нивното лицемерство. Присутните Римјани го виделе целосното промашување на овие заговорници и нивниот пораз кога им одговорил: „Дајте му го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бога“ (Лука 20,22-25).
Сега свештениците сметале дека треба да прикажат нешто што, според нивно мислење, Христос требало да изнесе, а што ним би им одговарало. Во својата без обѕирност повикале на помош лажни сведоци кои „почнаа да го обвинуваат велејќи: ‘Го најдовме Овој како го заведува нашиот народ и забранува да се дава данок на цезарот, а за себе вели дека е Христос, цар.’“ Три обвинувања и секое од нив без основа. Свештениците го знаеле тоа, но биле готови да се послужат со кривоклетство само да ја постигнат својата цел.
Пилат ги сфатил нивните намери. Не верувал дека Затвореникот ковел заговор против власта. Неговата блага и скромна појава била во целосна несообразност со обвинувањата. Пилат бил уверен дека е скован длабок заговор да се уништи еден невин човек кој им застанал на пат на еврејските достоинственици. Свртувајќи се кон Исуса, прашал: „Ти ли си цар на Евреите?“ Спасителот одговорил: „Ти тоа го велиш.“ И додека зборувал, неговото лице засветило како да го осветлил сноп на сончева светлина.
Кога го чуле неговиот одговор, Кајафа и неговите придружници го повикале Пилата да посведочи дека Исус го признал злосторството за кое е обвинет. Со бучни повици свештениците, закониците и поглаварите барале Тој да биде осуден на смрт. Повиците ги прифатила масата и настанала заглушна бучава. Пилат бил збунет. Гледајќи дека Исус не им одговара на своите тужители, Пилат му рекол: „Ништо ли не одговараш? Гледај за колку многу работи те обвинуваат! Но Исус веќе ништо не одговараше.“
Стоејќи зад Пилата, видливо за сите во судницата, Христос ги чул навредите, но на сите лажни обвиненија не одговорил ниту еден збор. Неговото држење јасно покажувало дека е невин. Постојано стоел пред жестината на брановите што удирале околу него. Силните бранови на гневот изгледало како да се издигнуваат сè повисоко и повисоко, како бранови на бесен океан, и се разбиваат околу него, но не го допираат. Стоел молкома, но неговото молчење било речито. Било како светлина што свети од внатрешноста на човекот и ја осветлува сета личност.
Пилат бил изненаден со неговото држење. Дали овој Човек не обрнува внимание на судската постапка затоа што не му е грижа да го спаси својот живот? се прашал самиот себе. Додека го набљудувал Исуса како без возврат ги поднесува навредите и исмевањата, почувствувал дека Исус не може да биде толку неправеден и нечесен како што биле тоа бучните свештеници. (продолжува)