Христос стоел врзан како затвореник во судската сала на римскиот намесник, Пилат. Бил опкружен со стража, а судската сала бргу се полнела со набљудувачи. Надвор, веднаш до влезот, се наоѓале судиите од Синедрионот, свештениците, поглаварите, старешините и џганот.
Откако го осудил Исуса, Синедрионот дошол кај Пилата да бара потврда за пресудата и нејзино извршување. Но овие еврејски службеници не сакале да влезат во римската судница. Според нивниот обреден закон со тоа би се оскверниле и би биле спречени да земат учество во празнувањето на празникот Пасха. Во своето слепило не ја увиделе таа убиствена омраза што ги сквернавела нивните срца. Не виделе дека Христос е вистинското пасхално Јагне и дека поради тоа што го отфрлиле него, големиот празник го загубил своето значење за нив.
Кога Спасителот го вовеле во судската сала, Пилат не го набљудувал со пријателски поглед. Римскиот намесник итно го повикале од неговата спална и затоа решил што побргу да ја заврши оваа работа. Бил подготвен строго да постапува со затвореникот. Со најстрог израз на лицето се свртил да види каков човек треба да испита поради кој толку рано морал да го прекине својот одмор. Знаел дека тоа мора да биде некој кој по желба на еврејските старешини мора да биде итно сослушан и казнет.
Пилат ги погледнал луѓето што го товареле Исуса и тогаш неговиот испитувачки поглед запрел на Исуса. Имал работа со различни злосторници, но никогаш пред него не е изведен човек што носел обележје на таква доброта и благородност. На неговото лице немало ниту трага од вина, никаков израз на страв, никаква дрскост или пакост. Видел човек со благо и достоинствено држење, чиешто лице не носело обележје на злосторник, туку небесно обележје.
Христовиот изглед поволно влијаел врз Пилата. Се разбудило она што било најдобро во него. Чул за Исуса и за неговите дела. Неговата жена му раскажувала нешто за величествените дела на галилејскиот Пророк кој лекувал болни и подигал мртви. Сега ова во умот на Пилата повторно оживеало како сон. Си спомнувал за гласовите што ги чул од разни страни. Решил од Евреите да побара образложение за вината на овој Затвореник.
Кој е овој човек и зошто сте го довеле?, прашал. Какво обвинување изнесувате против него? Евреите биле збунети. Знаејќи дека не можат да ги докажат своите обвинувања против Христа, не сакале јавно сослушување. Одговориле дека Тој е измамник наречен Исус од Назарет.
Пилат повторно прашал: „Какво обвинение поднесувате против овој Човек?“ Првосвештениците не одговориле на неговото прашање, туку со зборови што го покажувале нивното незадоволство, кажале: „Ако Овој не беше злосторник, немаше да ти го предадеме.“ Кога членовите на Синедрионот, народните челници, доведуваат човек за кого сметаат дека заслужува смрт, зар е потребно да прашаш за обвиненијата против него? Се надевале дека ќе остават впечаток врз Пилата со свеста за својата важност, наведувајќи го со тоа да го прифати нивното барање без претходни сослушувања. Топло сакале да се потврди нивната пресуда, зашто знаеле дека народот како сведок на Христовите чудесни дела би можел да раскаже нешто сосема поинаку од измислиците што сега повторно ги изнесувале.
Свештениците сметале дека со помош на слабиот и колеблив Пилат без никакви тешкотии ќе можат да ги спроведат своите намери. Пред ова тој набрзина потпишувал смртни пресуди осудувајќи луѓе за кои знаеле дека не заслужуваат смрт. Според неговата процена, животот на затвореникот малку вредел; неговата невиност или вина немале некое посебно значење. Свештениците се надевале дека Пилат без сослушување ќе му пресуди на Исуса смртна казна. Тоа го барале како израз на наклоност за нивниот голем народен празник.
Меѓутоа, кај овој затвореник постоело нешто што го задржувало Пилата да постапи така. Не се осмелувал да го стори тоа. Проникнал во намерите на свештениците. Си спомнал како Исус неодамна го подигнал Лазара од мртвите, човек кој бил мртов четири дена, па решил, пред да потпише смртна пресуда, да дознае кои се обвинувањата против него и дали тие можат да се докажат. (продолжува)