Во судницата на Пилата (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Лицето на Ирода потемнело од гнев. Обрнувајќи му се на мноштвото, налутено го прогласил Исуса за измамник. Потоа му рекол на Христа: Ако не докажеш дека си она што го тврдиш, ќе те предадам на војниците и на народот. Тие можеби ќе успеат да те натераат да зборуваш. Ако си измамник, смртта од нивните раце е единственото што го заслужуваш; ако си Божји Син, ослободи се така што ќе направиш некое чудо.

Штом ги изговорил овие зборови, толпата се устремила на Христа. Како диви ѕверови се нафрлиле на пленот. Исуса го влекле на сите страни, а Ирод му се придружил на џганот сакајќи да го понижи Божјиот Син. Кога римските војници не би посредувале и не би ја одбиле гневната толпа, Спасителот би го раскинале на парчиња.

„Тогаш Ирод, со своите војници, откако покажа презир и му се изнаруга, го облече во раскошна облека.“ Римските војници се придружиле кон ова малтретирање. Сè што можеле да смислат овие лоши, расипани војници, потпомогнати од Ирода и од еврејските достоинственици, му сториле на Спасителот. Но неговото божествено трпение не премалело.

Христовите прогонувачи се обиделе неговиот „лош карактер“ да го проценат според својот сопствен карактер; го прикажувале толку лош какви што се сметале самите тие. Но зад она што можело да се види, се појавувала друга сцена сцената што тие ќе ја видат еден ден во сета нејзина слава. Имало некои што се треселе во Христово присуство. Додека суровиот џган се клањал пред него исмевајќи го, некои што дошле со иста цел се враќале исплашени и замолкнати. Ирод бил осведочен. Неговото срце, стврднато со грев, го осветлувале последните зраци на милоста. Чувствувал дека тоа не е обичен човек, зашто низ човечката природа засветила божествената природа. Во часот додека Христос бил опкружен со исмевачи, со прељубници и убијци, Ирод чувствувал дека го набљудува Бога на неговиот престол.

Окоравен, каков што бил, не се осмелил да ја потврди Христовата пресуда. Сакал да се ослободи од страшната одговорност и Исуса го пратил назад во римската судница.

Пилат бил разочаран и многу незадоволен. Кога Евреите се вратиле со својот Затвореник, нестрпливо ги прашал што сакаат од него. Ги потсетил дека веќе го сослушал Исуса и дека не нашол никаква вина кај него; им рекол дека ги изнеле обвинувањата против него, но дека не можеле да докажат ниту едно единствено. Го пратил Исуса кај Ирода, тетрархот на Галилеја, кај еден кој бил припадник на нивниот народ, но ниту тој не нашол кај него ништо што заслужува смрт. „Затоа ќе го казнам“, рекол Пилат, „а потоа ќе го ослободам.“

Овде Пилат ја покажал својата слабост. Изјавил дека Исус е невин, но сепак бил готов да го изнатепа за да ги смири неговите тужители. Бил готов да ја жртвува правдата и начелото за да се спогоди со џганот. Тоа го довело во неповолна положба. Толпата се потпрела врз неговата нерешителност и уште понеуморно го барала животот на Заробеникот. Кога Пилат веднаш решително би застанал, одбивајќи да го осуди Човекот за кого установил дека е невин, би го прекинал судбоносниот синџир што ќе го држи окован во грижа на совеста и оптоварен со вина сè додека ќе биде жив. Кога би го спровел во дело она што сметал дека е право, Евреите не би се осмелиле да му наложуваат што да прави. Христос би бил убиен, но вината не би почивала врз Пилата. Меѓутоа, Пилат сè повеќе се оглушувал за гласот на својата совест. Нашол изговор да не суди според правдата и правдината, па сега се нашол речиси беспомошен во рацете на свештениците и поглаварите. Ова колебање и нерешителност ја потврдиле неговата пропаст.

Дури и сега Пилат не е оставен слепо да дејствува. Божествената вест го одвраќала да не го стори делото за кое се определил. Како одговор на Христовата молитва, на жената на Пилата ѝ се јавил ангел од небото и таа на сон го видела Спасителот и разговарала со него. Жената на Пилата не била Еврејка, но додека на сонот го набљудувала Исуса, ниту малку не се посомневала во неговиот карактер или мисија. Знаела дека Тој е небесен Кнез. Го видела на судењето во судската сала. Му ги видела рацете цврсто врзани слично на рацете на некој злосторник. Го видела Ирода и неговите војници како го извршуваат своето страшно дело. Ги чула свештениците и поглаварите, исполнети со завист и злоба, како бесно го обвинуваат. Ги чула зборовите: „Ние имаме закон и според законот Тој треба да умре.“ Го видела Пилата како го предава Исуса да го шибаат, иако изјавил: „Јас не наоѓам никаква вина во него.“ Ја слушнала пресудата што ја изрекол Пилат и видела како Христа им го предава на неговите убијци. Го видела крстот подигнат на Голгота. Ја видела земјата обвиена во темнина и го чула таинствениот извик. „Се сврши!“ На нејзиниот поглед му се наметнала уште една сцена. Го видела Христа како седи на голем бел облак, додека земјата се лула во просторот и неговите убијци како бегаат од неговата слава. Се разбудила со извик на ужас и веднаш му напишала на Пилата писмо со опомена. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest