Во судницата на Пилата (осми дел)

(продолжува од претходниот ден) Повторно отишол во судската сала и го прашал Исуса: „Од каде си?“ Но Исус не му одговорил. Спасителот слободно му зборувал на Пилата, објаснувајќи му ја својата задача што ја имал како сведок за вистината. Пилат ја презрел светлината. Ја злоупотребил високата судска положба подложувајќи ги своите начела и својата власт на барањата на џганот. Исус за него немал повеќе светлина. Огорчен со неговото молчење, Пилат горделиво рекол:

„Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да те ослободам и дека имам власт да те распнам?“

Исус одговорил: „Ти не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена озгора; затоа поголем грев има оној кој ме предаде тебе.“

Така милостивиот Спасител, среде најголемите страдања и болки, колку што било можно го оправдал делото на римскиот намесник кој го предал да биде распнат. Каква е таа сцена што треба да му се остави на светот за сите времиња! Како го осветлува таа карактерот на Оној кој е судија на целата земја!

„Поголем грев има оној“, рекол Исус, „кој ме предаде тебе.“ Со ова Христос мислел на Кајафа кој, како првосвештеник, го претставувал еврејскиот народ. Тие ги знаеле начелата според кои се управува римската власт, имале светлина во пророштвата што сведочеле за Христа, за неговата наука и за неговите чуда. Еврејските судии добиле непогрешни докази за божеството на Оној што го осудиле на смрт. Ним ќе им биде судено според светлината што ја добиле.

Најголемата вина и најтешката одговорност им припаѓа на оние што заземале највисоки места во народот, на чуварите на светите залози што сега толку нечесно ги предавале. Пилат, Ирод и римските војници главно малку знаеле за Исуса. Мислеле дека им угаѓаат на свештениците и поглаварите со тоа што го малтретираат. Немале светлина што еврејскиот народ толку обилно ја примил. Кога би им била дадена светлина на војниците, тие не би постапувале толку сурово со Христа.

Пилат пак предложил да го ослободи Спасителот. „А Евреите викаа: ‘Ако го ослободиш овој, не си пријател на цезарот.’“ На тој начин овие лицемери се преправале дека се загрижени за власта на цезарот. Од сите противници на римското владеење, Евреите биле најогорчени. Кога биле сигурни, најсвирепо ги спроведувале своите народни и верски барања; но кога сакале да остварат некоја сурова намера, ја издигнувале моќта на цезарот. За да постигнат Христово уништување, се покажувале лојални кон туѓинското владеење што го мразеле.

„Секој кој се прави цар“, продолжиле, „противник му е на цезарот!“ Тоа го гибнало најчувствителното место на Пилата. Римската влада се сомневала во него и знаел дека таквиот извештај би предизвикал негова пропаст. Знаел дека гневот на Евреите би се свртил против него ако им се противстави. Тие ќе сторат сè што можат додека не ја извршат својата одмазда. Пред себе имал пример на упорност со која го барале животот на Оној што без причина го мразеле.

Тогаш Пилат го зазел своето место на судската столица и повторно му го претставил Исуса на народот велејќи: „Еве ви го царот!“ Повторно се слушнал бесен извик: „Убиј го, убиј го, распни го!“ Со глас што далеку се чул, Пилат прашал: „Вашиот цар ли да го распнам?“ Но нечистите и богохулни усни ги изговориле зборовите: „Ние немаме друг цар освен цезарот.“

Со изборот на незнабожечкиот владетел, еврејскиот на род се оддалечил од Божјето владеење. Го отфрлиле Бога како свој цар. Од сега натаму немаат веќе Ослободител. Немаат цар освен цезарот. Народот на ова го навеле свештениците и учителите. Тие биле одговорни за ова и за сите страшни последици што уследиле. Верските водачи биле виновни за гревот и за пропаста на народот.

„А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и си ги изми рацете пред народот и рече: “Невин сум за крвта на овој Праведник! Мислете му вие!’“ Во страв и самоосуда, Пилат го набљудувал Исуса. Среде широкото море издигнати лица, единствено неговото лице било мирно. Околу неговата глава како да блескотела блага светлина. Пилат во своето срце рекол: Тој е Бог. Обраќајќи му се на мноштвото, изјавил: Јас сум чист од неговата крв. Земете го вие и распнете го. Но знајте, свештеници и поглавари, јас го прогласувам за праведен човек. Оној, за кого Тој тврди дека е негов Отец, за денешното дело нека ви суди вам, а не мене. Тогаш му рекол на Исуса: Прости ми за ова. Јас не можам да те спасам. Откако повторно го изнатепал Исуса, го предал да се распне.

Пилат копнеел да го ослободи Исуса. Меѓутоа, увидел дека тоа не може да го стори и да ја сочува својата положба и чест. Побргу избрал да жртвува еден невин живот отколку да ја загуби својата световна моќ . Колку многу има такви кои, за да ја избегнат штетата или страдањата, на сличен начин го жртвуваат начелото. Совеста и должноста укажуваат на еден пат, а личната корист на друг. Струјата силно се движи во погрешен правец, и оној што склучува спогодби со злото, пропаѓа во густата темнина на вината. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest