Во сенката на крстот (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Непостојаноста на оние што вчера го славеле а денеска го осудувале не ја уништило верата на вистинските следбеници на Спасителот. Петар изјавил: „Ти си Христос, Син на живиот Бог!“ Тој не очекувал неговиот Господ да го крунисаат со царски почести, туку го прифатил во неговото понижување. Петар ја искажал верата на дванаесеттемина; па сепак, учениците биле сè уште далеку од тоа да ја сфатат Христовата мисија. Противењето на свештениците и поглаварите и нивната неточна претстава не можеле да ги одвратат од Христа, но сè уште во голема мера ги збунувале. Тие не го виделе јасно својот пат. Влијанието на нивното рано воспитување, учењето на рабините, моќта на преданието, сè уште го засолнувале погледот кон вистината. Повремено ги осветлувале драгоцените зраци на Исусовата светлина, но сепак, често, како луѓе, се сопнувале во мрак. Меѓутоа, овој ден, пред да се соочат со големиот тест на својата вера, Светиот Дух во изобилство се излеал врз нив. Извесно време нивните очи се одвоиле од она „што е видливо“ за да го видат „она што е невидливо“ (2. Коринќаните 4,18). Под човечката лика ја препознале славата на Божјиот Син.

Исус му одговорил на Петар: „Блазе тебе, Симоне, сине Јонин, зашто тоа тебе не ти го открија телото и крвта, туку мојот небесен Отец.“

Вистината што ја признал Петар претставува темел на верата на христијанството. Тоа е вечен живот така кажува Христос. Меѓутоа, ова сознание не било причина за самоизвишување. Ова на Петар не му ја открила ниту неговата мудрост ниту неговата добрина. Човечкиот род сам од себе никогаш не може да го досегне познавањето на божественото. „Повисоко е од небото: што уште да сториш? Подлабоко е од гробот: што уште да мудруваш?“ (За Јов 11,8). Единствено Духот што нè посинил може да ни ги открие длабоките Божји дела ­ „она што око не видело, што уво не чуло, на што човечко срце не помислило“. „А Бог ни го откри тоа нам преку Духот, зашто Духот испитува сè, па дури и Божјите длабини“ (1. Коринќаните 2,9.10). „Присен е Господ со оние кои го страхопочитуваат“, а Петровото препознавање на Христовата слава е доказ дека бил „научен од Бога“ (Псалм 25,14; Јован 6,45). Навистина, „блазе тебе, Симоне, сине Јонин, зашто тоа тебе не ти го открија телото и крвта“.

Исус продолжил: „А јас ти кажувам дека ти си Петар, и на таа карпа ќе ја изградам мојата Црква, и вратата гробна нема да ја победи.“ Зборот Петар значи камен ­ камен што се тркала. Петар не бил карпата врз која е втемелена црквата. Вратата гробна го надвладала кога со клетва се откажал од својот Господ. Црквата е изградена врз Оној што не може да го надвлада гробната врата.

Со векови пред доаѓањето на Спасителот, Мојсеј укажал на Карпата на спасението на Израел. Псалмистот пеел за тоа дека „Тој ми е тврдина.“ Исаија напишал: „Еве, поставувам на Сион одбран камен, скапоцен, темелен камен“ (5. Мојсеева 32,4; Псалм 62,7; Исаија 28,16). Сам Петар, пишувајќи под вдахновение, ова пророштво го применува на Исуса. Тој кажува: „Зашто навистина вкусивте дека Господ е добар. Пристапете кон него, кон живиот камен, кој навистина, луѓето го отфрлија, но кој е од Бога избран и скапоцен, па дозволете од самите вас, како живи камења, да се изгради духовна куќа“ (1. Петрово 2,3­5).

„Никој не може да постави друг темел, освен оној што е веќе поставен, а тоа е Исус Христос“ (1. Коринќаните 3,11). „На таа Карпа“, рекол Исус, „ќе ја изградам мојата Црква.“ Во присуство на сите небесни духовни суштества, во присуство на невидливата армија на смртта, Христос ја основал својата Црква врз живата Карпа. Таа Карпа е самиот Тој ­ неговото тело скршено и рането за нас. Црквата што е изградена на овој темел нема да ја надвладее вратата гробна.

Колку слаба изгледала Црквата кога Исус ги изговорил овие зборови! Постоел само грст верници против кои ќе биде насочена сета сила на лошите духови и на лошите луѓе, но сепак, Христовите следбеници не требало да се плашат. Изѕидани на Карпата на нивната сила, тие не можат да бидат урнати.

Шест илјади години верата е ѕидана врз Христа. Шест илјади години виорите на луњите на сатанскиот бес удираат во Карпата на нашето спасение; но таа неподвижно стои.

Петар ја изнел вистината што го претставува темелот на верата на Црквата и Исус го почестил како претставник на целото тело составено од верници. Тој рекол: „Ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, па сè што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небото, и што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано на небото.“ (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest