Во сенката на крстот (четврти дел)

(продолжува од претходниот дел) Учениците слушале неми од тага и чудење. Христос ја прифатил изјавата на Петар со која го признал како Божји Син, па сега неговите зборови, со кои им ги навестил своите страдања и смртта, им биле несфатливи. Петар не можел да молчи. Го грабнал својот Учител, како да сакал да го оддалечи од злокобната судбина што се испречила, и извикнал: „Не дај Боже, Господе; тоа никогаш нема да ти се случи!“

Петар го сакал својот Господ, но Исус не го прифатил затоа што покажал желба да го заштити од страдањата. Тие зборови на Петар не можеле да бидат помош и окрепа за Исуса во големото искушение што го очекувало. Тие не би биле во сообразност со Божјата цел на милоста за загубениот свет, ниту со поуката за самопожртвуваноста што Христос дошол да ја даде со својот личен пример. Петар не сакал во Христовата служба да види крст. Впечатокот што го предизвикале неговите зборови бил во целосна спротивност со она што сакал Христос да го остави во умот на своите следбеници, па Спасителот бил поттикнат да изговори еден од најсериозните прекори што кога и да е излегол од неговите усни: „Оддалечи се од мене, сатано! Ти си соблазна за мене, зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки.“

Сатаната се обидел да го обесхрабри Исуса и да го одврати од неговата мисија, а Петар со својата слепа љубов гласал за искушението. Зачетник на овие мисли бил кнезот на злото. Зад овој пренаглен повик стоел негов поттик. Сатаната во пустината му понудил на Христа владеење над светот под услов да се откаже од патеката на понижување и жртва. Сега му го изнел истото искушение на Христовиот ученик. Сакал погледот на Петар да го задржи на земната слава за да не може да го види крстот кон кој Христос сакал да ги насочи неговите очи. Преку Петар сатаната пак се устремил со искушение врз Исуса. Меѓутоа, Спасителот не се осврнувал на тоа; Тој мислел на својот ученик. Сатаната се поставил меѓу Петар и неговиот Учител со цел срцето на ученикот да не биде трогнато со сцената на Христовото понижување за него. Христовите зборови не му се изговорени на Петар, туку на оној што се обидел да го одвои од неговиот Откупител. „Оддалечи се од мене, сатано!“ Немој веќе да се поставуваш меѓу мене и мојот заблуден слуга. Дозволи ми да бидам со Петар лице в лице за да можам да му ја откријам тајната на мојата љубов.

За Петар тоа била горчлива поука што тој бавно ја учел, дека Христовата патека на земјата води низ длабоки душевни страдања и понижувања. Ученикот се повлекол од учеството во страдањата со својот Господ. Меѓутоа, во огнот на печката за пречистување морал да го запознае нејзиниот благослов. Многу подоцна, кога неговата темпераментна појава веќе била повиена под товарот на годините и трудот, напишал: „Мили мои, не чудете се на огненото испитување што се појави меѓу вас, за да ве испита, небаре ви се случува нешто необично, туку радувајте се што соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и веселите при откривањето на неговата слава“ (1. Петрово 4,12.13).

Исус сега им објаснил на своите ученици дека неговиот живот на самооткажување е пример каков треба да биде нивниот живот. Повикувајќи го околу себе со учениците и народот, кој се нашол во близината, Тој рекол: „Оној што сака да тргне по мене, нека се откаже од себе, нека го земе својот крст и нека ме следи.“ Крстот бил поврзан со силата на Рим. Тој бил средство на најсвиреп и најнавредлив облик на смрт. Од најлошите злосторници се барало да го носат крстот до местото на извршувањето на смртната казна, и често кога го поставувале врз нивниот гроб, тие со очајна сила се противставувале сè додека не биле совладани, а орудието за мачење било приврзано за нив. Меѓутоа, Исус на своите следбеници им заповедал да го земат крстот и да го носат следејќи го него. Неговите зборови, иако нејасно сфатени, на учениците им укажувале на нивното прифаќање на најтешкото понижување понижување дури до смрт заради Христа. Зборовите на Спасителот не можеле поцелосно да ја опишат самопреданоста. Меѓутоа, Тој сето тоа го прифатил за нив. Исус не го сметал небото за место што би го посакале ние да бидеме загубени. Тој ги напуштил небесните дворови и прифатил живот на подбив, навреди и понижувачка смрт. Тој, кој имал непроценливо богатство на небото, станал сиромашен, за ние да се збогатиме со неговото сиромаштво. Ние треба да одиме по патеката по која одел Тој. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest