Во предворјето на храмот (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Оние што ја обработуваат земјата, оваа слика секогаш ја имаат пред себе. Од година во година човекот ја чува својата резерва на пченица со тоа што привидно го фрла најодбраниот дел. Извесно време таа мора да остане скриена под браздата, Господ да ја надгледува. Тогаш се појавува стебленце, па клас, а потоа зрно во класот. Но овој развој не може да се постигне сè додека зрното не се закопа и не се скрие од погледите и додека навидум не биде загубено.

Семето закопано во земјата донесува плод, а овој пак се сее. На тој начин жетвата се умножува. Така и Христовата смрт на крстот на Голгота ќе донесе плод за живот вечен. Тоа длабоко размислување за оваа жртва ќе биде слава за оние кои, како нејзин плод, ќе живеат низ сета вечност.

Пченичното зрно, што го чува својот живот, не може да донесе никаков плод. Тоа останува само. Кога би одбрал да постапи така, Христос би можел да се спаси од смртта. Но, кога би постапил така, Тој би морал да остане сам. Не би можел да му ги доведе на Бога неговите синови и ќерки. Само со откажување од својот живот можел да му даде живот на човечкиот род. Единствено ако падне на земјата и ако умре, ќе може да стане семе за таа голема жетва за тоа големо мноштво од секое племе, колено, јазик и народ, кои се откупени за Бога.

Со оваа вистина Христос ја поврзува поуката за самопожртвуваноста што треба да ја научиме сите: „Кој го љуби својот живот, ќе го загуби, а кој го мрази својот живот на овој свет ќе го запази за вечен живот.“ Сите што ќе донесат род како соработници со Христа, ќе мора најпрво да паднат во земјата и да умрат. Животот мора да се фрли во браздата на потребите на овој свет. Самољубието, саможивоста, мора да умрат. Законот на самопожртвуваноста е закон на самоодржувањето. Земјоделецот ја чува својата пченица со тоа што ја фрла. Така е и со човечкиот живот. Да се дава значи да се живее. Животот што сакаме да го сочуваме е живот што доброволно го даваме во служба на Бога и на човекот. Оние што во овој свет го жртвуваат својот живот заради Христа, ќе го сочуваат за вечен живот.

Животот поминат во служење себеси е како зрното што ќе се изеде. Тоа исчезнува, но не се умножува. Човекот може да собере за себе сè што му е достапно, може да живее, да размислува и да планира за себе, но неговиот живот поминува, а тој останува без ништо. Законот на служењето себеси е закон на самоуништување.

„Оној што ми служи мене“, рекол Исус, „нека ме следи мене, и каде што ќе бидам јас, таму ќе биде и мојот слуга. Оној што ми служи мене, него ќе го почитува Отецот.“ Сите што го носеле со Исуса крстот на жртвата, ќе бидат со него учесници во неговата слава. Во своето понижување и во својата болка Христос се радувал што неговите ученици ќе бидат прославени со него. Тие се плод на неговата самопожртвуваност. Негова награда и негова радост низ сета вечност ќе бидат неговиот карактер и неговиот дух остварени во нив. Оваа радост што ја делат со него, како плод на својот труд и жртва, се гледа во срцето и во животот на другите. Тие се Христови соработници и Отецот ќе ги почитува како што го почитува својот Син.

Веста за Грците што го најавувала собирањето на незнабошците го потсетила Исуса на неговата целокупна мисија. Пред очи му се појавило делото на откупувањето од времето кога на небото е направен нацрт, па сè до смртта што сега била толку близу. Божјиот Син како да го обвил таинствен облак. Неговата темнина ја почувствувале оние што му биле близу. Седел длабоко замислен. Најпосле тишината ја прекинал неговиот жалосен глас: „Еве, мојата душа е вознемирена, и што да кажам: Оче, избави ме од овој час?“ Веќе однапред Христос ја испивал чашата на горчината. Неговата човечка природа се повлекла пред часот во кој ќе биде напуштен, кога привидно ќе го остави дури и сам Бог, кога сите ќе го гледаат ранет, биен од Бога и мачен. Затреперил од изложувањето пред јавноста, од тоа што со него ќе се постапува како со најлош престапник, од срамната и нечесна смрт. Насетувањето на судирот со силите на темнината, свеста за страшниот товар на човечките престапи и гневот на Отецот поради гревот, сториле на Исуса да му падне духот и на лицето да му се разлее смртно бледило.

Потоа настапило божествено прифаќање на волјата на Отецот. „Па заради тоа“, рекол Тој, „и дојдов до овој час. Оче, прослави го името свое.“ Само со Христовата смрт ќе може да се уништи царството на сатаната. Само на тој начин човекот може да биде откупен, а Бог прославен. Исус ги прифатил смртните маки, Тој ја прифатил жртвата. Небесното Величество се согласило да страда како носител на гревовите. „Оче, прослави го името свое!“, рекол. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest