Во Капернаум (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Пораките на милоста ги сторил разновидни за да одговараат на неговите слушатели. Знаел да му „проговори згоден збор на уморниот“ (Исаија 50,4), зашто од неговите усни течела милост за да може на луѓето на најпривлечен начин да им ги пренесе богатствата на вистината. Бил тактичен во соочувањето со умовите полни со предрасуди, изненадувајќи ги со сликовити споредби што го привлекувале нивното внимание. Со помош на мечтата допирал до срцата. Неговите сликовити прикази биле земени од секојдневниот живот па, иако едноставни, имале чудесна длабина на значењето. Птиците во воздухот, криновите во полето, семето, пастирот и овците со овие поими Христос ги прикажал вечните вистини; и секојпат кога неговите слушатели потоа имале можност да ги видат овие појави во природата, си спомнувале за неговите зборови. Христовите сликовити прикажувања постојано ги повторувале неговите поуки.

Христос никогаш не им ласкал на луѓето. Никогаш не зборувал за она што би поттикнало кај луѓето склоности кон илузии и вообразба, ниту ги фалел поради нивните остроумни пронајдоци; но длабоките мислители без предрасуди го прифатиле неговото учење и утврдиле дека тоа ја мери нивната мудрост. Ѝ се восхитувале на духовната вистина изразена со наједноставен јазик. Најобразованите биле восхитени со неговите зборови, а на необразованите секогаш им биле од полза. Имал вест за неучените, па дури и незнабошците ги уверил дека Тој има вест за нив.

Со исцелувачкиот допир неговото нежно сочувство се спуштало врз уморните и ујадени срца. Дури и среде развластеноста на лутите непријатели бил опкружен со атмосфера на мир. Убавината на неговата појава, милноста на неговиот карактер, а над сè љубовта изразена во погледот и во бојата на гласот, ги привлекувале кон него сите што не биле окоравени со неверство. Кога не би бил благ, со сочувствителен дух што зрачел од секој поглед и збор, Тој не би успеал да привлече толку големо мноштво. Оние што страдале и доаѓале кај него,почувствувале дека својот интерес го поврзал со нивниот како верен и нежен пријател, па сакале да дознаат повеќе за вистините што ги изнесувал Тој. Небото се наведнало над земјата. Копнееле да бидат во негово присуство, со цел утехата на неговата љубов да може постојано да биде со нив.

Исус мошне внимателно ја забележувал промената во изразот на лицата на своите слушатели. Се радувал за сите што покажувале интерес и задоволство. Спасителот бил среќен кога стрелите на вистината допреле до душата, кршејќи ги пречките на себичноста, поттикнувајќи покајание и на крај благодарност. Кога преминувал со погледот низ мноштвото слушатели и ги препознал луѓето што ги видел порано, неговото лице се озарило со радост. Кај нив видел идни следбеници на своето царство. Кога јасно искажаната вистина допрела некој љубоморно чуван идол, забележувал промена на лицето студен, непривлечен поглед што зборувал дека светлината не е добредојдена. Кога видел дека луѓето ја отфрлаат веста на мирот, срцето му било длабоко рането.

Во синагогата Исус зборувал за царството што дошол да го основе и за својата задача да ги ослободи робовите на сатаната. Бил прекинат со крик на ужас. Еден умоболен истрчал меѓу луѓето извикнувајќи: „Што имаме ние со тебе, Исусе Назареќанецу? Дојде ли да нè погубиш? Знам кој си ти, Божји светец“ (Марко 1,24).

Настанал општ метеж и забуна. Народот го одвратил вниманието од Христа и од неговите зборови. Тоа била целта на сатаната заради која ја довел својата жртва во синагогата. Меѓутоа, Исус го укорил демонот, велејќи: „Молкни и излези од него. И нечистиот дух го стресе, извика со силен глас и излезе од него.“

Сатаната го затемнил умот на овој страдалник, но во Христово присуство, во мракот проникнал зрак на светлина. Кај него се разбудил копнеж за ослободување од власта на сатаната, но лошиот дух ѝ се опирал на Христовата сила. Кога човекот се обидел да му се обрати на Христа за помош, лошиот дух ставил зборови во неговата уста и тој извикнал со длабоко душевно страдање и страв. Опседнатиот од зол дух делумно сфатил дека се наоѓа во присуство на Оној што може да го ослободи, но кога се обидел да ја пофати таа силна рака, го задржала друга волја и зборови на друг нашле свој израз. Судирот меѓу сатанската сила и неговиот личен копнеж за слобода бил страшен. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest