Витезда и Синедрионот (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Откако бил исцелен, фатениот човек се наведнал да ја подигне постелата, всушност само една простирка и ќебе, а кога се исправил со чувство на восхит, го барал околу себе својот Ослободител, но Исус исчезнал среде мноштвото. Човекот се плашел дека нема да го препознае ако го види повторно. Додека брзал по својот пат, со цврст, слободен чекор, фалејќи го Бога и радувајќи ѝ се на својата нова сила, сретнал некои фарисеи и веднаш им раскажал за своето исцелување. Бил изненаден со студенилото со кое го слушале неговото излагање.

Намрштени го прекинале со прашање зошто својата постела ја носи во саботен ден. Строго го потсетиле дека не е во согласност со законот да носи товар во Господовиот ден. Во својата радост човекот заборавил дека била сабота, па сепак не чувствувал никаква осуда, зашто ја послушал наредбата на Оној што имал таква сила од Бога. Храбро одговорил: „Оној кој ме исцели, ми рече: ‘Земи си ја рогозината и оди си.’“ Го прашале кој го сторил тоа, но тој не можел да одговори. Овие поглавари добро знаеле дека само Еден бил способен да го стори ова чудо; но сакале вистински доказ дека тоа бил Исус, за да можат да го обвинат како прекршител на саботата. Според нивното расудување, Тој не само што го прекршил законот со тоа што го исцелил болниот човек во сабота, туку сторил светогрдие наложувајќи му да ја понесе својата постела.

Евреите во толкава мера го изопачиле законот, што од него направиле ропски јарем. Нивните бесмислени барања станале пословични меѓу другите народи. Особено саботата била оградена со секојдневни бесмислени ограничувања. Таа за нив не била радост, светиња на Господа и славна. Закониците и фарисеите од нејзиното празнување создале неподнослив товар. На Евреинот не му било дозволено да запали оган, па дури ни да запали свеќа во сабота. Според тоа, народот зависел од незнабошците за многу услуги што нивните правила забранувале самите да ги прават во сабота. Не размислувале дека, ако тие дела се грешни, тогаш и оние што бараат други да им сторат услуга исто толку се виновни како самите да ја свршиле таа работа. Сметале дека спасението е ограничено само на Евреите и дека состојбата на сите други, бидејќи е веќе безнадежна, не може да биде полоша. Меѓутоа, Бог не дал ниедна заповед што не би можеле да ја послушаат сите. Неговите закони не одобруваат неразумни или себични ограничувања.

Во храмот Исус го сретнал човекот што го излекувал. Тој дошол да принесе жртва за гревот, а и благодарна жртва за големата милост што ја примил. Наоѓајќи го меѓу верниците, Исус му се открил со зборови: „Еве, сега си здрав и не греши повеќе за да не те снајде нешто полошо.“

Излекуваниот човек бил пресреќен кога го сретнал својот Ослободител. Не знаејќи за непријателството кон Исуса, им рекол на фарисеите што го испитувале дека Тој го исцелил. „И затоа Евреите го осудија Исуса бидејќи тоа го стори во сабота.“

Исус бил обвинет и изведен пред Синедрионот да одговара поради наводно кршење на саботата. Кога Евреите во тоа време би биле независен народ, тоа обвинување би го искористиле да ја остварат својата намера ­ да го убијат. Но тоа не можеле да го сторат затоа што биле под власт на Римјаните. Евреите немале право да досудат смртна казна, а обвинувањата изнесени против Христа не биле полноважни пред римскиот суд. Меѓутоа, тие имале и други цели што сакале да ги постигнат. Наспроти нивните напори да го осуетат неговото дело, Христос, дури и во Ерусалим стекнал поголемо влијание кај народот од нивното. Мноштвото, што не го интересирале сувопарните говори на рабините, било привлечено од неговото учење. Можеле да ги разберат неговите зборови и нивните срца биле загреани и утешени. Бога го претставил не како одмаздлив судија, туку како нежен татко, откривајќи го Божјиот лик онака како што се видел во самиот него. Неговите зборови биле мелем за ранетата душа. Со своите зборови и дела на милосрдие ја кршел суровата моќ на старите традиции и на човечките заповеди и ја изнесувал Божјата љубов во нејзината неисцрпна полнота.

Во едно од најраните пророштва за Христа е запишано: „Царскиот жезол нема да се оддели од Јуда, ниту палката владеачка ќе се оддалечи од неговите нозе додека не дојде Оној на кого му припаѓа ­ на кого ќе му се поклонат народите“ (1. Мојсеева 49,10). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest