Витезда и Синедрионот (шестти дел)

(продолжува од претходниот ден) А Бог „му даде и власт да суди, зашто е Син човечки“. Затоа што го вкусил вистинскиот талог на човечката беда и искушение и затоа што ги сфаќа слабостите и гревовите на луѓето, затоа што храбро им се противставил на сатанските искушенија наместо нас и што ќе постапува праведно и нежно со душите што се спасени со неговата пролеана крв ­ поради сето ова Синот човечки е одреден да го спроведе судот.

Меѓутоа, Христова задача не била да суди, туку да даде спасение. „Бог не го прати својот Син на светот да му суди на светот, туку светот да се спаси преку него“ (Јован 3,17). Пред Синедрионот Исус изјавил: „Кој ја слуша мојата реч и верува во Оној кој ме прати, има живот вечен и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот“ (Јован 5,24).

Повикувајќи ги своите слушатели да не се чудат, Христос пред нив уште пошироко ја открил тајната на иднината. „Иде часот“, рекол Тој, „кога сите што почиваат во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат од нив: кои правеле добро ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осуда“ (Јован 5,28.29).

Оваа сигурност во идниот живот Израел долго ја очекувал и се надевал дека ќе ја добие при доаѓањето на Месија. Сега нив ги осветлила единствената светлина што може да ја осветли темнината на гробот. Самоволието е слепо. Исус ги повредил преданијата на рабините и не се обѕирал на нивниот авторитет и затоа тие не сакале да веруваат.

Времето, местото, околностите, силата на чувствата што го обзела собирот ­ сето тоа се обединило Христовите зборови пред Синедрионот да ги стори уште повлијателни. Највисоката верска власт на целиот народ го барала животот на Оној што се претставил како Обновител на Израел. Господарот на саботата бил изведен пред земен суд, обвинет за кршење на законот за саботата. Кога толку бестрашно ја извршувал својата мисија, неговите судии го набљудувале вчудовидени и бесни; меѓутоа, не можеле да одговорат на неговите зборови.

Тие не можеле да го осудат. Го негирал правото на свештениците и рабините да го сослушуваат или да се мешаат во неговата работа. Тие не добиле такво овластување. Нивните тврдења се темелеле на нивната горделивост и безобѕирност. Тој одбил да ја признае вината за која го обвинувале, ниту пак дозволил тие да го поучаваат за верата.

Наместо да се извини за делото за кое го обвиниле или да ја објаснува причината за својата постапка, Исус им се противставил на поглаварите и обвинетиот станал тужител. Ги укорил поради тврдоста на нивното срце и поради непознавањето на светите списи. Изјавил дека, отфрлајќи го него, кого што го пратил Бог, всушност ја отфрлиле Божјата реч. „Вие ги проучувате Писмата, зашто мислите дека во нив имате живот вечен; и токму тие сведочат за мене“ (Јован 5,39).

Секоја страница на историјата, или на прописите, или на пророштвата на старозаветните списи, била осветлена со славата на Божјиот Син. Толку колку што бил божествена установа, целокупниот систем на јудаизмот бил единствено пророштво на радосната вест. За Христа „сведочат сите пророци“ (Дела 10,43). Од ветувањето дадено на Адама, преку низа патријарси и преку Мојсеевиот закон, величествената небесна светлина ги сторила јасни трагите на стапалките на Откупителот. Пророците ја гледале витлеемската Ѕвезда ­ Шило (на кого му припаѓа владеачката палка) ­ што треба да дојде, додека пред нив се одвивале идните настани во својот таинствен ток. Христовата смрт е прикажана во секоја жртва. Во секој облак од темјанот се издигнувала неговата праведност. Секоја труба на прошталната година го огласувала неговото име. Во длабоко впечатливата тајна на светињата над светињите почивала неговата слава.

Евреите ги поседувале светите списи и претпоставувале дека само со формално познавање на нивните зборови имаат вечен живот. Меѓутоа, Исус рекол: „Неговите зборови не остануваат во вас.“ Отфрлајќи го Христа во неговата Реч, го отфрлиле и како личност. „Вие не сакате да дојдете кај мене“, рекол Тој, „за да имате живот“.

Еврејските водачи ги проучувале пророчките учења за царството на Месија, но тоа го правеле не со искрена желба да ја дознаат вистината, туку со намера да пронајдат доказ што ќе ги поддржи нивните славољубиви надежи. Кога Христос дошол на начин што бил спротивен на нивните очекувања, не го примиле, а за да се оправдаат себеси, се обиделе да го прикажат како измамник. Кога еднаш стапиле на таа патека, на сатаната му било лесно да го засилува нивното противење против Христа. Истите зборови што требало да бидат примени како доказ за неговото божество, биле протолкувани против него. Така тие Божјата вистина ја претвориле во лага и колку повеќе Спасителот понепосредно им зборувал за своите дела на милоста, сè порешително ја отфрлале таа светлина. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest