Витезда и Синедрионот (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Исус рекол: „Јас слава не примам од луѓе.“ Тој не го сакал влијанието на Синедрионот, ниту негово одобрување. Од нивното признавање не можел да прими никаква почест. Бил облечен во небесна чест и власт. Кога би сакал, ангелите би дошле да му оддадат почит; Отецот пак би го посведочил неговото божество. Меѓутоа, заради самите нив, заради народот чиишто водачи биле тие, сакал еврејските поглавари да го препознаат неговиот карактер и да ги примат благословите што им ги донел.

„Јас дојдов во име на мојот Отец, и не ме примате. Ако дојде друг во свое име, него ќе го примите.“ Исус дошол со Божје овластување, носејќи го неговиот лик, исполнувајќи ја неговата реч, и барајќи ја неговата слава; па сепак, водачите во Израел не го прифатиле. Меѓутоа, кога би дошле други, присвојувајќи го Христовиот карактер, работејќи по своја волја и барајќи сопствена слава, тие би го примиле. Зошто? Затоа што оној што бара сопствена слава го привлекува желбата за самоизвишување и потврда пред другите. Евреите можеле да прифатат такви повици. Тие би прифатиле лажен учител затоа што тој би ја поттикнувал нивната гордост, одобрувајќи ги нивните мислења и преданија што ги негувале. Но Христовото учење не се совпаѓало со нивните претстави. Тоа било духовно и барало лично жртвување, и затоа не го примиле. Тие не го познавале Бога и Божјиот глас преку Христа бил глас на туѓинец.

Зар истото тоа не се повторува во наше време? Зар нема многу такви, дури и верски водачи, чиишто срца толку се стврднале против Светиот Дух, што не можат веќе да го препознаат Божјиот глас? Зар тие не ја отфрлаат Божјата реч за да ги одржат своите сопствени преданија?

„Ако му верувавте на Мојсеја“, рекол Исус, „ќе ми верувавте и мене, зашто тој пишуваше за мене. Но ако не им верувате на неговите списи, како ќе им верувате на моите зборови?“ Исус бил Тој кој на Израел му зборувал преку Мојсеја. Кога би го слушале божествениот глас, кој зборувал преку нивниот голем водач, тие него би го препознале во Христовото учење. Кога би му верувале на Мојсеја, би му верувале и нему, за кого пишувал Мојсеј.

Исус знаел дека свештениците и рабините биле решени да му го одземат животот; па сепак, Тој јасно им ја протолкувал својата заедница со Отецот и својот однос спрема светот. Виделе дека нивното противење против него немало никакво оправдување, а сепак не ја задушиле својата убиствена омраза. Страв ги обзел додека биле сведоци за убедливата сила што ја придружувала неговата работа, но се оглушиле на неговите повици и самите себеси се затвориле во темнина.

Тие доживеале целосен неуспех во поткопувањето на Исусовиот авторитет, а и во настојувањето да го одвратат почитувањето и вниманието на луѓето од кои мнозина биле уверени со неговите зборови. И самите поглавари чувствувале длабока осуда додека Тој ја осведочувал нивната совест за нивната вина. Сепак тоа уште повеќе ги огорчувало против него. Решиле да го убијат. Пратиле весници низ сета земја да го предупредуваат народот против Исуса како измамник. Биле пратени притајувачи да демнат над него и да известуваат за тоа што зборува и што работи. Сега нашиот мил Спасител најсигурно стоел под сенката на крстот.

„Да не се вознемирува вашето срце“ (шести дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (петти дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (четврти дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (трет дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (втор дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (прв дел)
„За мој спомен“ (четврти дел)
„За мој спомен“ (трет дел)
„За мој спомен“ (втор дел)
„За мој спомен“ (прв дел)

Pin It on Pinterest