Витезда и Синедрионот (прв дел)

„Во Ерусалим, кај Овчата Порта, има бања со пет тремови, на еврејски наречена Витезда. Под нив лежеа мнозина болни, слепи, улогави и исушени, кои чекаа да се разбрани водата.“

Во одредено време водите во оваа бања би се заматиле, а постоело општо верување дека тоа се случува под дејство на натприродна сила, па оној што ќе влезе во водата кога таа ќе се замати, ќе оздрави, без разлика од каква болест боледува. Ова место го посетувале стотици болни, но кога водата ќе се заматела, турканицата станувала толку голема што масата, брзајќи напред, ги газела послабите мажи, жени и деца. Мнозина и не можеле да се доближат до бањата. Други, што успевале да се доближат, умирале на нејзиниот раб. Околу ова место биле подигнати засолништа кои ги штителе болните од дневните горештини и од студот ноќе. Имало и такви што ги поминувале ноќите под овие тремови, од ден на ден ползејќи до работ на базенот, попусто надевајќи се дека ќе оздрават.

Исус пак се наоѓал во Ерусалим. Додека одел сам, можело да се види дека размислува и дека се моли. Дошол во бањата. Ги видел несреќните болни како го чекаат она што ­ според нивно мислење ­ била единствена можност за оздравување. Сакал да ја покаже својата исцелувачка сила и на секој болен да му го врати здравјето. Но бил саботен ден. Мноштво луѓе оделе во храмот на богослужение, па знаел дека таквото дело на исцелување би поттикнало предрасуди кај Евреите и прерано би ја запрело неговата работа.

Меѓутоа, Спасителот видел сцена на крајна беда. Тука бил случај на еден човек улогав и беспомошен триесет и осум години. Неговата болест во голема мера била резултат на неговиот грев и неа ја гледале како Божја казна. Сам и без пријатели, чувствувајќи дека е исклучен од Божјата милост, овој болен долги години страдал. Во миговите кога се очекувало водата да се замати, оние што би биле трогнати со неговата беспомошност би го донеле до тремовите. Но, во решавачкиот миг немало никого да му помогне. Го гледал бранувањето на водата, но никогаш не можел да дојде поблизу од работ на базенот. Други, посилни, би се нурнале пред него. Не можел успешно да се бори со себичната толпа што се грабела. Неговите истрајни напори кон единствената цел, неговата грижа и постојаното разочарување бргу го исцрпувале остатокот на неговата сила.

Болниот човек лежел на рогозина и од време на време ја подигал главата да го набљудува базенот, кога наеднаш, едно нежно лице, полно со сочувство, се наведнало над него, а зборовите: „Сакаш ли да бидеш здрав?“, го привлекле неговото внимание. Во неговото срце се родила надеж. Чувствувал дека на некој начин ќе добие помош. Меѓутоа, радоста бргу исчезнала. Се сетил колку пати се обидувал да стигне до базенот и дека сега има малку надеж оти ќе преживее додека водата повторно не се замати. Уморно се свртел и рекол: „Да, Господине, но немам човек да ме спушти во бањата кога ќе се замати водата, а додека јас да дојдам, друг слегува пред мене.“

Исус не барал од овој страдалник да покаже вера во него. Едноставно му рекол: „Стани, земи си ја рогозината и оди си.“ Меѓутоа, верата на овој човек се фатила за тој збор. Секој нерв и мускул затреперил со нов живот, а низ неговите парализирани органи проструило здравје. Без колебање ја активирал својата волја да ја послуша Исусовата наредба и сите негови мускули одговориле на неа. Скокнувајќи на нозе, утврдил дека станал човек полн со сила. Исус не му дал никакво ветување за божествена помош. Човекот можел да се посомнева и да ја загуби единствената прилика за оздравување. Но му верувал на Христовиот збор и, постапувајќи така, добил сила.

Со истата вера и ние можеме да примиме духовно исцелување. Поради гревот сме се одвоиле од животот во Бога. Нашите души се болни од парализа. Сами не сме во состојба да живееме свет живот повеќе отколку немоќниот човек да оди. Мнозина ја сфаќаат својата беспомошност и копнеат за таков духовен живот што ќе ги доведе во хармонија со Бога, но попусто се трудат да го постигнат. Во очај тие викаат: „Јас несреќен човек! Кој ќе ме избави од ова смртно тело?“ (Римјаните 7,24). Овие безнадежни луѓе што се борат нека погледнат горе. Спасителот се наведнува над оние што ги откупил со својата крв, прашувајќи ги со неискажлива нежност и сожалување: „Сакаш ли да бидеш здрав?“ Тој ве повикува да станете здрави и спокојни. Не чекајте да почувствувате дека сте исцелени. Верувајте му на неговиот збор и Тој ќе се исполни. Својата волја ставете ја на Христова страна. Одлучете да му служите и, живеејќи според неговата Реч, ќе примите сила. Колку и да е лоша навиката и голема страста што со долгото попуштање ги врзала и душата и телото, Христос може да ги одврзе. Тој копнее да ги ослободи. Тој ќе ѝ даде живот на душата која е мртва поради „своите престапи“ (Ефесците 2,1). Тој ќе го ослободи робот што го држат слабостите, несреќите и синџирите на гревот. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest