Урнати огради (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Жената го изнесувала својот случај со уште поголема сериозност, паѓајќи пред неговите нозе и викајќи: „Господе, помогни ми!“ Исус, сè уште очигледно отфрлајќи ги нејзините молби во сообразност со бесчувствителните еврејски предрасуди, одговорил: „Не е убаво да се земе лебот од децата и да им се фрли на кучињата.“ Тоа всушност била изјава дека не е праведно благословите, доделени на Божјиот омилен народ, да се растураат и да им се даваат на странците и туѓинците во Израел. Овој одговор потполно би го обесхрабрил некој помалку упорен молител. Меѓутоа, жената увидела дека настапила нејзината прилика. Под очигледното Исусово отфрлање видела сомилост што Тој не можел да ја скрие. „Да, Господе“, одговорила, „но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“ Додека децата во домот јадат на татковата трпеза, тогаш и кучињата не остануваат ненахранети. Тие имаат право на трошките што обилно паѓаат од трпезите. Затоа, во изобилството благослови, дадени на Израел, зар не постои и еден благослов за неа? Неа ја сметале за куче, па зар тогаш таа нема право како куче на една трошка од неговото изобилство?

Исус пред малку го напуштил своето поле на работа затоа што закониците и фарисеите настојувале да го убијат. Мрмореле и се плачеле. Покажувале неверство и горчина и го одбиле спасението што толку широкоградо им се нудело. Овде Христос сретнал една жена од несреќниот и презрен народ која немала предност да ја прими светлината на Божјата реч; но сепак таа веднаш го прифатила Христовото влијание и покажала цврста вера во неговата способност да ѝ ја прими молбата. Таа молела за трошките што паѓаат од трпезата на Стопанот. Ако може да го добие предимството на едно куче, таа е готова да ја сметаат за куче. Не поседувала народни и верски предрасуди или горделивост што би влијаеле врз нејзиното однесување и веднаш го признала Исуса како Откупител и како Оној што е во состојба да стори сè што бара од него.

Спасителот бил задоволен. Тој ја измерил нејзината вера во себе. Со своето постапување кон неа покажал дека таа, која е отфрлена од Израел, не е повеќе туѓинка, туку дете на Божјето семејство. Како дете има право на даровите на Отецот. Христос сега го исполнува нејзиното барање и ја завршува поуката за учениците. Свртувајќи се кон неа со израз на сожалување и љубов, рекол: „О жено, голема е твојата вера. Нека ти биде како што посакуваш.“ Од тој миг нејзината ќерка оздравела. Лошиот дух не ја вознемирувал веќе. Жената се оддалечила, признавајќи го својот Спасител, среќна што е примена нејзината молитва.

Тоа било единствено чудо што го направил Исус додека бил на овој пат. Дошол до границите на Тир и Сидон за да го изврши ова дело. Сакал да ѝ помогне на ујадената жена, исто времено оставајќи пример со своето дело на милоста кон припадник на презрениот народ за добро на своите ученици кога не ќе биде повеќе со нив. Сакал да ги оттргне од нивната еврејска исклучивост за да ја прифатат работата за другите надвор од нивниот сопствен народ.

Исус копнеел да ги открие длабоките тајни на вистината што биле со векови скриени, според кои незнабошците ќе бидат сонаследници со Евреите „и соучесници во ветувањето во Христа Исуса, преку евангелието“ (Ефесците 3,6). Оваа вистина учениците ја учеле бавно, и божествениот Учител поуките им ги давал постепено. Наградувајќи ја верата на капетанот во Капернаум и проповедајќи им го евангелието на жителите на Сихар, Тој веќе докажал дека не ја дели нетрпеливоста на Евреите. Меѓутоа, Самарјаните имале извесно знаење за Бога; а капетанот покажал љубезност кон Израел. Сега Исус ги довел учениците во допир со една незнабожица за која сметале дека нема никаква посилна причина од кој и да е од својот народ да очекува помош од него. Сакал да им даде пример како треба да постапуваат со таквото лице. Учениците сметале дека премногу дарежливо ги дели даровите на својата милост. Сакал да покаже дека неговата љубов не може да се ограничи на една раса или народ. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest